Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што ни открива Библијата

Што ни открива Библијата

„Ова е историјата на создавањето на небото и на земјата“ (1. Мојсеева 2:4). Со овие зборови, Библијата го сумира извештајот за тоа како настанала нашата планета. Дали она што го вели Библијата е во склад со научните факти? Да разгледаме неколку примери.

Во почетокот: Создадени се небото и Земјата

Дали универзумот постоел отсекогаш?

Во 1. Мојсеева 1:1 пишува: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“.

Сѐ до втората половина на 20 век, многу истакнати научници верувале дека универзумот постоел отсекогаш. Но, на темел на најновите откритија, голем број научници сфатиле дека нашиот универзум, всушност, имал почеток.

Како изгледала Земјата на почетокот?

Во 1. Мојсеева 1:2, 9 пишува дека на почетокот Земјата била „празна и пуста“, прекриена со вода.

Овој опис е во склад со современите научни откритија. Биологот Патрик Ши вели дека на почетокот нашата планета имала „атмосфера која не била погодна за дишење бидејќи во неа немало кислород... и дека планетата била како глетка од научно-фантастичен филм“. Списанието Astronomy известува: „Новите истражувања покажуваат дека Земјата првобитно била водна површина на која едвај се гледало копно“.

Како нашата атмосфера се менувала со текот на времето?

Од 1. Мојсеева 1:3-5 дознаваме дека, кога светлината почнала да продира низ атмосферата, нејзиниот извор не можел да се види од површината на Земјата. Дури подоцна, Сонцето и Месечината можеле јасно да се видат од Земјата (1. Мојсеева 1:14-18).

Библијата не ни кажува дека сиот живот на Земјата бил создаден во текот на шест дена од по 24 часа

Центарот за истражување на животната средина при Смитсоновиот институт вели дека, на почетокот, низ нашата атмосфера продирала само дифузна светлина до Земјата. Оттаму велат: „Капките од метан во воздухот ја обвиткувале Земјата со густа пареа“. Подоцна, „пареата од метан се расчистила и се појавило сино небо“.

По кој редослед се појавиле живите суштества на Земјата?

Во 1. Мојсеева 1:20-27 пишува дека прво биле создадени рибите, потоа птиците, па копнените животни и на крајот човекот. Научниците веруваат дека првите риби се појавиле долго пред да се појават првите цицачи и дека луѓето се појавиле многу подоцна.

Библијата не кажува дека со текот на времето не може да дојде до одредени промени кај живите суштества

Што не ни кажува Библијата?

Некои луѓе тврдат дека Библијата не е во склад со современите научни откритија. Сепак, таквите тврдења честопати се темелат на погрешно разбирање на она што го пишува во Библијата.

Библијата не ни кажува дека универзумот или Земјата постои само 6.000 години. Наместо тоа, таа едноставно ни кажува дека Земјата и универзумот биле создадени „во почетокот“ (1. Мојсеева 1:1). Библијата не прецизира колку одамна се случило тоа.

Библијата не ни кажува дека сиот живот на Земјата бил создаден во текот на шест дена од по 24 часа. Всушност, таа го користи зборот „ден“ за да укаже на временски периоди. На пример, таа вели дека создавањето на нашата планета и на животот на неа — во текот на шесте „дена“ на создавање за кои се зборува во првото поглавје од Прва Мојсеева — се одвивало во временскиот период кој е наречен „денот кога Јехова a Бог ги направи земјата и небото“ (1. Мојсеева 2:4). Значи, секој од шесте „дена“ на создавањето за време на кои Бог ја подготвил Земјата за живот и го создал животот на неа можеле да претставуваат многу долги временски периоди.

Библијата не ни кажува дека со текот на времето не може да дојде до одредени промени кај живите суштества. Во книгата Прва Мојсеева пишува дека животните биле создадени „според нивните видови“ (1. Мојсеева 1:24, 25). Зборот „вид“ што се користи во Библијата има пошироко значење од зборот „вид“ што се користи во науката и се однесува на пошироките категории на живите суштества. Значи, во она што Библијата го нарекува „вид“ може да спаѓаат многу биолошки видови и подвидови. Ова не ја исклучува можноста дека со текот на времето се појавиле варијации во рамките на видовите кои живееле во иста заедница.

Што мислиш ти?

Како што видовме, Библијата со едноставни и точни зборови опишува како почнал да постои универзумот, како изгледала Земјата на почетокот и како настанал животот. Можно ли е тогаш Библијата точно да ни каже и кој е оној што ги создал овие работи? Во една енциклопедија го пишува следново: „Животот се појавил како резултат на некој натприроден настан... [ова] во суштина не е контрадикторно со современите научни сознанија“ (Encyclopædia Britannica). b

a Јехова е името на Бог кое го дознаваме од Библијата.

b Encyclopædia Britannica не ја поддржува идејата дека животот бил создаден.