ДЕЛ 16
Доаѓањето на Месијата
Јехова покажува дека Исус од Назарет е долгоочекуваниот Месија
ДАЛИ Јехова ќе им помогне да луѓето да го препознаат ветениот Месија? Се разбира! Да видиме што направил Бог. Ова се случило околу четири века откако било завршено пишувањето на хебрејскиот дел од Светото писмо, таканаречениот „Стар завет“. Во Назарет, град во северната покраина Галилеја, кај една девојка која се викала Марија дошол еден многу необичен гостин. Тоа бил ангелот Гавриел кој ѝ рекол дека, иако е девица, ќе зачне и ќе роди син со помош на Божјиот свет дух, односно силата со која се служи Бог. Освен тоа, ѝ рекол дека тоа дете ќе биде одамна ветениот Цар, кој ќе владее засекогаш! Тој ќе биде Божји Син затоа што Бог ќе го пренесе неговиот живот од небото во нејзината матка.
Марија понизно ја прифатила оваа посебна улога од Бог. Нејзиниот свршеник Јосиф, кој бил дрводелец, се оженил со неа откако Бог му испратил ангел кој му објаснил дека Марија останала бремена со чудо. Но, како ќе се исполни пророштвото според кое Месијата требало да се роди во Витлеем? (Михеј 5:2). Тоа гратче било оддалечено околу 140 километри од Назарет!
Римскиот цар издал заповед да се направи попис на населението. Сите морале да се попишат во местото каде што биле родени. Бидејќи и Јосиф и Марија, по сѐ изгледа, потекнувале од Витлеем, Јосиф отишол таму со својата бремена жена (Лука 2:3). Марија се породила во една обична штала и го положила бебето во јасли. Тогаш Бог испратил мноштво ангели да им објават на една група овчари во близина дека новороденото дете е ветениот Месија, или Христос.
Подоцна и други посведочиле дека Исус е ветениот Месија. Пророкот Исаија претскажал дека еден човек ќе го подготви патот за важното дело што требало да го изврши Месијата (Исаија 40:3). Овој човек бил Јован Крстител. Кога го здогледал Исус, тој рекол: „Еве го Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот!“ Некои ученици на Јован веднаш тргнале по Исус. Еден од нив рекол: „Го најдовме Месијата!“ (Јован 1:29, 36, 41).
Имало и други докази дека Исус е Месијата. Кога Јован го крстил Исус, лично Јехова прозборел од небото. Со својот свет дух, Тој го помазал Исус за Месија велејќи: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!“ (Матеј 3:16, 17). Конечно се појавил долгоочекуваниот Месија!
Кога се случило сето ова? Во 29 год. од н.е., точно кога истекле 483-те години што ги прорекол Даниел. Ова се само некои од многуте уверливи докази дека Исус е Месијата, односно Христос. Но, каква порака објавувал тој додека бил на Земјата?
Се темели на Матеј, поглавја 1—3, Марко, поглавје 1, Лука, поглавје 2, и Јован, поглавје 1.