На сите ни требаат пријатели
На сите ни требаат пријатели
„Пријател е оној со кого можеш отворено да зборуваш за сѐ и слободно да му се јавиш во секое време“ (Јаел, Франција).
„Пријателот те разбира кога ти е тешко и сочувствува со тебе“ (Гаел, Франција).
„ИМА . . . пријател поприврзан од брат“ (Пословици 18:24). Од времето кога овие зборови биле запишани во Библијата пред околу 3.000 години, човечката природа не се променила. Пријателството и понатаму останува исто толку важно за човечкиот дух колку што се важни храната и водата за човечкото тело. Сепак, на мнозина им е тешко да ја задоволат оваа основна потреба. Насекаде има осамени луѓе. „Не е тешко да се заклучи што е причината за ова“, велат Карен Рубинштајн и Филип Шејвер во својата книга Во потрага по блискост (In Search of Intimacy). Некои од факторите што ги наведуваат тие се „постојаната раздвиженост“, односно тоа што луѓето често се селат од едно место во друго; „меѓусебната отуѓеност во градовите каде што врие од криминал“, како и „телевизијата и видеото, кои ги замениле директните контакти со другите“.
Современиот начин на живеење ни ги црпи времето и силата. Во својата книга Меѓу пријатели (Among Friends), Лети Погребин пишува: „Жителите на денешните градови среќаваат повеќе луѓе во текот на една седмица отколку што селаните во 17 век среќавале за цела година, па дури и за целиот свој животен век“. Покрај стотиците познаници со кои секојдневно доаѓаме во контакт, можеби е тешко да му посветиме доволно време и внимание на некое одредено лице за да можеме да развиеме длабоко и трајно пријателство со него.
Општествените услови нагло се менуваат дури и на места каде што до неодамна не се живееше со толку брзо темпо. „Порано бевме многу блиски со пријателите“, вели Ула, која живее во Источна Европа. „Но, сега повеќето се преокупирани со работата или се растрчани по некои свои лични цели. Веќе никој нема време за никого. Гледаме како лека-полека старите пријателства се распаѓаат.“ Фатени во вртлогот на секојдневието, пријателите веќе не ни се толку важни.
Сепак, нашата потреба од пријатели и понатаму останува силна. Оваа потреба е особено изразена кај младите. Јаел, која беше цитирана погоре, објаснува: „Кога си млад, имаш потреба да бидеш прифатен и да бидеш дел од некоја група, да бидеш близок со некого“. Без разлика дали сме млади или стари, сите копнееме да имаме блиски пријатели бидејќи тоа нѐ прави среќни. Иако ова не е лесно, сепак можеме многу да сториме за да стекнеме вистински пријатели и да ги задржиме. Следните статии ќе зборуваат токму за ова.