ИМА ЛИ СПАС ЗА НАШАТА ПЛАНЕТА?
Океаните
ОКЕАНИТЕ се извор не само на голем дел од храната што ја јадеме туку и на многу состојки што се користат за да се прават лекови. Океаните произведуваат повеќе од половина од кислородот во светот и ги апсорбираат емисиите на јаглерод диоксид кои се резултат на човечка активност. Освен тоа, океаните ја регулираат климата.
Каква опасност им се заканува на океаните
Климатските промени влијаат штетно врз коралните гребени, врз школките и раковите, како и врз останатиот подводен свет. Научниците предупредуваат дека речиси сите гребени — кои поддржуваат најмалку четвртина од сиот познат жив свет во морињата — би можеле да изумрат во следните 30 години.
Експертите проценуваат дека до 90 отсто од морските птици можеби изеле некаква пластика, и се смета дека поради пластиката која се наоѓа во океаните секоја година угинуваат милиони морски животни.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во 2022 год. изјавил: „Океаните ги земаме здраво за готово, и во моментов се соочуваме со она што јас би го нарекол ’ургентна состојба на океаните‘“.
Планета која е создадена за да опстане
Океаните и живиот свет во нив се создадени самите да се прочистуваат и да се одржуваат во добра состојба под услов луѓето да не ги загадуваат во голема мера. Една книга објаснува дека, кога еден дел од морето не е изложен на индустриско загадување, „процесите преку кои океаните самите се обновуваат се одвиваат непречено“ (Regeneration: Ending the Climate Crisis in One Generation). Да разгледаме неколку примери:
-
Ситни организми наречени фитопланктони консумираат и складираат јаглерод диоксид — гас кој се смета дека е главен причинител на глобалното затоплување. Само фитопланктоните складираат речиси иста количина јаглерод диоксид колку што складираат сите дрвја, тревите и другите копнени растенија на Земјата заедно.
-
Микробите се хранат со остатоците од мртвите риби, кои во спротивно би ги загадиле океаните. Потоа, микробите стануваат храна за други морски суштества. Според интернет-страницата за океаните од Смитсоновиот институт, оваа заедничка соработка „придонесува океаните да бидат чисти“.
-
Многу океански суштества преку својот дигестивен систем ја претвораат киселата вода во океаните — која им штети на коралите, школките и раковите, како и на други суштества — во поздрава алкална вода.
Што се прави за да се реши проблемот
Отпадот кој никогаш нема да влезе во океаните никогаш нема да мора да биде отстранет. Затоа експертите ги поттикнуваат луѓето да користат торби, прибор и садови кои се за повеќекратна употреба, а не пластични кои се користат само еднаш, а потоа се фрлаат во ѓубре.
Но, ова не е доволно. Неодамна, една организација за заштита на животната средина за една година собрала околу 8.300 тони отпад исфрлен од океаните на брегот на 112 земји. Сепак, тоа е само илјадити дел од ѓубрето кое што секоја година влегува во океаните.
Списанието Нешнл Џиографик известило дека „закиселувањето [на океаните] е дојдено до точка од која веројатно нема враќање“. Морските суштества се „во борба со глобалната економија, чиј темел се евтините фосилни горива. Ова воопшто не е фер борба“.
Причини за оптимизам — што вели Библијата
„Полна е земјата со твоите творби. А во ова море, толку големо и широко, се движат животни без број, суштества мали и големи“ (Псалм 104:24, 25).
Нашиот Творец ги создал океаните и нивната способност самите да се прочистуваат. Размисли: Ако тој знае толку многу за морињата и за сиот жив свет во нив, зарем не е логично да заклучиме дека може и да ја поправи штетата која им се нанесува на океаните? Види ја статијата „Бог ветува дека нашата планета ќе опстане“, која се наоѓа на страница 15.