Судиите 6:1-40

6  Потоа синовите на Израел пак почнаа да го прават она што е зло во Јеховини очи.+ Затоа Јехова ги предаде во рацете на Мадијамците+ за седум години.  И раката на Мадијам го надвладеа Израел.+ Поради Мадијамците, синовите на Израел си направија подземни складишта во планините и се засолнуваа по пештерите и на тешко проодни места.+  А кога Израелците ќе посееја семе,+ ќе дојдеа Мадијамците, Амаличаните+ и народи од Истокот+ и ќе ги нападнеа.  Ќе се улогореа на нивната земја и ќе го уништеа родот на земјата дури до Газа. Не оставаа во Израел ни храна, ни ситна стока, ни говеда ни магаре.+  И доаѓаа со својата стока и со своите шатори. Беа бројни како скакулците,+ им немаше број и на нив и на нивните камили.+ Доаѓаа во земјата за да ја опустошат.+  Така Израел падна во голема беда поради Мадијамците, и синовите на Израел почнаа да го повикуваат Јехова за помош.+  А кога синовите на Израел го повикаа Јехова за помош поради Мадијамците,+  Јехова им испрати на синовите на Израел еден човек, пророк,+ и им рече: „Вака вели Јехова, Богот на Израел: ‚Јас ве изведов од Египет+ и ве избавив од куќата на ропството.+  Ве избавив од египетската рака и од раката на сите ваши угнетувачи и ги истерав од пред вас, и ви ја дадов нивната земја.+ 10  И ви реков: „Јас сум Јехова, вашиот Бог.+ Не служете им на боговите на Аморејците+ во чија земја живеете!“+ Но вие не го послушавте мојот глас‘ “.+ 11  Потоа дојде Јеховин ангел+ и седна под големото стебло во Офра, кое му припаѓаше на Јоас од семејството на Авиезер.+ Неговиот син Гедеон+ чукаше пченица во винското гмечало за брзо да ја засолне од Мадијамците. 12  Тогаш Јеховиниот ангел му се покажа и му рече: „Јехова е со тебе,+ храбар јунаку!“ 13  А Гедеон му одговори: „Прости, господару, но ако Јехова е со нас, зошто нѐ снајде сето ова+ и каде се сите негови чудесни дела+ за кои ни раскажуваа нашите татковци,+ велејќи: ‚Не нѐ изведе ли Јехова од Египет?‘+ А сега Јехова нѐ напушти+ и нѐ предаде во рацете на Мадијамците“. 14  Тогаш Јехова се сврте кон него и рече: „Оди со таа своја сила+ и ќе го избавиш Израел од мадијамските раце!+ Не те испраќам ли јас?“+ 15  А тој му одговори: „Прости, Јехова. Со што ќе го избавам Израел?+ Еве, мојот род* е најслаб во Манасија, а јас сум најмал во куќата на татко ми“.+ 16  Но Јехова му рече: „Јас ќе бидам со тебе+ и затоа ќе ги поразиш Мадијамците+ како да се еден човек“. 17  Тогаш тој му одговори: „Ако сум нашол милост во твои очи,+ дај ми знак дека ти зборуваш со мене!+ 18  Те молам, не оди си оттука додека не се вратам кај тебе+ и не ти донесам дар и не го ставам пред тебе!“+ А тој му рече: „Ќе седам овде додека не се вратиш“. 19  Тогаш Гедеон отиде и приготви јаре+ и, од една ефа* брашно, замеси бесквасни лебови.+ Месото го стави во кошница, а чорбата во лонец, па тоа го донесе кај него под големото стебло и го послужи. 20  А ангелот на вистинскиот Бог му рече: „Земи ги месото и бесквасните лебови, па стави ги на оној голем камен,+ а чорбата истури ја!“ И така направи. 21  Тогаш Јеховиниот ангел го испружи врвот од стапот што му беше во раката и ги допре месото и бесквасните лебови. И пламна оган од каменот и ги изгоре месото и бесквасните лебови.+А Јеховиниот ангел исчезна од пред неговите очи. 22  Тогаш Гедеон сфати дека тоа беше Јеховин ангел.+ И рече: „Леле, Севишен Господару Јехова! Го видов твојот ангел лице в лице, Јехова!“+ 23  А Јехова му одговори: „Мир да имаш.+ Не плаши се.+ Нема да умреш“.+ 24  И Гедеон му изгради таму на Јехова жртвеник,+ кој до ден-денес го носи името+ Јехова-Шалом.* Уште стои во Офра,+ која му припаѓа на семејството на Авиезер. 25  Таа ноќ Јехова му рече: „Земи од татко ти уште еден јунец,* седумгодишен, и разурни го жртвеникот на Ваал+ што го има татко ти и исечи го обредниот дирек* што е покрај него.+ 26  И изгради му жртвеник на Јехова, својот Бог, на врвот од оваа тврдина, редејќи ги камењата во редови, па земи го оној јунец* и принеси го како жртва паленица на дрвата од обредниот дирек што ќе го исечеш!“ 27  Тогаш Гедеон зеде десет луѓе од своите слуги и направи како што му рече Јехова.+ Но, бидејќи се плашеше од домот на својот татко и од луѓето од градот, не го направи тоа дење, туку ноќе.+ 28  Утредента, кога луѓето од градот, според својот обичај, станаа рано, гледај, жртвеникот на Ваал беше разурнат и обредниот дирек+ покрај него беше исечен, а јунецот беше принесен на новиот жртвеник. 29  И се прашуваа едни со други: „Кој го направил ова?“ И почнаа да се распрашуваат и да бараат. На крајот рекоа: „Гедеон, синот на Јоас, го направил ова“. 30  Тогаш луѓето од градот му рекоа на Јоас: „Изведи го син ти за да умре,+ зашто го разурна жртвеникот на Ваал и го исече обредниот дирек што беше покрај него!“ 31  А на сите што станаа против него,+ Јоас+ им рече: „Зар вие ќе го браните Ваал? Зар вие ќе го спасите? Оној што го брани, нека биде погубен уште ова утро.+ Ако е тој вистинскиот бог,+ сам нека се брани,+ зашто неговиот жртвеник некој го разурнал!“ 32  И во тој ден, Гедеон го нарекоа Јероваал,*+ велејќи: „Ваал сам нека се брани, зашто неговиот жртвеник некој го разурнал!“+ 33  А сите Мадијамци,+ Амаличани+ и народите од Исток+ се собраа како еден,+ преминаа во језраелската долина+ и се улогорија во неа. 34  И Јеховиниот дух+ го обзеде Гедеон, така што тој затруби во рогот,+ и семејството на Авиезер+ се собра околу него. 35  И испрати гласници+ по целото племе на Манасија, па и тоа се собра околу него. Испрати гласници и по племето на Асер, на Завулон и на Нефталим, па и тие му тргнаа во пресрет. 36  Тогаш Гедеон му рече на вистинскиот Бог: „Ако го избавиш Израел со мојава рака, како што вети,+ 37  еве, ќе оставам руно на гумното. Ако има роса само на руното, а сета земја остане сува, тогаш ќе знам дека ќе го избавиш Израел со мојава рака, како што вети“. 38  Така и беше. Кога стана рано утредента, исцеди од руното доволно роса за да наполни еден голем сад. 39  Но Гедеон му рече на вистинскиот Бог: „Не пламнувај од гнев против мене, туку дозволи ми да прозборам уште еднаш! Дозволи ми, те молам, само уште еднаш да проверам што ќе биде со руното! Те молам, само руното нека биде суво, а по сета земја нека има роса!“ 40  И Бог направи така во таа ноќ. Само руното остана суво, а по сета земја имаше роса.

Фусноти

Буквално: „мојата илјада“.
Една ефа е 22 литри. Види го додатокот 13.
„Јехова-Шалом“ значи „Јехова е мир“.
Буквално: „друг јунец“.
Или: „ашерот“.
Буквално: „другиот јунец“.
„Јероваал“ значи „Ваал нека се брани“.