ДЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
Храбро ја застапувал вистинската религија
1, 2. а) Во каква ситуација бил народот во времето на Илија? б) Со какво противење се соочил Илија на планината Кармил?
ИЛИЈА гледал како народот со тешка мака се искачува по падините на планината Кармил. Иако уште не било сосема разденето, лесно можело да се види дека народот бил гладен и во немаштија. Сушата, која траела три и пол години, оставила траги врз луѓето.
2 Со мноштвото гордо оделе и 450 пророци на Ваал, полни со ароганција и длабока омраза кон Јеховиниот пророк Илија. Царицата Језавела веќе погубила многу слуги на Јехова, но овој човек и понатаму решително одбивал да го обожава Ваал. Свештениците биле сигурни дека тоа нема да трае уште долго! Веројатно мислеле дека овој пророк нема шанси сам против сите нив (1. Цар. 18:4, 19, 20). Стигнал и царот Ахав со својата царска кочија. Ни тој не го сакал Илија.
3, 4. а) Зошто можеби Илија почувствувал страв додека самнувал еден важен ден? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Овој осамен пророк го чекал ден каков што никогаш претходно немал доживеано. Додека гледал како се собира народот, знаел дека ќе бидат сведоци на еден од најдраматичните судири меѓу доброто и злото кои светот дотогаш ги имал видено. Како се чувствувал додека самнувал денот? Илија не бил имун на стравот, бидејќи бил човек со исти чувства како нас. (Прочитај Јаков 5:17.) Ако ништо друго, можеме да бидеме сигурни дека, опкружен со тој неверен народ, нивниот отпаднички цар и свирепите свештеници, сигурно се чувствувал многу осамено (1. Цар. 18:22).
4 Како воопшто Израел западнал во ваква лоша состојба? И зошто овие далечни историски настани нѐ засегаат нас? Да видиме каква вера имал Илија и што можеме да научиме од него.
Долгата борба достигнува кулминација
5, 6. а) Каква борба се водела во Израел? б) Како цар Ахав го навредил Јехова?
5 Поголемиот дел од својот живот, Илија беспомошно гледал како се отфрла и се гази најдоброто нешто кое го имале
неговиот народ и неговата родна земја. Всушност, во Израел веќе долго време се водел еден жесток судир, борба помеѓу вистинската и лажната религија, помеѓу обожавањето на Јехова Бог и идолопоклонството на околните народи. А во времето на Илија, овој судир уште повеќе се заострил.6 Цар Ахав многу го навредил Јехова. Се оженил со Језавела, ќерката на сидонскиот цар. Језавела била цврсто решена низ цела израелска земја да го прошири култот на Ваал и да го искорени обожавањето на Јехова. Ахав брзо паднал под нејзиното влијание. Му изградил храм и жртвеник на Ваал и почнал да ги наведува и другите да го обожаваат овој пагански бог (1. Цар. 16:30-33).
7. а) Зошто обожавањето на Ваал било толку одвратно? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Библијата не си противречи кога кажува колку долго траела сушата? (Вклучи ја рамката.)
7 Зошто обожавањето на Ваал било толку одвратно? Затоа што ги наведувало Израелците на погрешен пат и ги одвраќало од вистинскиот Бог. Таа религија била расипана и сурова. Вклучувала машка и женска проституција во храмовите, сексуални оргии, па дури и жртвување деца. Јехова го испратил Илија кај Ахав за да му најави суша која ќе траела сѐ додека Божјиот пророк не објавел дека ѝ дошол крај (1. Цар. 17:1). Дури откако поминале неколку години, Илија повторно се појавил пред Ахав и му кажал да ги собере народот и пророците на Ваал на планината Кармил. *
Може да се рече дека највлијателните елементи од култот на Ваал се многу популарни и ден-денес
8. Како извештајот за обожавањето на Ваал може да ни помогне нам денес?
8 Но, од какво значење е оваа борба за нас денес? Некои можеби си мислат дека приказната за обожавањето на Ваал нема никаква врска со нашиот живот бидејќи околу нас не постојат никакви храмови и жртвеници посветени на Ваал. Сепак, тој библиски извештај не е само обична историја (Рим. 15:4). Зборот „Ваал“ значи „сопственик“ или „господар“. Јехова му рекол на својот народ дека треба да го избере него за свој „ваал“, односно господар (Иса. 54:5, фус.). Зар не е очигледно дека и денес луѓето им служат на најразлични господари наместо на Семоќниот Бог? Сеедно дали во животот им робуваат на парите, кариерата, рекреацијата, сексуалните задоволства или на кој и да е друг од безбројните богови што се обожаваат наместо Јехова, тие си одбрале господар (Мат. 6:24; прочитај Римјаните 6:16). Според тоа, може да се рече дека највлијателните елементи од култот на Ваал се многу популарни и ден-денес. Записот за таа древна битка меѓу Јехова и Ваал може да ни помогне мудро да одлучиме кому ќе му служиме.
Во која смисла Израелците кривеле?
9. а) Зошто планината Кармил била идеално место за да се разоткрие Ваал како лажен бог? (Види ја и фуснотата.) б) Што му рекол Илија на народот?
9 Од врвот на планината Кармил се ширела прекрасна глетка — почнувајќи од коритото на реката Кисон во подножјето на планината, преку блиското Големо Море (Средоземно Море), па сѐ до Либанските планини на север. * Но, тој пресуден ден, кога сонцето изгреало, сликата била многу поинаква. Над некогаш плодната земја што Јехова им ја дал на децата на Авраам, се надвил смртоносен глад. Сега таа земја била спржена од немилосрдните сончеви зраци, уништена поради безумието на Божјиот народ! Кога луѓето се собрале, Илија застанал пред нив и им рекол: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Јехова вистинскиот Бог, одете по него, а ако е Ваал, одете по него“ (1. Цар. 18:21).
10. Зошто може да се каже дека Израелците ‚кривеле на двете страни‘, и која основна вистина ја заборавиле?
10 Што сакал да каже Илија кога прашал: „До кога ќе кривите на двете страни“? Очигледно тие луѓе не сфаќале дека мора да решат кого ќе го обожаваат — Јехова или Ваал. Веројатно си мислеле дека можат да им служат и на двајцата — да го смилостиват Ваал со своите одвратни ритуали, а истовремено да бараат милост и од Јехова Бог. Можеби се надевале дека Ваал ќе ги благословува нивните посеви и стада, а „Јехова над војските“ ќе ги штити во битките (1. Сам. 17:45). Тие заборавиле една основна вистина — која и денес мнозина не ја сфаќаат — дека Јехова не дозволува истовремено да му служиме и на некој друг бог. Тој бара да му бидеме оддадени само нему, а тоа и го заслужува. Обожавањето на Јехова што е помешано со обожавањето на некој друг или на нешто друго, за него е сосема неприфатливо. Тоа дури и го навредува! (Прочитај 2. Мојсеева 20:5.)
11. Како она што го рекол Илија на планината Кармил може да ни помогне да се преиспитаме што ни е најважно во животот и кого вистински го обожаваме?
11 Израелците биле како човек што сака истовремено да оди по два пата. И денес многу луѓе ја прават истата грешка со тоа што дозволуваат други „ваали“ да се вовлечат во нивниот живот и да ги одвратат од служењето на Бог. Тоа што Илија јасно и гласно го повикал народот да престане да криви и нас треба да нѐ поттикне да се преиспитаме што ни е најважно во животот и да утврдиме кого вистински го обожаваме.
Завршниот испит
12, 13. а) Каков испит предложил Илија? б) Како ќе покажеме дека имаме исто толкава доверба во Јехова како Илија?
12 Потоа, Илија предложил еден многу едноставен испит за да се види кој е вистинскиот Бог. Свештениците на Ваал требало да подигнат жртвеник и да постават жртва. Потоа, требало да го молат својот бог да пушти оган врз жртвеникот. По нив, и Илија ќе го направел истото. Тој рекол дека „Богот што ќе одговори со оган е вистинскиот Бог“. Илија добро знаел кој е вистинскиот Бог. Неговата вера била толку силна што без ронка двоумење им дозволил на пророците на * (1. Цар. 18:24, 25).
Ваал први да го повикаат својот бог. На своите противници им дал предност во секој поглед. Им дозволил први да го изберат јунецот за жртва и први да почнат да му се молат на Ваал13 Во денешно време не се случуваат чуда. Сепак, Јехова не се променил. И ние можеме да имаме исто толкава доверба во него како што имал Илија. На пример, кога другите не се согласуваат со она што го учи Библијата, не треба да се плашиме да им дозволиме први да си кажат што мислат. Исто како Илија, и ние можеме да бидеме сигурни дека вистинскиот Бог ќе ги води работите. Покажуваме таква доверба со тоа што не се потпираме на себе, туку на Божјата вдахновена Реч која е наменета „за поправање“ на работите (2. Тим. 3:16).
На Илија му било јасно како ден дека обожавањето на Ваал било обична измама, но сакал и Божјиот народ да го сфати тоа
14. Како почнал Илија да им се подбива на пророците на Ваал, и зошто?
14 Тогаш пророците на Ваал ја поставиле жртвата и почнале да го повикуваат својот бог. Упорно викале: „Ваале, услиши нѐ!“ Минувале минути, минувале часови, а тие и понатаму викале. „Но немаше ни глас ни одговор“, пишува во Библијата. Напладне, Илија почнал да им се подбива, саркастично велејќи им дека Ваал можеби е презафатен за да ги слушне, дека можеби отишол по нужда или можеби спие, па некој мора да го разбуди. „Викајте колку што ве држи гласот“, ги бодрел тие измамници. Се разбира, нему му било јасно како ден дека обожавањето на Ваал било обична измама, но сакал и Божјиот народ да го сфати тоа (1. Цар. 18:26, 27).
15. Што учиме од случката со свештениците на Ваал?
15 Тогаш свештениците на Ваал здивеле уште повеќе и ‚почнале да викаат колку што ги држел гласот и да се сечат со ножеви и со копја, според својот обичај, сѐ додека не ги облеала крв‘. Но, сѐ било залудно! ‚Немало ниту глас, ниту одговор, ниту, пак, знак дека некој ги слуша‘ (1. Цар. 18:28, 29). Всушност, немало никаков Ваал. Тој бог бил обична измислица на Сатана со која ги одвраќал луѓето од Јехова. И денес, оној што ќе си избере друг господар наместо Јехова ќе доживее разочарување, па дури и срам. (Прочитај Псалм 25:3; 115:4-8.)
Божјиот одговор
16. а) На што можеби Илија ги потсетил луѓето кога го поправил жртвеникот? б) На кој друг начин Илија покажал колку голема доверба има во својот Бог?
16 Доцна попладне дошол редот Илија да принесе жртва. Тој го поправил жртвеникот на Јехова кој бил уништен, по сѐ изгледа од непријателите на вистинската религија. Зел 12 камења, веројатно за да ги потсети големиот број луѓе од 10-племенското царство Израел дека сѐ уште се под Законот што им бил даден на сите 12 племиња. Потоа, на жртвеникот ја ставил жртвата и наредил да се полее со вода, која можеби ја донеле од Средоземното Море, кое се наоѓало во близина. Дури наредил да се ископа и окоп околу жртвеникот, па им рекол на луѓето и него да го наполнат со вода. Исто како што на пророците на Ваал на секој можен начин им дал предност, на Јехова, така да се рече, на секој можен начин му ја отежнал ситуацијата — толку голема доверба имал во својот Бог! (1. Цар. 18:30-35).
Со својата молитва, Илија покажал дека сѐ уште го сака својот народ бидејќи копнеел Јехова да ‚им го обрати срцето‘
17. Како молитвата на Илија покажала што му било најважно, и како можеме во нашите молитви да се угледаме на неговиот пример?
17 Кога сѐ било подготвено, Илија му се помолил на Бог. Со таа едноставна, но горлива молитва, Илија јасно покажал што му е најважно. Прво, тој сакал да се знае дека Јехова, а не Ваал, е „Бог во Израел“. Второ, сакал сите да знаат дека тој му е само слуга на Јехова, а сета слава и чест му припаѓаат на Бог. И трето, покажал дека сѐ уште го сака својот народ бидејќи копнеел Јехова да ‚им го обрати срцето‘ (1. Цар. 18:36, 37). И покрај сите маки што си ги нанеле со својата неверност, Илија не престанал да ги сака. Дали и ние со нашите лични молитви покажуваме дека сме понизни и дека ни е важно Божјето име? Дали се молиме за оние на кои им е потребна помош?
18, 19. а) Како одговорил Јехова на молитвата на Илија? б) Што побарал Илија од луѓето, и зошто свештениците на Ваал не заслужувале милост?
18 Пред да се помоли Илија, мноштвото луѓе можеби се прашувале дали на крајот ќе излезе дека и Јехова е лага и измама како Ваал. Но, откако Илија се помолил, веќе немало место за никакви сомнежи. Извештајот вели: „Тогаш слезе оган од Јехова и ги голтна жртвата паленица, дрвата, камењата и правот, и ја испи водата во окопот“ (1. Цар. 18:38). Каков спектакуларен одговор дал Јехова! Како реагирал народот на тоа?
19 Сиот народ почнал да вика: „Јехова е вистинскиот Бог! Јехова е вистинскиот Бог!“ (1. Цар. 18:39). Конечно ја сфатиле вистината. Сепак, сѐ уште не покажале вера. Да бидеме искрени, тоа што признале дека Јехова е вистински Бог откако виделе дека испратил оган од небото како одговор на една молитва и не е баш некој показател на вера. Затоа, Илија побарал уште нешто од нив. Им рекол дека сега треба да направат нешто кое требало да го сторат пред многу години — да го почитуваат Јеховиниот закон. А според Божјиот закон, лажните пророци и идолопоклониците требало да бидат погубени (5. Мој. 13:5-9). Овие свештеници на Ваал биле заколнати непријатели на Јехова Бог и свесно работеле против неговите намери. Дали заслужувале барем ронка милост? Па, каква милост покажале тие кон сите невини деца кои биле живи фрлани во оган како жртви на Ваал? (Прочитај Изреки 21:13, Ерем. 19:5). Тие луѓе не заслужувале никаква милост! Затоа, Илија наредил да бидат погубени (1. Цар. 18:40).
20. Зошто не се основани осудите на современите критичари за тоа што се случило со свештениците на Ваал?
20 Некои критичари го осудуваат тоа што се случило на планината Кармил. Други луѓе се плашат дека верските фанатици би можеле да го искористат ова како оправдување за верска нетолеранција. А, за жал, денес има многу такви насилни верски фанатици. Меѓутоа, Илија не бил фанатик. Тој го застапувал Јехова во праведното извршување на смртната осуда. Освен тоа, вистинските христијани знаат дека не смеат да постапуваат како Илија и да ги убиваат злите. За сите ученици на Исус важи начелото што тој му го кажал на Петар: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Мат. 26:52). Во блиска иднина, Јеховината праведна пресуда ќе ја изврши неговиот Син.
21. Каков убав пример им оставил Илија на христијаните денес?
21 Секој вистински христијанин е должен во својот живот да покажува вера во Јехова (Јован 3:16). Еден начин да го стори тоа е да се угледа на верните Божји слуги како што бил Илија. Тој му служел само на Јехова и ги поттикнувал и другите да го прават истото. Смело ја разоткрил лажната религија со која Сатана ги одвраќал луѓето од вистинскиот Бог. Исто така, не се потпирал на своите способности и не ја вршел својата волја, туку имал доверба дека Јехова ќе ги води работите. Слободно може да се каже дека Илија храбро ја застапувал вистинската религија. Затоа, сите да се угледаме на неговата вера!
^ пас. 7 Види ја рамката „Колку долго траела сушата во времето на Илија?”
^ пас. 9 Планината Кармил обично е покриена со зелена и бујна вегетација. По нејзините падини од морето дуваат ветрови кои носат голема количина влага, па затоа таму често врне дожд и се создава обилна роса. Бидејќи Ваал го сметале за бог на дождот, оваа планина очигледно заземала важно место во неговиот култ. Од таа причина, неплодната и сува планина Кармил била идеално место за да се разоткрие дека овој бог бил чиста измама.
^ пас. 12 Интересно е дека Илија им рекол ‚да не потпалуваат оган‘. Некои изучувачи тврдат дека тие идолопоклоници понекогаш имале жртвеници со скриена вдлабнатина под нив каде што веќе горел оган, така што се создавал впечаток дека огнот во еден момент се палел на натприроден начин.