Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТРЕТО ПОГЛАВЈЕ

„Татко на сите што веруваат“

„Татко на сите што веруваат“

1, 2. Какви станале луѓето после Потопот, и како се чувствувал Авраам поради тоа?

АВРААМ поминувал покрај зигуратот што се издигал над неговиот роден град, Ур. * Кога ја чул вревата што доаѓала од него, го кренал погледот и го видел чадот што се извишувал кон небото. Добро знаел што се случува таму — свештениците на богот на месечината повторно принесувале жртви. Откако тажно воздивнал одмавнувајќи со главата, се завртел и продолжил по својот пат. Додека се пробивал низ метежот на улиците, во мислите сѐ уште му била сликата што ја видел. Поминале само неколку стотини години од Потопот со кој Бог ги уништил злобните, а луѓето повторно застраниле и без никаков срам обожавале лажни богови!

2 Од Потопот до Авраам, кој се родил две години по смртта на Ное, светот повторно се сменил. Откако излегол од арката, Ное му принел жртва на Јехова Бог, а тој направил на небото да се појави виножито (1. Мој. 8:20; 9:12-14). Во тоа време за луѓето постоел само вистинскиот Бог, Јехова. Но, во времето на Авраам, само десет генерации по Ное, повеќето луѓе обожавале лажни богови, а само малкумина му служеле на Јехова онака како што барал тој. Дури и татко му на Авраам, Тара, обожавал други богови, а можеби изработувал и идоли (Ис. Нав. 24:2).

Зошто Авраам е истакнат пример на вера?

3. По која особина Авраам се издвојувал од другите, и што можеме да научиме од него?

3 Но, Авраам се издвојувал од средината во која живеел затоа што имал непоколеблива вера во Јехова. Како што одминувале годините, таа негова особина сѐ појасно доаѓала до израз и создавала јаз помеѓу него и луѓето што го опкружувале. Воден од Бог, апостол Павле подоцна за него напишал дека е „татко на сите што веруваат“. (Прочитај Римјаните 4:11.) Што му помогнало на Авраам да изгради силна вера? Како можеме и ние да стекнеме таква вера? Животната приказна на Авраам ќе ни го даде одговорот на овие прашања.

Светот после Потопот

4, 5. Од кого можеби Авраам дознал за Јехова, и зошто би можеле да дојдеме до таков заклучок?

4 Како Авраам дознал за Јехова Бог? Во негово време повеќето луѓе застраниле во идолопоклонство, но некои сепак продолжиле верно да му служат на вистинскиот Бог. Еден од нив бил Сем. Иако не знаеме кој од трите сина на Ное бил најстар, Библијата обично прв го спомнува Сем, веројатно затоа што бил човек со голема вера. * Некое време после Потопот, Ное рекол дека Јехова е „Богот на Сем“ (1. Мој. 9:26). Сем очигледно чувствувал страхопочит кон Јехова и го обожавал во склад со неговата волја.

5 Дали Авраам го познавал Сем? Можно е да го познавал. Тој бил негов потомок. Не е тешко да си го замислиме Авраам како љубопитно дете кое едвај чека да слушне уште некоја интересна приказна од овој верен слуга на Јехова, кој тогаш имал преку 400 години. А Сем имал што да му раскаже, затоа што неговиот живот бил исполнет со многу необични настани. Тој добро знаел какви биле луѓето кои живееле пред Бог да ја исчисти Земјата од злото. Сигурно живо се сеќавал колку злобни биле луѓето пред Потопот, како Потопот му ставил крај на тој расипан свет, како тој и неговото семејство живееле откако излегле од арката и како во годините што следеле луѓето се намножиле на Земјата. Го доживеал и времето кога Нимрод, во знак на бунт против Бог, почнал да ја гради Вавилонската кула. Но, Сем и тогаш му останал верен на својот Бог. Затоа, кога Јехова им го помешал јазикот на градителите на кулата, тој и неговата фамилија продолжиле да го зборуваат јазикот на кој зборувал и неговиот татко, Ное, односно јазикот на првиот човечки пар. Без сомнение, Авраам имал што да научи од овој човек кој бил жив и во негово време. Затоа, можеме да кажеме дека веројатно токму Сем му помогнал на Авраам да го запознае Јехова.

Авраам не се повел по жителите на Ур, кои обожавале идоли

6. а) Како Авраам покажал дека никогаш не заборавил зошто имало потоп? б) Каков им бил бракот на Авраам и Сара?

6 Без оглед на тоа дали лично го познавал Сем или не, можеме да бидеме сигурни дека Авраам никогаш не заборавил зошто Јехова пуштил потоп на Земјата. И тој сакал да му остане верен на Бог исто како што му бил Ное. Бидејќи цврсто се држел за своите уверувања, Авраам не се повел по оние што обожавале идоли, меѓу кои можеби имало и членови на неговото потесно семејство. Но, Авраам не бил, така да се каже, сам против сите. Нашол прекрасен животен сопатник, Сара, која не се истакнувала само по својата убавина туку и по силната вера во Јехова. * Иако немале деца, тие двајца радосно му служеле на својот Бог. Освен тоа, ја презеле грижата за Лот, внукот на Авраам кој останал сирак.

7. Во кој поглед следбениците на Исус треба да бидат како Авраам?

7 Но, Авраам никогаш не му свртел грб на Јехова и не почнал да обожава лажни богови како неговите сограѓани. Тој и Сара живееле поинаку од другите луѓе. Ако сакаме да стекнеме цврста вера во Јехова, не смееме да дозволиме да нѐ обликува средината во која живееме. Исус рекол дека неговите следбеници не се дел од светот и дека светот од таа причина ги мрази. (Прочитај Јован 15:19.) Ако некогаш почувствуваш колку е болно да те отфрли семејството или средината во која живееш затоа што си одлучил да му служиш на Јехова, не заборавај дека не си единствениот. Одиш по стапките на многу верни луѓе пред тебе, како што биле Авраам и Сара.

„Замини од својата земја“

8, 9. а) Какво незаборавно доживување имал Авраам? б) Што му рекол Јехова на Авраам?

8 Еден ден, на Авраам му се случило нешто толку несекојдневно што го памтел цел живот. Добил порака од Јехова Бог! Библијата не ни открива многу за начинот на кој Бог го направил тоа, но кажува дека на овој верен човек му се појавил „Богот на славата“. (Прочитај Дела 7:2, 3.) Се разбира, тој не го видел Јехова Бог, туку некој ангел, но тоа било доволно за да се увери дека неговиот Бог е неспоредливо помоќен и повозвишен од безживотните идоли кои ги обожавале неговите современици. Можеме само да си замислиме како се чувствувал Авраам кога Творецот на небото и на Земјата му искажал таква чест!

9 Што му рекол Јехова на Авраам? „Замини од својата земја и откај своите роднини и појди во земјата што ќе ти ја покажам.“ Важно е да забележиме дека Јехова не му кажал во која земја има намера да го однесе. Авраам морал да го напушти своето родно место и фамилија и практично да тргне кон непознатото. Во древните култури на Блискиот Исток, семејните врски биле многу важни. Во тоа време било незамисливо еден човек да ги напушти своите роднини и да тргне некаде далеку. За некои тоа било полошо и од смртта!

10. Зошто може да се каже дека Авраам и Сара направиле големи жртви со тоа што го напуштиле својот дом во Ур?

10 Тоа што Авраам ја напуштил својата земја значело дека ќе треба да направи извесни жртви. Ур бил голем и богат град. (Види ја рамката  „Градот што го напуштиле Авраам и Сара“.) Археолошките ископини покажуваат дека животниот стандард во тој древен град бил многу висок. Некои куќи имале по десет или повеќе про­стории за семејството и за слугите и робовите. Имале и поплочен внатрешен двор, водовод, тоалет и канализација. Авраам и Сара очигледно требало да се одречат од удобен живот. Освен тоа, веќе не биле во цветот на младоста — тој веројатно имал над 70, а таа над 60 години. Авраам си ја сакал жената и, како и секој добар маж, сакал да ѝ пружи убав живот, без грижи и неизвесности. Откако слушнале што бара Јехова од нив, Авраам и Сара сигурно повеќепати разговарале околу тоа, а можеби и загрижено размислувале за некои прашања на кои во тој момент немале одговор. Авраам бил свесен дека не е лесно човек да се одрече од удобностите кои ги нудел градскиот живот и затоа бил многу среќен кога Сара без двоумење се согласила да тргне со него каде и да ги води Јехова.

11, 12. а) Што сѐ требало да испланираат и да направат Авраам и Сара пред да заминат од Ур? б) Опиши што се случувало утрото пред да тргнат.

11 Одлуката да си заминат од Ур била само првиот чекор. Авраам и Сара ги чекало уште многу работа. Не само што требало да се спакуваат, туку и да го организираат патувањето и добро да размислат што ќе понесат со себе, а што ќе остават. Требало да одлучат и дали да ги поведат и слугите и останатите членови на семејството. Можеби се прашувале дали остарениот Тара ќе издржи толку далечен и напорен пат. Сепак, не сакале да го остават во Ур, туку го повеле со себе и се грижеле за него сѐ до неговата смрт. Интересно, Библијата вели дека Тара го извел своето семејство од Ур, што покажува дека не тргнал со нив безволно. Без сомнение, дотогаш престанал да обожава лажни богови. Со нив тргнал и внукот на Авраам, Лот (1. Мој. 11:31).

12 Кога осамнало утрото одредено за поаѓање, семејството на Авраам и слугите се собрале надвор од градските ѕидини. Камилите и магарињата биле натоварени, а стадата собрани крај своите пастири. * Сигурно сите честопати погледнувале кон Авраам, нестрпливо чекајќи да им даде знак за тргнување. Кога Авраам ја подигнал раката, караванот од луѓе и животни полека тргнал. Го оставиле Ур засекогаш зад себе.

13. Како многу слуги на Јехова денес покажуваат ист став како Авраам и Сара?

13 Денес, многу слуги на Јехова се преселиле во места каде што има потреба од повеќе објавители на добрата вест. Некои учат друг јазик за да ја зголемат својата служба. А други решиле да се обидат да сведочат на некој нов начин. Оние што донеле таква одлука требало да направат одредени жртви, на пример, да се одречат од некои удобности и да живеат поскромно. Навистина е за пофалба тоа што многу Јеховини слуги покажуваат вера и самопожртвуваност како Авраам и Сара. Јехова ги цени таквите поединци и со задоволство ги наградува. Всушност, можеме да бидеме сигурни дека ниту една жртва што ќе ја направиме за Јехова не може да се спореди со благословите кои тој уште денес ни ги дава и кои ќе ни ги подари во иднина (Евр. 6:10; 11:6). А како било со Авраам? Дали Јехова ја наградил неговата вера?

Преминување на реката Еуфрат

14, 15. Какво било патувањето од Ур до Харан, и зошто можеби Авраам ­решил некое време да останат во Харан?

14 Како што одминувале деновите, патниците полека се навикнувале на предизвиците што со себе ги носело едно такво долго патување. Приквечер, по цел ден јавање и пешачење, сигурно не им било лесно да ги поставуваат шаторите, а потоа наутро повторно да ги собираат. Но, со секој изминат ден станувале сѐ повешти. Крај остарениот Тара секогаш имало некој што му помагал да се качи на камилата или магарето. Попат, Авраам и Сара сигурно си разговарале за животот што ги очекувал. Нивните гласови се мешале со звуците на ѕвонците што се нишале додека животните полека оделе едно зад друго. Се движеле кон северозапад, следејќи го течението на реката Еуфрат. Патувањето траело со месеци, а пред нивните очи се менувале најразлични глетки на пределите низ кои поминувале.

15 Откако изминале околу 1.000 километри, стигнале до колибите на номадите распослани околу Харан, богат град во кој се вкрстувале важни трговски патишта што ги спојувале Истокот и Западот. Авраам таму подигнал шатори и решил да остане некое време. Можеби Тара бил премногу изнемоштен за да го продолжи патувањето.

16, 17. а) Кој сојуз го склучил Јехова со Авраам? б) Како Јехова го благословил Авраам додека престојувал во Харан?

16 Кога имал 205 години, Тара умрел (1. Мој. 11:32). Неговата смрт сигурно била тежок удар за Авраам и затоа многу му значело тоа што Јехова повторно му се обратил. Му го повторил ветувањето што му го дал во Ур, но овојпат му открил уште некои важни поединости. Му рекол дека од него ќе направи „голем народ“ и дека сите народи на Земјата ќе бидат благословени преку него. (Прочитај 1. Мојсеева 12:2, 3.) Тоа му било потврда на Авраам дека Јехова не го заборавил сојузот што го склучил со него. Охрабрен од зборовите на Јехова, Авраам решил да продолжи со патувањето.

17 Овојпат, пред да тргнат ги чекало многу повеќе работа отколку кога заминувале од Ур, затоа што Библијата открива дека тој верен Божји слуга ги зел со себе ‚сите добра што ги имал спечалено, и душите што ги имал добиено во Харан‘ (1. Мој. 12:5). Зошто го направил тоа? Затоа што знаел дека ќе му бидат потребни на неговото домаќинство, кое станувало сѐ поголемо. Ова не значи дека Јехова ќе ги збогати сите свои слуги, туку дека ќе им даде сѐ што им е потребно за да можат да бидат верни и постојано да ја вршат неговата волја. Уверен дека ја има Јеховината поддршка, Авраам го повел своето семејство кон земјата што неговиот Бог ветил дека ќе му ја покаже.

Авраам и Сара се откажале од удобниот живот во Ур

18. а) Кога Авраам ја преминал реката Еуфрат и зошто тоа е многу значајно во историјата на Божјиот народ? б) Кои други важни настани се одиграле на 14 нисан? (Види ја рамката  „Важен датум во библиската историја“.)

18 На неколку дена пат од Харан се наоѓал Кархемис, место каде што караваните обично ја преминувале реката Еуфрат. Постои голема веројатност дека Авраам со своите слуги и семејството се упатил кон него. По сѐ изгледа ја преминале реката Еуфрат во 1943 год. пр.н.е., на 14-тиот ден од месецот што подоцна бил наречен нисан (2. Мој. 12:40-43). Од другата страна на реката, кон југ, се протегала земјата што Јехова ветил дека ќе му ја покаже. Преминувањето на реката Еуфрат е многу значајно во историјата на Божјиот народ, затоа што токму тогаш стапил во сила сојузот што Бог го склучил со овој верен човек.

19. Што му рекол Јехова на Авраам кога повторно му се обратил, и на што веројатно го потсетило Авраам тоа ветување?

19 Откако Авраам ја преминал реката Еуфрат, продолжил да патува кон југ, а потоа запрел во Сихем, во близина на големите дрвја на Море. Таму Јехова повторно му се обратил и му рекол дека на неговото потомство ќе му ја даде земјата во која пристигнал. Тоа ветување можеби го потсетило на пророштвото што било кажано во еденската градина, во кое се спомнува „потомство“ што еден ден ќе го спаси човештвото (1. Мој. 3:15; 12:7). Можеби од тој момент Авраам почнал да сфаќа колку важна улога му доверил Јехова во исполнувањето на својата величествена намера.

20. Како Авраам покажал благодарност за честа што му ја укажал Јехова?

20 Авраам бил многу благодарен за честа што му ја укажал Јехова. Додека се селел од место во место — без сомнение со извесна претпазливост затоа што во земјата сѐ уште живееле Ханаанците — му изградил жртвеници на Јехова, прво во близина на големите дрвја на Море, а потоа и близу до Ветил. Библијата кажува и дека почнал да го повикува името на Јехова, несомнено поради благодарноста што ја чувствувал кога размислувал за своето потомство и благословите што му ги ветил Јехова. Можеби и на Ханаанците им зборувал за својот Бог. (Прочитај 1. Мојсеева 12:7, 8.) Се разбира, на својот животен пат Авраам се нашол уште пред многу искушенија кои ја ставиле на испит неговата вера. Што му помогнало да ги преброди? Тој не жалел по она што го оставил во Ур. Напротив, го насочил погледот кон Божјето ветување и очекувал „град со вистински темели, чиј градител и творец е Бог“ (Евреите 11:10).

21. За разлика од Авраам, што знаеме ние за Божјето Царство, и што си решен да правиш?

21 Ние денес знаеме многу повеќе за овој симболичен град кој го очекувал Авраам. Тој град го претставува Божјето Царство, кое веќе владее на небото и кое наскоро ќе му стави крај на овој зол свет. Владетел на тоа Царство е Исус Христос, одамна проречениот потомок на Авраам. Колку ќе биде убаво кога Авраам, откако ќе воскресне, во потполност ќе сфати на кој начин Јехова ја исполнил својата намера. Ако и ние сакаме да го доживееме исполнувањето на сите Јеховини ветувања, треба да се угледаме на Авраам — да бидеме самопожртвувани, послушни и понизно да ја прифатиме и совесно да ја извршиме секоја задача што ќе ја добиеме од Јехова. Со тоа ќе задржиме цврста вера и, симболично кажано, ќе бидеме меѓу децата на Авраам, затоа што тој е татко на сите што веруваат!

^ пас. 1 Во тоа време, Авраам се викал Аврам. Подоцна, Бог му го сменил името во Авраам, што значи „татко на мноштво“ (1. Мој. 17:5, фус.).

^ пас. 4 Слично на тоа, и Авраам честопати се спомнува прв меѓу синовите на Тара, иако не му бил најстар син.

^ пас. 6 Во тоа време Сара се викала Сараја. Но, Бог подоцна ѝ го сменил името во Сара, што значи „кнегиња“ (1. Мој. 17:15, фус.).

^ пас. 12 Во Библијата неколкупати се спомнува дека Авраам имал камили. Но, некои историчари се сомневаат дека овој податок е точен и тврдат дека луѓето во времето на Авраам не ги користеле камилите како домашни животни. Меѓутоа, не постојат цврсти аргументи со кои би се докажало дека тоа тврдење е точно (1. Мој. 12:16; 24:35).