Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ИНТЕРВЈУ | ИРЕНЕ ХОФ ЛОРЕНСО

Ортопедски хирург зборува за својата вера

Ортопедски хирург зборува за својата вера

Д-р Ирене Хоф Лоренсо е ортопедски хирург од Швајцарија. Во еден период од животот не верувала дека има Бог. Но, по неколку години се уверила дека Бог постои и дека тој е Творец на сѐ. Разбудете се! зборуваше со неа за нејзината вера и професија.

Како се заинтересиравте за науката?

Како дете многу ме воодушевуваше природата. Пораснав во Рихтерсвил, убаво швајцарско село на брегот на Циришкото Езеро. Родителите и постариот брат и сестра ме носеа на прошетки и ми кажуваа за животинките и растенијата што ќе ги видевме.

Зошто се определивте за ортопедска хирургија?

Едно време татко ми работеше како болничар и помагаше во операционата сала во локалната болница. Со голема одушевеност зборуваше за операциите што ги гледаше. Тоа ме поттикна подоцна да ја изберам хирургијата за моја професија. Специјализирав ортопедска хирургија затоа што ми се допаѓа примената на механичките принципи во неа. Ортопедските хирурзи мораат да размислуваат како инженери за да можат да ги поправат коските, мускулите и тетивите што ни овозможуваат да се движиме.

Но, најмногу од сѐ ме радува кога ќе видам како моите пациенти закрепнуваат. Вистинско задоволство ми е да работам со луѓе.

Зошто не верувавте дека има Бог?

Сомнежи првпат ми се појавија во младоста, а особено два фактора имаа силно влијание врз мене. Прво, увидов дека некои црковни лица се неморални. Тоа многу ме вознемири. Второ, на училиште, некои од моите наставници по биологија веруваа во еволуција — учење што и јас го прифатив, особено кога отидов на факултет.

Зошто ја прифативте еволуцијата?

Им верував на моите професори. Освен тоа, сметав дека сличноста во анатомијата на извесни видови животни укажува на заеднички предок и го поткрепува гледиштето дека генетските мутации водат до создавање нови видови.

Но, со текот на времето го сменивте мислењето. Зошто?

Еден пријател ме покани да одам со него на состанок на Јеховините сведоци. Посебен впечаток ми оставија срдечноста на луѓето и интересните говори. Подоцна, една фина госпоѓа од локалното собрание на Сведоците дојде кај мене дома. Ја прашав: „Како можам да знам дека Библијата е точна?“

Таа ми покажа многу библиски пророштва за настани што го обележуваат нашето време. Еден пример е пророштвото на Исус за последните денови. Тој рекол дека во последните денови низ целиот свет ќе има војни, „силни земјотреси“ и „смртоносни зарази и глад“. a Ми покажа и пророштва за пад на моралните вредности, за сѐ поголема алчност и за други неубави работи што денес ги гледаме насекаде околу нас. b Набрзо почнав со голем интерес да ја проучувам Библијата и сфатив дека пророштвата запишани во неа секогаш се исполнуваат. Почнав повторно да ги анализирам моите гледишта за потеклото на животот.

Дали истражувањата на полето на медицината влијаеја врз Вашето мислење за потеклото на животот?

Да. Кога почнав да ја проучувам Библијата, вршев истражувања во врска со операција на колено. Кон крајот на 1960-тите, на научниците им стана многу појасно колку сложен механизам е коленото. Открија дека нашето колено не само што се движи на оска, како што е случај кај шарките на вратата, туку и лизга. Благодарение на оваа совршена комбинација коленото може да прави голем број движења, овозможувајќи ни да одиме, да танцуваме, да лизгаме и да правиме многу други работи.

Веќе 40-ина години истражувачите се обидуваат да изработат вештачко колено. Но, човечкото колено е толку сложено што не е лесно да се направи копија. Освен тоа, во споредба со нашето колено, вештачкото има релативно краток рок на траење. Дури и со најдобрите материјали што им се на располагање, конструкторите се задоволни ако нивниот производ издржи 20 години. Се разбира, нашето колено е составено од живи клетки кои постојано се обновуваат. За мене, коленото е доказ, не за слепа еволуција, туку за Божјата мудрост.

А што е со мутациите и сличноста во анатомијата на извесни видови?

Таквата сличност повторно укажува на Творец. Впрочем, мутациите не ги подобруваат карактеристиките на живите организми издигајќи ги во повисок облик. Напротив, мутациите обично ги оштетуваат гените. Точно, една несреќа може да излезе и на добро — на пример, кога тежок воз ќе премине преку мост и ќе го сруши со што ќе го заштити градот од напад на непријателска војска. Но, несреќата не го направила градот подобро место за живеење. Слично на тоа, и мутациите не ги подобруваат организмите. Ниту, пак, можат да создадат нешто толку генијално осмислено како човечкото колено — а да не зборуваме за други делови од човечкото тело.

Мутациите не можат да создадат нешто толку генијално осмислено како човечкото колено

Зошто станавте Јеховин сведок?

Кога почнав да ги применувам библиските начела, животот значително ми се подобри. Освен тоа, во 2003 год., отидов на еден меѓународен конгрес на Јеховините сведоци каде што видов луѓе што живеат како вистинско семејство, дури и покрај тоа што никогаш во животот не се виделе. Таму видов што е вистинска љубов. Сакав и јас да живеам така.