Притисок да се биде нечесен
Притисок да се биде нечесен
„Одамна ја снема чесноста во бизнисот, а оние што се трудат да бидат чесни се осудени на неуспех“ (Стивен, САД).
СЕ СОГЛАСУВАШ ЛИ со оваа песимистичка изјава? Точно е дека нечесноста честопати носи успех — барем за некое време. Затоа, оние што се трудат да бидат чесни се изложени на силен притисок.
Притисок од самите себе. Кој не би сакал да има повеќе пари или повеќе удобности? Не е лесно да се одолее на можноста да се заработи на нечесен начин.
● „Мојата задача во компанијата е да одлучувам со кои фирми ќе склучиме договор. Често се случува да ми понудат поткуп. Многу е привлечна идејата да заработиш на лесен начин“ (Франц, Блиски Исток).
Притисок да се оствари што поголем профит. Поради влошените економски услови, во последниве години многу фирми низ целиот свет се борат да опстанат. Освен тоа, мораат да бидат во тек со брзиот технолошки развој и да држат чекор со сѐ поголемата конкуренција на регионално и глобално ниво. Вработените можеби сметаат дека нечесноста е единствениот начин да се остварат целите што им ги поставуваат сопствениците и раководителите.
● „Сметавме дека мораме да го направиме тоа, инаку фирмата ќе пропаднеше“ (Рајнхард Сикачек, уапсен за поткупување, The New York Times).
Притисок од другите. Колегите или клиентите може понекогаш да ти предложат, па дури и да побараат да се вклучиш во нивните нечесни планови.
● „Менаџерот на една фирма со која соработувавме дојде кај мене и ми рече дека ќе ја раскине зделката со нас ако не му платам. Со други зборови, сакаше да го подмитам“ (Јохан, Јужноафриканска Република).
Култура. Во некои култури, кога ќе се склучи деловна зделка, вообичаено е странките да си дадат подароци. Но, големината на подарокот или околностите во кои е даден лесно може да ја преминат границата на чесноста. Во многу земји, корумпирани службеници изнудуваат пари за да го направат она што, всушност, им е должност, и со драго срце ќе прифатат надомест ако побараш посебен третман.
● „Секогаш е тешко да се препознае разликата помеѓу подарок и поткуп“ (Вилијам, Колумбија).
Средина. Под најголем притисок се луѓето што живеат во крајна сиромаштија или во земји во кои владее анархија. Во таква средина, луѓето велат дека оние што не сакаат да мамат или да крадат не се грижат добро за своето семејство.
● „Сѐ додека не те фатат, нечесноста се смета за нешто нормално, неопходно и прифатливо“ (Томаси, ДР Конго).
Што води до нечесност
Притисокот да се биде нечесен има значителен ефект. Според една анкета спроведена меѓу менаџерите на фирмите во Австралија, 90 отсто од нив мислат дека митото и корупцијата се „погрешни, но неизбежни“. Испитаниците
рекле дека се спремни да ги погазат своите морални мерила за да склучат договор или за фирмата да оствари профит.Сепак, оние што постапуваат нечесно честопати се сметаат себеси за чесни. Како успеваат своите постапки да ги вклопат во сликата што ја имаат за себе? Во списанието Journal of Marketing Research стои: „Луѓето постапуваат доволно нечесно за да профитираат, но и доволно чесно за да се убедат себеси дека се морални и чесни“. За да немаат чувство на вина, си наоѓаат разни изговори за нечесноста, ја потценуваат нејзината сериозност или ја оправдуваат на разни начини.
На пример, за нечесноста луѓето користат изрази што не звучат толку лошо. Кога лажат или мамат, велат: „Снајди се, па живеј“. На поткупот гледаат како на „услуга“ или „забрзување на постапката“.
Други ја оправдуваат нечесноста со тоа што го извртуваат значењето на поимот чесност. Том, кој работи во финансиската индустрија, забележува: „Луѓето чесноста повеќе ја поврзуваат со постапки за кои не сносиш законски последици отколку со она што таа навистина е“. Дејвид, поранешен директор, вели: „Кога е разоткриена, нечесноста е осудена, но ако успееш да се извлечеш, тогаш е во ред. Другите ги сметаат за паметни оние што ќе успеат да се извлечат затоа што ‚се снашле‘“.
Мнозина дури и велат дека ако сакаш да бидеш успешен, мораш да си нечесен. Еден човек што долги години е бизнисмен вели: „Амбициозноста честопати ги тера луѓето да речат: ‚Ако сакаш да ја добиеш работата, мораш да си спремен на сѐ‘“. Но, дали е така? Или, пак, оние што сакаат да ја оправдаат нечесноста, всушност, ‚се залажуваат самите себе‘? (Јаков 1:22). Во следната статија ќе видиме која е користа од тоа да се биде чесен.
[Истакната мисла на страница 5]
„Луѓето чесноста повеќе ја поврзуваат со постапки за кои не сносиш законски последици отколку со она што таа навистина е“
[Слика на страница 5]
Мнозина велат дека, ако сакаш да бидеш успешен, мораш да си нечесен