ПОГЛАВЈЕ 37
Јехова зборувал со Самоил
Првосвештеникот Илиј имал два сина кои служеле како свештеници во светиот шатор. Тие се викале Офни и Финес и не сакале да ги слушаат заповедите на Јехова. Освен тоа, многу лошо се однесувале со луѓето. Кога Израелците му принесувале жртви на Јехова, Офни и Финес го земале најдобриот дел од месото за себе. Илиј слушнал што правеле неговите синови, но не направил ништо во врска со тоа. А дали Јехова направил нешто?
Самоил бил многу помлад од Офни и Финес, но не го следел нивниот лош пример. Јехова бил многу задоволен од Самоил. Една ноќ додека Самоил спиел, слушнал како некој го вика по име. Веднаш станал, отрчал кај Илиј и му рекол: „Еве ме!“ Но, Илиј му рекол: „Ама јас не те викнав. Врати се да спиеш“. Самоил си легнал, но истото се случило уште еднаш. Кога Самоил по третпат го слушнал истиот глас, Илиј сфатил дека Јехова бил тој што го вика. Затоа му рекол на Самоил ако го чуе тој глас уште еднаш, да рече: „Зборувај, Јехова. Твојот слуга слуша“.
Самоил се вратил во креветот. По кратко време, слушнал како гласот вели: „Самоил! Самоил!“ Тој одговорил: „Зборувај. Твојот слуга слуша“. Јехова му рекол: „Кажи му на Илиј дека ќе ги казнам него и неговото семејство. Тој знае дека неговите синови
прават многу лоши работи во мојот свет шатор, но не презема ништо“. Утредента Самоил ги отворил вратите на светиот шатор, како што правел секое утро. Но, се плашел да му каже на првосвештеникот што рекол Јехова. Сепак, Илиј го викнал и го прашал: „Синко, што ти рече Јехова? Кажи ми сѐ, немој ништо да скриеш“. Тогаш Самоил му раскажал на Илиј сѐ што му рекол Јехова.Додека Самоил растел, Јехова цело време му помагал. Израелците од сите краеви на нивната земја знаеле дека Јехова го избрал Самоил за пророк и судија.
„Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“ (Проповедник 12:1)