Поглед во светот
Арктик
„Волуменот на мразот во лето е само една четвртина од она што беше пред 30 години“, вели Питер Вадамс, професор по океанска физика на Универзитетот во Кембриџ (Британија). Во 2012 год., околу 50 бродови поминаа по Северниот морски пат, кој стана прооден како резултат на глобалното затоплување.
Свет
Установено е дека мајчиното млеко што се лачи во деновите по породувањето содржи над 700 видови бактерии, што ги надмина очекувањата на експертите. Сѐ уште се вршат истражувања за да се утврди кои се позитивните ефекти на овие бактерии врз дигестивниот и имунолошкиот систем на новороденчето.
Британија
Едно истражување спроведено во Британија во кое се користеле симулатори за возење покажало дека возачите кои имале настинка реагирале побавно од возачите што биле под дејство на алкохол.
Демократска Република Конго
Секоја година, во Африка се случува „невиден“ масакр — десетици илјади слонови се убиени поради илегалната трговија со слонова коска. Во една прилика, неколку слонови беа застрелани во главата, најверојатно од хеликоптер.
Австралија
Во последните 27 години, Големиот корален гребен изгуби половина од живите корали. Најголемата вина научниците ја наоѓаат во тропските циклони, наездата од морски ѕвезди [Acanthaster planci] и избелувањето на коралите како последица од зголемената температура на океанот.