Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРАШАЊЕ 2

Дали навистина постои едноставна форма на живот?

Нашето тело е составено од над 200 различни видови клетки. Дали е можно тие навистина да настанале случајно?

Дали навистина постои едноставна форма на живот?

Твоето тело е една од најсложените структури во универзумот. Тоа е составено од околу сто билиони ситни клетки — коскени клетки, крвни клетки, мозочни клетки и многу други.7 Всушност, во твоето тело има повеќе од 200 различни видови клетки.8

И покрај неверојатната разноликост во формата и во функцијата што ја вршат, твоите клетки формираат една сложена и беспрекорно поврзана мрежа. Во споредба со неа, интернетот, иако има милиони компјутери и кабли за брз пренос на податоци, е бавен и неефикасен. Ниту еден човечки изум ја нема техничката генијалност која може да се забележи дури и во наједноставните клетки. Како настанале клетките од кои е составено човечкото тело?

Што тврдат многу научници? Сите живи клетки спаѓаат во две главни категории — клетки со јадро и клетки без јадро. Човечките, животинските и растителните клетки имаат јадро. Клетките на бактериите немаат јадро. Клетките со јадро се наречени еукариотски клетки, а оние што немаат јадро се познати како прокариотски. Бидејќи прокариотските клетки во одредена мера се поедноставни од еукариотските, многумина веруваат дека животинските и растителните клетки мора да еволуирале од бактериски клетки.

Всушност, многумина го застапуваат гледиштето дека во текот на милиони години, некои „едноставни“ прокариотски клетки проголтувале други клетки, но не ги разградувале. Според таа теорија, „природата“ нашла начин не само да направи коренити промени во функцијата на проголтаните клетки туку и да ги зачува приспособените клетки внатре во клетката „домаќин“ при нејзината делба.9 a

Што вели Библијата? Библијата ни кажува дека животот на Земјата е производ на интелигентен ум. Во неа е запишана следнава јасна и логична изјава: „Зашто, секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (Евреите 3:4). На друго место во Библијата, во врска со Бог пишува: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби... се движат животни без број, суштества мали и големи“ (Псалм 104:24, 25).

Дали е можно дури и една „едноставна“ клетка навистина да настанала од неживи хемиски соединенија?

Што откриваат доказите? Благодарение на напредокот во микробиологијата, човекот успеал да продре во восхитувачката внатрешност на наједноставните познати живи прокариотски клетки. Научниците кои ја застапуваат теоријата на еволуција претпоставуваат дека првите живи клетки мора да изгледале слично како денешните едноставни прокариотски клетки.10

Доколку теоријата на еволуција е вистинита, тогаш треба да понуди уверливо објаснување за тоа како првата „едноставна“ клетка настанала случајно. Од друга страна, доколку животот бил создаден, тогаш дури и во градбата на најмалите живи организми треба да постојат докази дека некој генијално ги осмислил. Ајде сега да разгледаме како изгледа внатрешноста на една прокариотска клетка. Додека го правиме тоа, размисли дали е можно една таква клетка да настанала случајно.

ЗАШТИТНИОТ ЅИД НА КЛЕТКАТА

За да влезеш во внатрешноста на една прокариотска клетка, би требало да бидеш стотици пати помал од точката на крајот од оваа реченица. На почетокот би требало да поминеш низ една цврста, но еластична мембрана која ја опкружува клетката исто како што еден ѕид од цигли и малтер опкружува една фабрика. Би биле потребни околу 10.000 слоеви од оваа мембрана за таа да биде со дебелина на лист хартија. Сепак, клеточната мембрана е далеку посложена од еден ѕид направен од цигли. Во која смисла?

Исто како што ѕидот ја опкружува фабриката, така и мембраната ја штити внатрешноста на клетката од можни надворешни опасности. Меѓутоа, мембраната не е непропустлива. Таа ѝ овозможува на клетката да „дише“, односно дозволува ситни молекули, како што е кислородот, да влегуваат внатре и да излегуваат надвор. Од друга страна, пак, мембраната спречува посложени потенцијално опасни молекули да влезат во клетката без нејзина дозвола. Исто така, таа спречува корисни молекули да излезат од клетката. Како мембраната го прави сето ова?

Да се вратиме на фабриката. Таа можеби има чувари кои надгледуваат кои производи влегуваат, а кои излегуваат низ портите што се дел од ѕидот на фабриката. Слично на ова, во клеточната мембрана се вградени посебни протеински молекули кои имаат улога на порти и чувари.

Клеточната мембрана има „чувари“ кои дозволуваат само одредени материи да влегуваат во клетката и да излегуваат од неа

Некои од овие протеини (1) имаат отвор долж средината низ кој само одредени молекули можат да влегуваат во клетката и да излегуваат од неа. Други протеини се отворени на едната страна на клеточната мембрана (2)‚ а се затворени на другата страна. Тие имаат врзувачко место (3) кое одговара на обликот на одредена материја. Кога материјата ќе стигне на ова место, другиот крај од протеинот се отвора и ја пропушта низ мембраната (4). Сето ова се одвива на површината на дури и наједноставните клетки.

ВНАТРЕ ВО ФАБРИКАТА

Замисли си дека „чуварите“ те пуштиле да поминеш и сега си внатре во клетката. Внатрешноста од прокариотската клетка е исполнета со течност која главно е составена од вода, но е богата и со хранливи материи, соли и други супстанции. Клетката ги користи овие основни состојки за да го произведе она што ѝ е потребно. Но овој процес не е препуштен на случајноста. Како една добро организирана фабрика, клетката организира илјадници хемиски реакции со цел тие да се одвиваат по точно одреден редослед и во точно одредено време.

Една од главните функции на клетката е синтеза на протеини, односно создавање на протеини. Како го прави ова? Прво, ќе забележиш дека клетката прави околу 20 различни основни градбени блокови наречени аминокиселини. Овие градбени блокови се испраќаат до рибозомите (5)‚ кои би можеле да се споредат со автоматизирани машини кои ги врзуваат аминокиселините по прецизен редослед за да се добие одреден протеин. Исто како што производниот процес во една фабрика може да биде управуван од една главна компјутерска програма, така и многу од функциите на една клетка се управувани од една „компјутерска програма“, или код, позната како ДНК (6). Од ДНК, рибозомите добиваат копија со детални упатства кои им кажуваат кој протеин да го создадат и како да го направат тоа (7).

Она што се случува додека се создаваат протеините е нешто неверојатно! Секој од нив се свиткува во уникатна тродимензионална форма (8). Формата на протеинот ја одредува функцијата што тој ќе ја врши. b Замисли си една производна лента на која што се склопуваат делови од еден мотор. За моторот да работи, секој дел треба да биде прецизно изработен. Слично на ова, ако еден протеин не е прецизно направен и свиткан во исправната форма, нема да може правилно да ја врши својата функција, па може дури и да ја оштети клетката.

Клетката како „фабрика“ — Како се создаваат протеини: Исто како една автоматизирана фабрика, клетката е полна со машини кои склопуваат и испорачуваат сложени производи

Како еден протеин знае да стигне од местото каде што е направен до местото каде што ќе ја извршува својата задача? Во секој протеин има вградено „ознака со адреса“ што е гаранција дека протеинот ќе биде испорачан до соодветното место. Иако секоја минута се создаваат и се испорачуваат илјадници протеини, секој од нив пристигнува на вистинската дестинација.

Зошто се важни овие факти? Сложените молекули во наједноставниот жив организам не можат да се размножуваат сами. Надвор од клетката тие се распаѓаат. А внатре во клетката не можат да се размножуваат без помошта од други сложени молекули. На пример, ензими се потребни за да се произведе една посебна енергетска молекула наречена аденозин трифосфат (АТП), но енергијата од АТП е потребна за да се произведат ензими. Слично на ова, ДНК (за оваа молекула се зборува во дел 3) е потребна за да се направат ензими, но ензими се потребни за да се направи ДНК. Истото е случај и со другите протеини — тие можат да бидат создадени само од една клетка, но една клетка не може да се создаде без протеини. c

Микробиологот Раду Попа не го прифаќа библискиот извештај за создавањето. Сепак, во 2004 год., тој прашал: „Како е можно природата да создаде живот ако сите наши обиди да го направиме тоа во контролирани лабораториски услови беа неуспешни?“13 Исто така, тој изјавил: „Механизмите што се потребни за да функционира една жива клетка се толку сложени што се чини дека е невозможно тие да се појавиле во исто време и по пат на случајност“.14

Овој облакодер сигурно ќе се сруши бидејќи нема цврсти темели. Зарем истото нема да се случи и со теоријата на еволуција бидејќи не може да го објасни потеклото на животот?

Што мислиш ти? Теоријата на еволуција се обидува да објасни како настанал животот на Земјата при што ја исклучува можноста дека постои Творец. Сепак, колку повеќе факти научниците откриваат за животот, толку помала е веројатноста дека животот настанал случајно. За да ја избегнат оваа дилема, некои научници кои ја поддржуваат теоријата на еволуција сакаат да ја одвојат теоријата на еволуција од прашањето за потеклото на животот. Но дали ова ти звучи логично?

Теоријата на еволуција се заснова на идејата дека животот започнал како резултат на долг сплет на среќни околности. Понатаму, според оваа теорија се случила уште една низа од неконтролирани случајни настани кои воделе до појавата на огромната разноликост и сложеност на сите живи организми. Сепак, ако теоријата нема темел, што ќе се случи со другите теории што се изградени врз основа на оваа претпоставка? Исто како што еден облакодер без темели би се срушил, така и теоријата на еволуција која не може да го објасни самиот почеток на животот нема да опстане.

Откако накратко ги разгледавме градбата и функцијата на една „едноставна“ клетка, до каков заклучок доаѓаш — дека таа настанала како резултат на низа случајни настани или дека е генијален изум? Ако сѐ уште не си сигурен, разгледај ја подетално „главната програма“ која управува со функциите на сите клетки.

a Не постојат експериментални докази кои покажуваат дека вакво нешто е возможно.

b Еден вид протеини што ги создава клетката се ензимите. Секој ензим е свиткан на посебен начин со цел да забрза одредена хемиска реакција. Стотици ензими заедно дејствуваат за да се регулираат активностите на клетката.

c Некои од клетките во човечкото тело се направени од околу 10.000.000.000 протеински молекули11 кои ги има во неколку стотици илјади различни видови.12