Бучен снег
Бучен снег
НАУЧНИЦИТЕ откриле дека, кога врз водата ќе падне снег, секоја снегулка создава звук кој е нечуен за човечкото уво. Исто како завивање на пожарникарско возило кое наближува, овој звук достигнува максимум и потоа се губи, и сето ова се случува за околу еден 10 илјадити дел од секундата.
Дождовната капка или зрното град ја пробиваат површината на водата, но снегулката, бидејќи е полесна, останува одозгора. Меѓутоа, наскоро се топи и настанува „писокот“ што го спомнавме погоре. Ова било забележано уште пред 15 години, но работата останала неистражена. Меѓутоа, во последниве години овој звук почнал да им пречи на биолозите на Аљаска, кои користат сонар за да го следат лососот додека мигрира. Кога паѓа снегот, во заднината се слуша звук кој ги камуфлира сигналите на рибите. Тогаш набљудувањето мора да се прекине. Која е причината за оваа појава?
Списанието New Scientist објаснува дека, кога снегулката плови на површината на водата, одоздола се слуша слаб звук. Но, штом снегулката почне да се топи, капиларната привлечност ја вшмукува водата. Можеби во овој момент снегулката испушта воздушни меурчиња или, пак, нив ги уловува водата што се искачува нагоре. Секое меурче вибрира додека настојува да постигне рамнотежа со околината и притоа испушта звучни бранови, нешто како ѕвоно кое ѕвони — но со многу повисока фреквенција.
[Извор на слика на страница 31]
Snow Crystals/Dover