Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што да носам?

Што да носам?

Младите прашуваат

Што да носам?

Нина се спрема да излегува, но нејзините родители не можат да си поверуваат на очите.

„Ќе излегуваш така облечена?“ — запрепастено прашува татко ѝ.

„Зошто, што ми фали?“ — одговара Нина зачудено. „Ќе одам само до трговскиот со друштвото.“

„Не, така облечена нема да излезеш!“ — вели мајка ѝ.

„Ама, мамо“, се буни Нина, „па сите деца се облекуваат вака... и, освен тоа, облеката покажува која сум!“

„Е па, нам не ни се допаѓа она што таа го покажува!“ — ѝ одвраќа остро татко ѝ. „Оди горе и преоблечи се или нема да одиш никаде!

РАСПРАВИИТЕ околу облеката не се ништо ново. * Можеби и твоите родители воделе иста борба со нивните родители кога биле на твои години. Веројатно и тие се чувствувале исто како што се чувствуваш и ти! Но, сега тие се на другата страна од „фронтот“ и постојано меѓу вас има „престрелки“ поради твојата облека.

Ти велиш: Удобна е.

Тие велат: Неуредна е.

Ти велиш: Просто е неодолива!

Тие велат: Премногу е провокативна.

Ти велиш: На половина цена е.

Тие велат: И треба да е... Половина од сукњата фали!

Има ли шанси да склучите примирје? Да! Меган, која сега има 23 години, знае како се постигнува тоа. „Не мора да дојде до кавга“, вели таа. „Може да се постигне договор.“ Договор? Дали тоа значи дека ќе мора да се облекуваш како тетка?! Смири се! Да постигнете договор едноставно значи ти и твоите родители да разговарате за вашите различни гледишта и да најдете решенија со кои ќе бидете задоволни сите. Зошто е тоа добро?

1. Ќе изгледаш убаво, дури и во очите на врсниците.

2. Родителите нема да ја критикуваат твојата облека.

3. Откако ќе видат дека си одговорна на ова подрачје, можеби ќе ти дадат поголема слобода и за други работи.

Затоа, да се фатиме за работа. Помисли на некое парче облека што „едноставно мора“ да го имаш, а кое си го видела на Интернет или во некоја продавница. Прво нешто што треба да направиш е...

Размисли за библиските начела

Интересно, но Библијата многу малку зборува за облеката. Всушност, сите библиски совети поврзани со таа тема можеш да ги прочиташ наглас за само две-три минути! Но, и за толку кратко време ќе најдеш проверени, корисни совети. На пример:

◼ Библијата ги советува жените да се облекуваат ‚скромно и разборито‘ (1. Тимотеј 2:9, 10).

Можеби малку те загрижува зборот ‚скромно‘. Можеби ќе речеш: ‚Па, зарем морам да се облекувам демоде?‘ Не! Во овој контекст, скромноста значи дека твојата облека покажува дека имаш самопочит и обѕир кон чувствата на другите (2. Коринќаните 6:3). Многу видови облека одговараат на овој опис. „Можеби е предизвик“, вели Даниела (23), „но можеш да бидеш модерен без да се облекуваш крајно упадливо.“

◼ Библијата вели дека, кога станува збор за изгледот, пред сѐ треба да обрнеме внимание на „тајниот човек на срцето“, односно на нашата личност (1. Петрово 3:4).

Со нескромна облека можеби за момент ќе привлечеш погледи, но внатрешната убавина е таа што ќе ти помогне да ја стекнеш почитта и на возрасните и на врсниците. На врсниците? Да — дури и тие можеби ќе сфатат колку е бесмислено да се претерува во облекувањето. „Ми се гади кога ќе видам жени кои со својата провокативна облека просто како да им се нудат на мажите!“ — вели Британи (16). И Кеј го дели нејзиното мислење. За една поранешна пријателка таа го вели следново: „Сѐ што носеше како да викаше ‚видете ме‘. Сакаше да им го привлече вниманието на машките, и затоа носеше облека што веднаш паѓаше в очи“.

Моден совет: Немој да носиш провокативна облека. Така може да изгледаш самобендисано и спремна на сѐ. Освен тоа, може да станеш мета на непристојни дофрлања — или на нешто уште полошо. Од друга страна, скромната облека прави да изгледаш убаво и ги нагласува твоите добри особини.

Зборувај со родителите

Решението не е во тоа да пикнеш во ранецот некоја провокативна облека во која ќе се преоблечеш штом ќе стигнеш на училиште. Родителите ќе имаат поголема доверба во тебе ако си отворена и искрена со нив, дури и за работи за кои мислиш дека можеш да се извлечеш без да дознаат. Всушност, можеби е најдобро да ги прашаш за мислење во врска со некоја облека што сакаш да ја купиш (Изреки 15:22).

Но, зошто би направила такво нешто? Зарем целта на родителите не им е да го уништат твојот осет за мода? Не е така. Точно е дека мајка ти и татко ти можеби поинаку гледаат на работите. Но, понекогаш токму тоа и ти треба. „Ги ценам советите на моите родители‘, вели Натали (17), „зашто не сакам, кога ќе излезам од дома, да бидам за потсмев или луѓето да зборуваат лошо за мене поради мојот изглед.“

Освен тоа, да бидеме реални: сѐ додека живееш под нивен покрив, тие имаат авторитет над тебе (Колошаните 3:20). Сепак, кога ќе ги разбереш нивните гледишта — а и тие твоите — можеби ќе се изненадиш колку често можете да дојдете до заедничко решение. Тоа може да значи крај на расправиите околу облеката!

Моден совет: Кога пробуваш облека, не потпирај се само на она што го гледаш во огледалото. Облека што навидум е скромна може и да не е толку скромна кога ќе седнеш или кога ќе се наведнеш. Ако е можно, прашај некој од родителите или друг зрел пријател што мисли за облеката.

[Фуснота]

^ Иако овие библиски совети се упатени до девојките, начелата важат и за момчињата. Види ја рамката  „А што е со момчињата?“

РАЗМИСЛИ

Сети се на некоја облека што би сакала да си ја купиш. Потоа прашај се:

◼ Каква „порака“ пренесува таа облека?

◼ Како може да реагираат другите кога ќе ме видат така облечена?

◼ Дали сакам да предизвикам таква реакција и да ги трпам последиците од неа?

[Рамка/слики на страница 19]

Избор на гардероба — прашалник

Упатства: Копирај ја оваа страница. Твоите родители нека ја пополнат десната, а ти пополни ја левата колона. Подоцна, сменете си ги листовите и разговарајте за вашите одговори. Се изненадивте ли од некој одговор? Што научивте за вашите гледишта за кои претходно не бевте свесни?

ЗА ТЕБЕ

Размисли за некое конкретно парче облека што сакаш да го носиш или да го купиш.

◼ Зошто сакаш да ја купиш таа облека? Според важноста, означи ги со број факторите наведени подолу.

............... Добра марка е

............... Привлечна е за спротивниот пол

............... Прифатлива е за врсниците

............... Удобна е

............... Цената е добра

............... Друго ...............

◼ Најверојатно првата реакција на моите родители ќе биде:

„Нема шанси!“

„Можеби“

„Нема проблем“

◼ Најверојатно причината за нивниот приговор ќе биде:

„Премногу е провокативна“

„Премногу е неуредна“

„Премногу е помодна“

„Остава лоша слика за нас како родители“

„Прескапа е“

Друго ...............

МОЖЕМЕ ЛИ ЗАЕДНО ДА НАЈДЕМЕ РЕШЕНИЕ?

◼ За кои работи моите родители имаат право?

...............

◼ Би можеле ли да ја преправиме облеката за да биде прифатлива?

...............

ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Размисли за некое конкретно парче облека што твојот тинејџер сака да го носи или да го купи.

◼ Што мислиш, зошто на твоето дете му се допаѓа таа облека? Означи ги со број факторите онака како што мислиш дека му се важни.

............... Добра марка е

............... Привлечна е за спротивниот пол

............... Прифатлива е за врсниците

............... Удобна е

............... Цената е добра

............... Друго ...............

◼ Мојата прва реакција е:

„Нема шанси!“

„Можеби“

„Нема проблем“

◼ Причината за мојот приговор е:

„Премногу е провокативна“

„Премногу е неуредна“

„Премногу е помодна“

„Остава лоша слика за нас како родители“

„Прескапа е“

Друго ...............

МОЖЕМЕ ЛИ ЗАЕДНО ДА НАЈДЕМЕ РЕШЕНИЕ?

◼ Дали нашиот приговор е, всушност, само работа на вкус?

Да Можеби Не

◼ Би можеле ли да ја преправиме облеката за да биде прифатлива?

...............

ОДЛУКА

...............

[Рамка/слики на страница 20]

ШТО ВЕЛАТ ТВОИТЕ ВРСНИЦИ

„Добро е да си имаш свој стил на облекување, сѐ додека не се коси со библиските начела. Можеш да купиш многу работи што изгледаат убаво, а што одговараат за христијани“ (Дерек)

„Како тинејџерка, сакав да бидам независна. Не сакав да ми кажуваат што да облечам. Но, со текот на времето, сфатив дека луѓето не ме почитуваат онака како што би сакала. Тоа се смени дури откако почнав да го земам предвид мислењето на моите родители и на постарите“(Меган)

„Кога ќе видам провокативно облечени девојки, веднаш ми се намалува ценењето за нив. Од друга страна, кога ќе видам скромно, но сепак убаво облечени луѓе, си велам: ‚Сакам и мене другите да ме гледаат така‘“ (Натали)

[Рамка/слика на страница 21]

 А ШТО Е СО МОМЧИЊАТА?

Библиските начела за кои се зборува во оваа статија важат и за момчињата. Биди скромен. Дозволи да дојде до израз твојот таен човек на срцето — твојата личност. Кога размислуваш дали да купиш нешто, прашај се: ‚Што кажува оваа облека за мене? Дали навистина покажува каков сум?‘ Не заборавај, облеката е начин на изразување. Потруди се твојата облека да ги одразува начелата во кои веруваш!

[Рамка на страница 21]

ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ

Размисли за ситуацијата од почетокот на статијата и замисли дека Нина е твоја ќерка. Во очи ти паѓа дека блузата ѝ е премногу отворена — според тебе, таа е речиси гола. Веднаш ѝ велиш: „Оди горе и преоблечи се или нема да одиш никаде!“ Со ваква реакција можеби ќе го добиеш саканиот резултат. На крајот на краиштата, ќерка ти нема друг избор освен да те послуша. Но, како ќе ја научиш да си го смени и размислувањето, а не само облеката?

◼ Прво, запамти дека твоето дете мора да биде исто толку, па дури и повеќе, свесно за последиците од нескромноста. Длабоко во себе, ниеден тинејџер не сака да изгледа глупаво или да привлекува непотребно внимание. Стрпливо укажи му на своето дете дека нескромната гардероба не остава убава слика за него. * Препорачај му нешто друго.

◼ Второ, ‚твојата разумност нека биде позната‘ (Филипјаните 4:5). Размисли: ‚Дали гардеробата на моето дете прекршува некое библиско начело или само не е по мој вкус?‘ (2. Коринќаните 1:24). Ако се работи за вкус, би можел ли да му дозволиш да ја носи?

◼ Трето, немој само да му кажеш на својот тинејџер што не е прифатливо. Помогни му да најде облека што одговара за христијани. Времето и трудот ќе ти се исплатат.

[Фуснота]

^ Веројатно твојот тинејџер е многу свесен за своето тело, затоа внимавај со ништо да не му оставиш впечаток дека нешто не е во ред со неговиот изглед.