Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Среќата со пари не се купува

Среќата со пари не се купува

ИМА многу луѓе што се во опасност да ја изгубат работата, домот, па дури и да останат без пензија, а сепак се опседнати со купување зашто мислат дека со парите ќе можат да си купат и среќа. Каков апсурд!

Таквите луѓе се лесен плен за рекламната идустрија, која со своите привлечни реклами сака да ни каже дека мораме да имаме поголема куќа, подобра кола и брендирана облека. Немаш пари? Нема проблем, купувај на кредит! На мнозина им е најважно да остават впечаток дека добро стојат финансиски, а всушност се во долгови до гуша.

Но, кога-тогаш реалноста ќе те гризне. Во книгата Епидемија на нарцизам (The Narcissism Epidemic) се вели: „Купувањето раскошни работи на кредит за да изгледаш и да се чувствуваш како победник е исто како да земаш дрога за да се чувствуваш подобро. Во почетокот и двете се евтини и функционираат супер, но не за долго. На крајот, остануваш без скршена пара и паѓаш во депресија“.

Библијата кажува колку е бесмислено да го ‚истакнуваме својот имот‘ (1. Јованово 2:16). Факт е дека опседнатоста со материјални работи ни го одвлекува вниманието од најважните работи во животот — работи кои не можат да се купат со пари. Да разгледаме три такви работи.

1. СРЕЌНО СЕМЕЈСТВО

Бриен, a тинејџерка од САД, смета дека татко ѝ им придава преголема важност на работата и на парите што ги заработува. Таа вели: „Имаме сѐ што ни треба, па дури и повеќе, ама татко ми никогаш не е дома. Постојано е некаде на пат. Знам дека тоа му е дел од работата, ама мислам дека треба да поминува време и со своето семејство“.

Размисли: За што може да жали подоцна татко ѝ на Бриен? Како се одразува на неговиот однос со ќерка му тоа што става преголем акцент на материјалните работи? Што му треба на неговото семејство повеќе од пари?

Библиски начела:

  • „Алчноста за пари е корен на сите зла. Некои луѓе се толку алчни по пари, што дури... си нанесоа многубројни болки“ (1. Тимотеј 6:10, Радосна Вест).

  • „Подобро е јадење од зеленчук таму каде што има љубов отколку згоен јунец таму каде што има омраза“ (Изреки 15:17).

Заклучок: Среќата со пари не се купува. Семејството ќе биде среќно само ако поминувате време заедно и си покажувате љубов и внимание (Колошаните 3:18-21).

2. ВИСТИНСКА СИГУРНОСТ

„Мајка ми цело време ми кажува дека треба да се омажам за некој богат и да се школувам за да можам да најдам добра работа и да бидам обезбедена за цел живот“, вели Сара (17). „Изгледа дека единствено нешто што ѝ се врти низ глава се парите.“

Размисли: Кога помислуваш на иднината, кои работи те загрижуваат? Како би можеле тие грижи да станат претерани? Како би можела мајка ѝ на Сара да има поурамнотежено гледиште за финансиската сигурност?

Библиски начела:

  • „Престанете да собирате богатство на земјата, каде што молецот и ’рѓата нагризуваат и каде што крадци провалуваат и крадат“ (Матеј 6:19).

  • „Не знаете каков ќе ви биде животот утре“ (Јаков 4:14).

Заклучок: Трупањето пари не носи вистинска сигурност. На крајот на краиштата, парите може да бидат украдени — а и не можат да излечат болест или да спречат смрт (Проповедник 7:12). Библијата истакнува дека можеме да чувствуваме вистинска сигурност само ако го запознаеме Бог и неговата намера (Јован 17:3).

3. ВНАТРЕШНО ЗАДОВОЛСТВО

„Родителите ме научија да живеам скромно“ вели Тања (24). „Јас и мојата сестра близначка бевме среќни додека растевме иако честопати ги имавме само основните работи.“

Размисли: Зошто не е секогаш лесно да се биде задоволен со основните работи? Како твојот став кон парите влијае врз твоето семејство?

Библиски начела:

  • „Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8).

  • „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Заклучок: Парите и она што може да се купи со нив не се најважните работи во животот. Библијата вели: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Најголемо задоволство во животот наоѓаме кога го знаеме одговорот на важни животни прашања, како што се:

  • Зошто сме тука?

  • Што ни носи иднината?

  • Како можам да ги задоволам моите духовни потреби?

 

a Имињата во оваа статија се сменети.