Јадете зеленчук!
Јадете зеленчук!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
„Горчи.“ „Има ужасен вкус.“ „Никогаш не сум го јадел.“
ОВА се само неколку причини зошто многумина одбиваат да јадат зеленчук. Како е со Вас? Дали секој ден јадете зеленчук? Разбудете се! направи неколку интервјуа за да открие зошто некои луѓе сакаат зеленчук а други не.
Оние кои јадат зеленчук рекоа дека нивните родители ги научиле колку е важно да се јаде зеленчук, мешунки и овошје. За разлика од тоа, многумина од оние кои не сакаат зеленчук не биле навикнати да го јадат уште како деца. Наместо тоа, повеќе сакале брза храна. Меѓутоа, дури и тие се согласуваат дека зеленчукот игра важна улога во одржувањето на добро здравје.
Родители, научете ги своите деца да јадат зеленчук! Како? Публикацијата Facts for Life (Факти за животот), објавена од Детскиот фонд на Обединетите нации, предлага барем еднаш на ден, по доењето или хранењето од шише, на бебињата кои наполниле околу шест месеци да им се даде зеленчук кој прво се вари, се лупи и потоа од него се прави кашичка. Колку поразновидна е храната, толку подобро за детето. Д-р Вагнер Лапате, бразилски специјалист за деца, вели дека, иако млекото е главен извор на храна во првите две години, воведувањето на други хранливи производи „го поттикнува бебето да открива нови вкусови“.
Во книгата Medicina—Mitos y Verdades (Медицина — митови и вистини), Карла Леонел вели дека мали количества сок од портокал, пире од овошје (како што е бананата, јаболкото и папајата), житните снегулки и супата од зеленчук можат да се воведат во исхраната на бебето дури и порано отколку што е наведено погоре. Се разбира, бидејќи мислењата во врска со ова се разликуваат, би било мудро да се консултирате со Вашиот педијатар.