Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пирамидите на Мексико

Пирамидите на Мексико

Пирамидите на Мексико

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МЕКСИКО

ПОВЕЌЕТО луѓе денес знаат за пирамидите во Египет. Но, и во Америка археолозите пронашле многу градби слични на пирамиди, особено во Мексико. Исто како нивните еквиваленти во Египет, и пирамидите во Мексико се стари со векови и обвиткани се во мистерија.

Египетските пирамиди се гробници кои се сместени среде едно огромно возвишение од симетрично наредени камења. Внатрешни ходници водат до гробот, кој е најважен дел на пирамидата. Меѓутоа, пирамидите во Мексико се огромен куп земја со храм на самиот врв и со надворешни скалила кои водат до врвот. Со неколку исклучоци, пирамидите што се пронајдени во Америка не се гробници.

Теотихуакан — „Градот на боговите“

Едно од најистакнатите наоѓалишта на пирамиди во Мексико е Теотихуакан. На околу 50 километри североисточно од Мексико Сити, Теотихуакан сѐ уште е мистерија за антрополозите и археолозите. Оваа древна метропола била напуштена од своите градители повеќе од 500 години пред да се појави ацтечката култура. Името Теотихуакан, кое потекнува од јазикот нахуати, значи „Град на боговите“ или „Онаму каде што луѓето стануваат богови“. Се мисли дека Ацтеките му го дале ова име на градот кога дошле во него.

Џорџ Стјуарт, еден од уредниците на списанието National Geographic, објаснува дека „Теотихуакан бил првиот вистински урбанизиран центар на Западната хемисфера . . . Бил подигнат некаде во почетокот на христијанската ера, постоел околу седум векови, а потоа преминал во легенда. Се проценува дека на врвот на својот просперитет, околу 500 н.е., во него живееле од 125.000 до 200.000 луѓе“.

Речиси во центарот на овој град се наоѓа големата Пирамида на Сонцето. Во основата има димензии од 220 на 225 метри, а нејзините пет тераси се издигнуваат до нејзината сегашна височина од околу 63 метри. За да стигнете до врвот на пирамидата, мора да се искачите по повеќе од 240 скалила. На север од овој древен град е Пирамидата на Месечината, чиј врв е висок 40 метри. На врвовите на овие две главни пирамиди некогаш имало храмови.

Во последниве децении се дознаа многу работи за овие пирамиди. Меѓутоа, како што вели Стјуарт, „сѐ уште не знаеме речиси ништо за потеклото на Теотихуаканците, каков јазик зборувале, како било организирано нивното општество и што го предизвикало нивниот пад“.

Други наоѓалишта на пирамиди

Во самиот центар на Мексико Сити може да се посети Главниот храм на Ацтеките. Иако не се гледаат никакви пирамиди, сѐ уште можат да се видат остатоци од една структура во облик на пирамида, која била подножје на Главниот храм. Археолозите пронашле два олтара на кои се принесувале човечки жртви.

Чичен-Ица е едно од најпосетуваните наоѓалишта на пирамиди во Мексико. Во регионот на Маите има многу древни урнатини, но овие се најпристапни затоа што се наоѓаат во близината на градот Мерида на Јукатан. Иако се изградени на територијата на Маите, овие градби покажуваат дека овие области некогаш биле под влијание на Толтеките. Некои градби покажуваат дека градителите располагале со софистицирани математички и астрономски сознанија.

Во Паленке, среде џунглата на Чијапас, посетителите ќе наидат на еден импресивен комплекс на Маите. Меѓу многуте пирамиди и градби, тука се наоѓаат Палатата и Храмот на натписите. Храмот на натписите е „еден од најпрочуените храмови во цела Средна Америка затоа што не бил само подножје за храм како што се сите други туку и погребен споменик“, објаснува книгата The Mayas—3000 Years of Civilization (Маите — 3000 години цивилизација). „Внатре има засводени скалила кои водат до највеличествената гробница што некогаш е пронајдена на територијата на Маите“. Овој гроб бил изграден за еден владетел кој живеел во седмиот век — Пакал, или Уоксок Ахау.

Ова се само неколку од пирамидите во Мексико. Во оваа земја можат да се најдат урнатини и пирамиди уште на многу места. Исто така, големи пирамиди има во Гватемала и Хондурас. Сите овие древни градби покажуваат дека жителите на Средна Америка сакале да ги градат своите места на обожавање на некое возвишено земјиште. Валтер Крикеберг, автор на книгата Las Antiguas Culturas Mexicanas (Древните култури на Мексико), напишал: „Обичајот на градење храмови врз скалесто подножје датира уште од древниот обичај на обожавање на височините“. Тој додава: „Иако за нас небото е ‚свод‘, за други народи тоа претставувало планина преку која сонцето се кревало наутро и се спуштало навечер; значи, неговите падини се скалести како оние на некоја џиновска зграда. Така, ‚вештачката планина‘ . . . била преобразена во скалеста пирамида и, како што може да се заклучи од легендите и обичаите, кај многуте народи на Средна Америка таа станала симбол на небото“.

Ваквото сфаќање може да ги потсети оние кои ја проучуваат Библијата на библискиот извештај за Вавилонската кула, што се наоѓала во еден град кој подоцна станал познат како Вавилон. Битие 11:4 го кажува следново за градителите на оваа кула: „Тогаш рекоа: ‚Ајде, да си изградиме град и кула, со врв до небото! Да си спечалиме име, за да не се распрснеме по целата земја!‘“ Недалеку од урнатините на Вавилон, археолозите пронашле градби во облик на пирамиди, познати како зигурати.

Обликот на обожавање кој води потекло од Вавилон се проширил во многу делови на светот и веројатно дошол и до областа која станала позната како Мексико. Не би се изненадиле ако зигуратите на Вавилон, како и религијата што се практикувала таму, се прототип на мистериозните и импресивни пирамиди во Мексико.

[Слика на страница 29]

Теотихуакан

[Извор на слика]

CNCA.-INAH.-MEX Reproducción Autorizada por el Instituto Nacional de Antropología e Historia

[Слика на страница 30]

Паленке