Божјите закони за хигиената биле пред своето време
Пред околу 3.500 години, кратко пред Израелците да влезат во Ветената земја, Бог рекол дека ќе ги штити од „лошите египетски болести“ (5. Мојсеева 7:15). Меѓу другото, тој ги штител така што им дал детални упатства за тоа како да одржуваат хигиена и како да се чуваат од болести и епидемии. На пример:
Божјиот закон пропишувал Израелците да се капат и да си ја перат облеката (3. Мојсеева 15:4-27).
Во врска со човечкиот измет, Бог заповедал: „Имај скришно место надвор од логорот, место каде што ќе вршиш нужда. Во својата опрема имај и лопатка, па кога ќе излезеш да вршиш нужда, со неа ископај дупка, па сврти се и покриј го својот измет“ (5. Мојсеева 23:12, 13).
Луѓето за кои се сметало дека имаат заразна болест биле ставани одредено време во карантин за да не бидат во контакт со другите. Пред да се вратат во логорот, оние што се излечиле од болеста требало да си ја исперат облеката и да се искапат. Дури откако ќе го направеле тоа, биле сметани за чисти (3. Мојсеева 14:8, 9).
Секој што ќе допрел мрша или мртовец не смеел да доаѓа во допир со други (3. Мојсеева 5:2, 3; 4. Мојсеева 19:16).
Законите што му биле дадени на израелскиот народ содржеле медицински совети и гледишта за хигиената кои биле далеку пред своето време.
За разлика од Израелците, другите народи имале многу ниски мерила за хигиена. На пример:
Ѓубрето било фрлано на улица. Поради тоа, како и поради загадената вода и затруената храна, условите за живот биле ужасни и придонесувале за ширење на разни болести и за висока смртност на новороденчињата.
Во старо време, лекарите не знаеле речиси ништо за микроби, бактерии и вируси. На пример, Египќаните користеле како „лек“ крв од гуштер, измет од пеликан, мртви глувци, урина и мувлосан леб. Во своите медицински постапки често користеле човечки и животински измет.
Древните Египќани добивале болести од разните паразити кои ги имало во загадената вода на реката Нил и на нејзините канали за наводнување. Освен тоа, многу новороденчиња во Египет умирале од дијареја и слични заболувања кои биле предизвикани од затруена храна.
За разлика од другите народи, Израелците биле релативно здрави и имале многу користи затоа што ги држеле одредбите од Божјиот закон.