Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Невиден „бум“ во технологијата

Невиден „бум“ во технологијата

Невиден „бум“ во технологијата

ВО Албанија сосема е нормално да се види постар човек што јава на магаре и во исто време зборува на мобилен телефон. Во Индија, има просјаци што накратко прекинуваат со просењето за да се јават на мобилен. Да, со мобилните телефони, компјутерите и телевизијата, технологијата стигна до секое ќоше во светот — достапна е и за сиромашните и за богатите — и стана дел од животот на многу луѓе.

Влијанието на технологијата веројатно е најочигледно на полето на мобилните телефони, од кои повеќето и не се само телефони. Поновите модели му овозможуваат на корисникот пристап до Интернет, да праќа и да добива имејлови и СМС-пораки, да гледа ТВ, да слуша музика, да фотографира, да го користи Глобалниот систем за позиционирање (GPS) и — за малку ќе заборавевме — да се јави некому!

Според еден извештај во весникот Washington Post, еден мултимедијален смартфон „сега има поголема моќ за обработка на информации отколку што имаше Северноамериканскиот систем за воздушна одбрана во 1965 год.“ Во весникот уште се вели: „Сега, секој втор човек на Земјата има мобилен телефон“, а во најмалку 30 земји има повеќе мобилни телефони отколку луѓе. Сведоци сме на „најбрзото ширење на еден електронски уред во човечката историја“, пишува весникот.

Во светски рамки, речиси 60 отсто од корисниците на мобилната телефонија живеат во земјите во развој. Од оваа причина, мобилните телефони се првиот високотехнолошки комуникациски уред кој има најголем број корисници во тие земји. На пример, во Авганистан, во 2008 год., секој месец имаше околу 140.000 нови претплатници, а во последните неколку години, бројот на корисници во Африка растеше речиси за 50 отсто годишно.

Но, комуникациската револуција има и негативна страна. Со мобилните телефони, пејџерите и лаптоп-компјутерите човекот станува достапен речиси во секое време и на секое место. Токму поради ова, некои корисници се чувствуваат „фатени“ во електронската мрежа. Друга крајност се зависниците од технологија, кои чувствуваат силен порив постојано да бидат „на мрежа“ за да бидат во тек со случувањата.

Зависност, поделено внимание, пречки — ова се веројатно најпознатите проблеми поврзани со современата технологија на полето на комуникацијата и медиумите. * Но, истите овие уреди имаат и многу позитивни страни. Тогаш, како да ги користиме урамнотежено, мудро и обѕирно? Ова ќе биде разгледано во следните статии.

[Фуснота]

^ Во овие статии се зборува за мобилните телефони, компјутерите, телевизијата и Интернетот. Доколку не е наведено поинаку, изразот „технологија“ се однесува на нив.