Матеј 16:1-28

16  И му пријдоа фарисеите+ и садукеите со намера да го искушаат, па побараа од него да им покаже знак од небото.+  А тој им рече: „[Кога ќе се свечери, имате обичај да речете: ‚Времето ќе биде убаво, зашто небото е црвено‘.  А наутро велите: ‚Денес ќе биде студено и дождливо време, зашто небото е црвено, но мрачно‘. Изгледот на небото умеете да го толкувате, а знаците на времињата не умеете да ги толкувате!]*+  Зло и прељубничко поколение постојано бара знак, но нема да му се даде друг знак,+ освен знакот на Јона“.+ Тогаш си замина и ги остави.+  Учениците преминаа на другата страна, но заборавија да си понесат леб.+  А Исус им рече: „Бидете претпазливи, пазете се од квасецот на фарисеите и садукеите“.+  Затоа почнаа да се расправаат меѓу себе: „Тоа го вели затоа што не понесовме леб“.  А Исус, знаејќи го тоа, рече: „Зошто се расправате меѓу себе поради тоа што немате леб, маловерни?+  Зарем уште не сфаќате? Не се сеќавате ли на оние пет леба на пет илјади мажи, и колку кошници собравте?+ 10  Или на оние седум леба на четири илјади мажи, и колку кошници собравте?+ 11  Како не сфаќате дека не ви зборував за леб? Туку, чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите“.+ 12  Тогаш сфатија дека не им рече да се чуваат од лебниот квасец, туку од учењето+ на фарисеите и садукеите. 13  Кога дојде во пределите на Цезареја Филипова, Исус ги праша своите ученици: „Што велат луѓето, кој е Синот човечки?“+ 14  Тие одговорија: „Некои велат дека си Јован Крстител,+ други дека си Илија,+ а трети дека си Еремија или еден од пророците“. 15  Тогаш ги праша: „А вие, што велите вие, кој сум јас?“+ 16  Симон Петар одговори: „Ти си Христос,*+ Синот на живиот Бог“.+ 17  Тогаш Исус му рече: „Среќен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто телото и крвта не ти го открија тоа, туку мојот Татко кој е на небесата.+ 18  А јас тебе ти велам: ти си Петар.+ На оваа карпа*+ ќе го изградам своето собрание*‚ и портите на гробот*+ нема да го надвладеат.+ 19  Ќе ти ги дадам клучевите на царството небесно, па што и да врзеш на земјата, ќе биде одраз на она што веќе е врзано на небесата, и што и да разврзеш на земјата, ќе биде одраз на она што веќе е разврзано* на небесата“.+ 20  Тогаш строго им заповеда на учениците никому да не му кажуваат дека тој е Христос.+ 21  Оттогаш Исус Христос почна да им објаснува на своите ученици дека мора да оди во Ерусалим и многу да пострада од старешините, од главните свештеници и од книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне.+ 22  А Петар го тргна настрана и почна да го прекорува: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе!“+ 23  А тој, свртувајќи го грбот, му рече на Петар: „Бегај од мене, Сатано!+ Ти си ми камен за спрепнување, зашто твоите мисли не се Божји,+ туку човечки“. 24  Тогаш Исус им рече на своите ученици: „Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот маченички столб* и нека оди по мене.+ 25  Зашто, кој сака да си го спаси животот,* ќе го изгуби, а кој ќе го изгуби својот живот заради мене, ќе го најде.+ 26  Зашто, од каква корист му е на човекот ако го добие целиот свет, а го загуби животот?+ Или, што може да даде човек во замена+ за својот живот? 27  Зашто, на Синот човечки му е одредено да дојде во славата на својот Татко, со своите ангели, и тогаш ќе му врати секому според неговите дела.+ 28  Вистина, ви велам, некои од оние што стојат овде нема да вкусат смрт додека не го видат Синот човечки како доаѓа како цар“.+

Фусноти

Текстот во аглестите загради не се наоѓа во сите древни ракописи, туку само во некои.
Или: „Помазаник, Месија“. Види ја фуснотата за Мт 2:4.
Буквално: „адот“.
Изразот „собрание“ во библиските книги напишани на грчки може да се однесува: на целокупната христијанска заедница по светот (на пример во Мт 16:18; 1Ко 10:32), на групата христијани избрани за небесен живот (Ев 12:23), на заедницата од христијани во некој град или место (Де 8:1; 1Ко 1:2; От 1:11) или на група христијани кои одржуваат верски состаноци во приватна куќа (Ри 16:5; Фм 2). Тој е превод на грчкиот збор еклиси́а (еклезија), кој доаѓа од зборовите ек („од“) и кали́о („повика“), и означува група луѓе свикани на едно место. Спореди ја фуснотата за 2Мо 12:6.
На грчки, зборот „Петар“ (Пе́трос, што значи „камен, камена грамада, карпа“) е во машки род, а зборот „карпа“ (пе́тра, кој на ова место е во датив) е во женски род.
Буквално: „ќе биде врзано... ќе биде одврзано“. На грчки јазик, на овие две места се користи партицип перфект во пасив, кој укажува на дејство што му претходи на дејството изразено со прирокот (односно врзувањето и одврзувањето што го врши Петар).
Види го додатокот 8.
Буквално: „душата“.