Поглед во светот
Поглед во светот
◼ Според една анкета во Германија, со која беа опфатени 2.000 испитаници, речиси 40 отсто од тинејџерите на возраст од 14 до 19 години рекле дека е во ред да се прекине врска преку СМС или преку имејл. За преку 80 отсто од лицата што имаат од 50 години нагоре ова е сосема неприфатливо (FRANKFURTER NEUE PRESSE, ГЕРМАНИЈА)
◼ Според една проценка, во 2008 год., низ целиот свет биле испратени 2,3 трилиони СМС-пораки (HITU NEWS, ТАХИТИ)
◼ „За колку си го скратува животот еден пушач? Во просек, за пет до десет години“ (UC BERKELEY WELLNESS LETTER, САД)
◼ Се проценува дека дури и до 60 отсто од канцелариските компјутери во САД се оставаат вклучени преку ноќ. Тоа значи дека, секоја година, електричните централи непотребно испуштаат 14,4 милиони тони јаглероден диоксид (WORLD WATCH, САД)
Автобусите пропагираат атеизам
„Бог најверојатно не постои. Затоа, опушти се и уживај во животот!“ Весникот The Guardian јавува дека овој слоган можеше да се види на 200 автобуси во Лондон, на уште 600 други автобуси низ цела Англија и на две огромни рекламни паноа на „Оксфорд Стрит“ во Лондон. Организаторите велат дека нивната кампања е реакција на религиозната рекламна кампања со која неверниците беа осудени дека ќе горат во пекол. Зборот „најверојатно“ се користи за да се задоволат барањата на британската Агенција за стандарди во маркетингот, бидејќи е невозможно да се докаже дека Бог не постои. Една од целите на оваа кампања е да охрабри повеќе атеисти слободно да ги изразат своите ставови.
Планираното пораѓање е ризично
Сѐ повеќе мајки во САД се пораѓаат предвреме — или со провокации или со царски рез — затоа што така им одговара. Меѓутоа, „последните седмици од бременоста се многу поважни отколку што досега се мислеше“, вели списанието The Wall Street Journal. Една студија спроведена на околу 15.000 новороденчиња покажа дека, во периодот меѓу 32. и 39. седмица од бременоста, со секоја седмица што бебето ќе ја помине во матката, за 23 отсто се намалува ризикот тоа да добие грчеви, жолтица, заболувања на дишните патишта и крвавења во мозокот. Кај бебињата родени меѓу 32. и 36. седмица постои поголем ризик од благи нарушувања во однесувањето и мисловните способности. Затоа Американскиот факултет за акушери и гинеколози препорачува да не се раѓаат бебињата „пред 39-тата седмица, освен ако постои медицинска причина за тоа“, вели истото списание.
Качувањето по скали е добро за здравјето
„Редовното качување по скали е едноставен и практичен начин да си го подобрите здравјето“, известува британското списание за медицина The Lancet. Истражувачите замолиле 69 лица чија работа не бара физички напор да користат скали наместо лифт додека се на работното место. По 12 седмици, количината на вдишан кислород кај овие вработени се зголемила за 8,6 отсто, а со тоа ‚ризикот за смртност од кој и да било фактор се намалил за 15 отсто‘. Кај некои од нив дошло и до намалување на „крвниот притисок, холестеролот, телесната тежина, масните наслаги и обемот на половината“.