Нормално ли е да се чувствувам вака?
ЕДЕН ужален човек пишува: „Уште како дете, во Англија, бев поучен да не ги покажувам отворено чувствата. Се сеќавам на татко ми, бившо воено лице, како, кога нешто ќе ми создадеше болка, низ стиснати заби ми велеше: ‚Немој да си плачел!‘ Не можам да се сетам дали мајка ми некогаш бакнала или прегрнала некое од нас децата (бевме четири). Имав 56 години кога почина татко ми. Чувствував огромна загуба. Сепак, на почетокот не можев да плачам“.
Во некои култури, луѓето отворено ги изразуваат чувствата. Дали се среќни или тажни, другите знаат како се чувствуваат. Од друга страна, во некои делови од светот, посебно во северна Европа и Британија, особено мажите се воспитани да ги кријат чувствата, да ги потиснуваат емоциите, да се држат храбри и да не го отворат своето срце. Но кога си ја претрпел загубата на некој што го сакаш, дали е погрешно на некој начин да ја изразиш својата жалост? Што вели Библијата за тоа?
Библиски примери на оние кои плачеле
Библијата ја напишале Евреи од пределот на источниот Медитеран, луѓе кои искрено ги изразувале своите чувства. Таа содржи многу примери на поединци кои отворено ја покажувале жалоста. Цар Давид тагувал по загубата на својот убиен син Амнон. Всушност, тој ‚плачел многу силно‘ (2. Царства 13:28-39). Тој плачел дури и по загубата на својот предавнички син Авесалом, кој се обидел да го присвои царството. Библискиот извештај ни кажува: „Се збрка царот [Давид] и отиде во собата над портите и плачеше и, кога си одеше, велеше вака: ‚Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!‘“ (2. Царства 18:33). Давид тагувал како и секој нормален татко. И колку пати родителите посакале да умреле тие наместо нивните деца! Се чини многу неприродно детето да умре пред родителот.
Како реагирал Исус на смртта на својот пријател Лазар? Плачел додека се приближувал кон неговиот гроб (Јован 11:30-38). Подоцна, Марија Магдалена плачела додека се приближувала кон Исусовиот гроб (Јован 20:11-16). Да, еден христијанин кој ја разбира библиската надеж за воскресение не тагува неутешно како што тагуваат некои кои немаат јасна библиска основа за своите верувања во врска со состојбата на мртвите. Но, како човек со нормални чувства, вистинскиот христијанин, дури и со надежта за воскресение, жали и тагува по загубата на некој што го сакал (1. Солунјаните 4:13, 14).
Да се плаче или не
Како е со нашите реакции денес? Дали и тебе ти е тешко или ти е срам да ги изразуваш чувствата? Што препорачуваат советниците? Нивните современи погледи честопати само ја одразуваат библиската древна инспирирана мудрост. Тие велат дека жалоста треба да ја изразуваме, а не да ја потиснуваме. Тоа нѐ потсетува на верните мажи од старо време, како на пример Јов, Давид и Јеремија, чии изрази на жалост се наоѓаат во Библијата. Тие не ги потиснувале своите чувства. Затоа не е мудро да се изолираш од другите луѓе (Изреки 18:1, НС). Се разбира, тагувањето се изразува на различни начини во различни култури и во зависност од религиозните верувања што преовладуваат. *
Што ако ти се плаче? Плачењето е дел од човековата природа. Сети се уште еднаш на случајот со смртта на Лазар, кога Исус „се натажи и . . . просолзи“ (Јован 11:33, 35). Плачењето е нормална реакција кога ќе умре некој драг.
Тоа го поткрепува случајот со една мајка, Ен, која своето бебе Рејчел го изгубила од SIDS (Синдром на ненадејна смрт на новороденче). Нејзиниот сопруг коментирал: „Чудно беше тоа што ниту Ен ниту јас не плачевме на погребот. Сите други плачеа.“ На тоа, Ен одговорила: „Да, но јас се изнаплакав за обајцата. Мислам дека тоа вистински ме погоди дури неколку недели по трагедијата, кога еден ден конечно се најдов сама во куќата. Цел ден плачев. Но мислам дека тоа ми помогна. Се чувствував подобро после тоа. Морав да ја оплакувам загубата на своето бебе. Навистина мислам дека ужалените луѓе треба да се пуштат да плачат. Иако е нормално другите да реагираат со зборовите: ‚Немој да плачеш‘, тоа, всушност, не помага“.
Како реагираат некои
Како реагирале некои кога биле разжалостени поради загубата на некој што го сакале? Например, размисли за Хуанита. Таа знае што значи да изгубиш бебе. Имала пет пометнувања, а сега била повторно бремена. Затоа, кога поради една сообраќајна несреќа била однесена во болница, разбирливо е дека била загрижена. После две седмици добила предвремени породилни болки. Малата Ванеса се родила веднаш после тоа — со тежина од нешто повеќе од 0,9 килограми. „Бев толку возбудена“, се присеќава Хуанита. „Конечно станав мајка!“
Но среќата ѝ била краткотрајна. По четири дена Ванеса починала. Хуанита се присеќава: „Се чувствував толку празно. Мајчинството ми беше одземено. Се чувствував непотполна.
Болна беше помислата да си дојдам дома во собата што ја уредивме за Ванеса и да ги гледам малите поткошулчиња што ги бев купила за неа. Следните неколку месеци, го оживував денот на нејзиното раѓање. Не сакав да видам никого“.Дали е тоа екстремна реакција? Можеби на другите им е тешко да сфатат, но оние кои, како Хуанита, го преживеале тоа, објаснуваат дека за своето бебе тагувале исто толку колку што би тагувале по некој кој живеел извесно време. Долго пред да се роди бебето, велат тие, тоа е сакано од своите родители. Помеѓу мајката и него се создава посебна врска. Кога тоа бебе ќе умре, мајката чувствува дека губи една вистинска личност. И тоа е она што другите треба да го сфатат.
Како влијаат врз тебе гневот и вината
Една друга мајка ги изразила своите чувства кога ѝ кажале дека нејзиниот шестгодишен син ненадејно умрел од вродена срцева мана. „Реагирав на повеќе начини — бев ладнокрвна, не верував, чувствував вина и бев гневна на мажот и лекарот затоа што не сфаќаа колку беше сериозна неговата ситуација“.
Гневот може да биде уште еден симптом на жалост. Може да биде гнев спрема лекарите и медицинските сестри, мислејќи дека требало повеќе да се грижат за починатиот. Или гнев спрема пријателите и роднините, кои како да го кажуваат и прават она што не треба. Некои се лутат на починатиот затоа што го занемарувал своето здравје. Стела се присеќава: „Се сеќавам дека бев лута на маж ми бидејќи знаев дека можеше да биде поинаку. Тој беше многу болен, но ги игнорираше предупредувањата на лекарите“. А понекогаш се јавува гнев спрема починатиот поради товарот што неговата или нејзината смрт го остава на живиот.
Некои се чувствуваат виновни поради гневот — односно, се осудуваат самите себеси затоа што чувствуваат гнев. Други се обвинуваат себеси за смртта на саканата личност. „Немаше да умре“, се убедуваат себеси, „да го натерав да оди на лекар порано“, или „да го натерав да оди кај друг лекар“ или, пак, „да го натерав повеќе да внимава на здравјето“.
За други, чувството на вина оди подалеку, особено ако ближниот умрел ненадејно,
неочекувано. Се присеќаваат на моментите кога му биле лути или кога се карале со него, или, пак, можат да мислат дека не биле онакви какви што требало да бидат со починатиот.Долготрајниот период на жалење кај многу мајки го потврдува она што го велат многу експерти, имено дека загубата на детето остава трајна празнина во животот на родителите, особено кај мајката.
Кога ќе загубиш брачен партнер
Загубата на брачниот партнер е уште еден вид траума, особено ако обајцата воделе еден исполнет заеднички живот. Тоа може да значи крај на еден цел начин на живот што го делеле — патувања, работа, забава и взаемна зависност.
Јунис објаснува што се случило кога нејзиниот сопруг ненадејно умрел од срцев удар. „Првата седмица бев емоционално мртва, како да престанав да функционирам. Немав осет ни за вкус ни за мирис. Сепак, мојата логика делуваше одвоено. Бидејќи бев покрај мојот сопруг додека се обидуваа да го спасат со вештачко дишење и лекови, не ги доживеав вообичаените симптоми на порекнување. Сепак,
имав едно силно чувство на фрустрација, како да гледав автомобил кој оди во провалија, а јас не можев ништо да сторам“.Дали плачела? „Се разбира, особено кога ги прочитав стотиците картички со сочувство што ги бев добила. Плачев на секоја. Тоа ми помогна да се соочам со останатиот дел од денот. Но ништо не ми помагаше кога постојано ме прашуваа како се чувствувам. Очигледно дека бев очајна“.
Што ѝ помогнало на Јунис да ја преброди жалоста? „Без да сфатам, несвесно одлучив да продолжам со својот живот“, вели таа. „Меѓутоа, уште чувствувам болка кога ќе се сетам дека маж ми, кој толку многу го сакаше животот, не е тука да му се радува“.
„Не дозволувајте другите да диктираат . . .“
Авторите на Leavetaking—When and How to Say Goodbye (Збогување — кога и како да се поздравите) советуваат: „Немојте да дозволите другите да диктираат како треба да постапувате и како да се чувствувате. Процесот на жалење е различен кај секого. Други можеби мислат — и ви кажуваат што мислат — дека премногу жалите или недоволно жалите. Простете им и заборавете го тоа. Ако се трудите да се ставите во калапот што го прават другите или општеството во целина, го спречувате развојот кон обновено емоционално здравје“.
Се разбира, различни луѓе на различен начин излегуваат на крај со својата жалост. Ние не се обидуваме да наметнеме еден начин кој бездруго ќе важи за секој поединец. Меѓутоа, се појавува опасност кога ќе настапи пасивност, кога личноста која е погодена од жалост не може да се помири со реалноста на ситуацијата. Тогаш е потребна помош од сочувствителни пријатели. Библијата вели: „Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја“. Затоа немој да се плашиш да побараш помош, да разговараш и да плачеш (Изреки 17:17).
Жалоста е нормална реакција на загубата, и не е погрешно да те видат дека жалиш. Но има и други прашања кои треба да се одговорат: ‚Како да живеам со мојата жалост? Нормално ли е да се доживуваат чувстата на вина и гнев? Како да излезам на крај со тие реакции? Што ќе ми помогне да ја издржам загубата и жалоста?‘ Следниот дел ќе одговори на тие и на други прашања.
^ пас. 8 На пример, во Нигерија народот Јоруба има традиционално верување во реинкарнација на душата. Затоа, кога мајка ќе изгуби дете, има голема жалост, но само за краток период, бидејќи, како што гласи една јоруба песна: „Водата е истурена. Лејката не е скршена“. Според народот Јоруба, тоа значи дека лејката која ја носи водата е мајката која може да роди уште едно дете, можеби реинкарнација на мртвото. Јеховините сведоци не се придржуваат за никакви традиции темелени на суеверие што потекнуваат од лажни идеи за бесмртност на душата и реинкарнација, кои немаат темел во Библијата (Проповедник 9:5, 10; Језекиил 18:4, 20).