ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Алкохол
Дали е погрешно да се пие алкохол?
„Вино што го весели срцето... масло за да свети лицето и леб што го закрепнува срцето“ (Псалм 104:15)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО
Во многу домови алкохолните пијалаци се неизоставен дел од секојдневието и честопати се важен дел од оброкот. Во други, пак, на пиењето алкохол се гледа со неодобрување. Зошто има различни гледишта во врска со алкохолот? Врз гледиштето на луѓето влијаат различни фактори, како што се културата, грижата за здравјето и религијата.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Библијата ги осудува опивањето и неумереноста, но не и умереното пиење алкохол (1. Коринќаните 6:9, 10). Всушност, од памтивек мажи и жени кои му служеле на Бог пиеле вино, пијалак кој во Библијата се спомнува повеќе од 200 пати (1. Мојсеева 27:25). Во Проповедник 9:7 пишува: „Јади го својот леб со радост и пиј го своето вино со весело срце“. Бидејќи виното го подига расположението, обично се служело на веселби, како што се свадбите. Токму на една таква веселба Исус Христос го направил своето прво чудо — претворил вода во ‚добро вино‘ (Јован 2:1-11). Виното се користело и како лек (Лука 10:34; 1. Тимотеј 5:23).
Дали Библијата ограничува колку алкохол може да се пие?
„Нека не робуваат на многу вино“ (Тит 2:3)
ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА
Секоја година, безброј семејства страдаат затоа што едниот или двајцата родители пијат премногу. Поради прекумерно пиење честопати доаѓа до падови и други несреќи, вклучувајќи и сообраќајни несреќи. Долгорочно гледано, прекумерното пиење алкохол може да го оштети мозокот, срцето, црниот дроб и желудникот.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Бог бара од нас да бидеме умерени и во пиењето и во јадењето (Изреки 23:20; 1. Тимотеј 3:2, 3, 8). Ако не покажуваме самосовладување во овој поглед, Јехова ќе нѐ отфрли. Библијата вели: „Виното е подбивно, опојниот пијалак е бучен, и секој што е заведен од него, не е мудар“ (Изреки 20:1).
Еден начин на кој алкохолот може да ги заведе оние што не се мудри е така што ги поткопува нивните морални вредности. Во Осија 4:11 пишува: „Блудството, виното и ширата го поматуваат разумот“. Еден човек по име Џон го научил ова на потешкиот начин. a По една расправија со жена му, отишол во хотел, се опил и направил прељуба — нешто за што подоцна многу се каел и решил никогаш да не го повтори. Прекумерното пиење алкохол може да ни наштети во физички, морален и духовен поглед, а Библијата вели дека пијаниците нема да добијат вечен живот (1. Коринќаните 6:9, 10).
Кога не е соодветно да се пие алкохол?
„Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3)
ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА
„Алкохолот... се смета за дрога“, пишува во книгата Голем семеен советник за здравјето. Затоа, има ситуации во кои не би било мудро дури ни умерено да пиеме алкохол.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Луѓето честопати „одат понатаму“ и запаѓаат во неволја затоа што пијат во погрешно време. „Сѐ си има свое време“, вели Библијата, што значи дека има време и кога не треба да се пие (Проповедник 3:1). На пример, можеби според законот некој не е доволно возрасен за да пие. Можеби некој се лечел од алкохолизам. Или, можеби зема лекови кои имаат лош ефект ако се пијат со алкохол. За повеќето луѓе, „време“ да не пијат е пред да одат на работа и додека се на работа, особено ако управуваат со опрема што би можела да биде опасна. Мудрите луѓе ги сметаат животот и здравјето за скапоцени дарови од Бог (Псалм 36:9). Кога дозволуваме библиските начела да влијаат врз нашиот став кон алкохолот, покажуваме почит кон овие дарови.
a Името е сменето.