ТЕМА 5
Добри односи со родителите
„Облечете се во... љубезност, понизност, благост и долготрпеливост“ (Колошаните 3:12)
Кога ќе се склопи еден брак, се формира ново семејство. Иако секогаш ќе ги сакаш и ќе ги почитуваш твоите родители, твојот сопружник сега е најважната личност за тебе. Можеби на твоите родители ќе им биде тешко да го прифатат тоа. Но, библиските совети можат да ти помогнат да најдеш златна средина — да задржиш добри односи со нив додека истовремено правиш сѐ што можеш за да си го зајакнеш бракот. Истите совети важат и за односите со сите други роднини.
1. ИМАЈ ИСПРАВНО ГЛЕДИШТЕ КОН РОДИТЕЛИТЕ
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Почитувај ги татка си и мајка си“ (Ефешаните 6:2). Без оглед на твојата возраст, секогаш треба да ги почитуваш родителите. Но, имај на ум дека и твојот брачен другар мора да им посветува внимание на своите родители. „Љубовта не е завидлива“, па затоа немој да се чувствуваш загрозен ако твојот сопружник одржува добри односи со нив (1. Коринќаните 13:4; Галатите 5:26).
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:
-
Не давај општи изјави, како на пример: „Твоите родители секогаш ме понижуваат“ или „На мајка ти никогаш не можам да ѝ погодам“.
-
Обиди се да гледаш на работите од гледна точка на твојот сопружник.
2. БИДИ ЦВРСТ КОГА Е ПОТРЕБНО
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Откако ќе стапиш во брак, твоите родители можеби ќе мислат дека сѐ уште се одговорни за тебе и можеби ќе сакаат да бидат вклучени во твојот брак повеќе отколку што би требало.
Ти и твојот сопружник треба да одлучите каде ќе ја ставите границата, а потоа љубезно да им го кажете тоа. Можно е да зборувате отворено и директно без притоа да бидете груби (Изреки 15:1). Понизноста, благоста и стрпливоста ќе ви помогнат да изградите добри односи со родителите и да продолжите ‚да се поднесувате едни со други со љубов‘ (Ефешаните 4:2).
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:
-
Ако сметаш дека родителите се премногу вклучени во вашиот живот, смирено разговарај за тоа со твојот брачен другар.
-
Договорете се како да ја решите таа ситуација.