Менопаузата и нејзините предизвици
„Наеднаш и без никаква причина ќе ме обземеше тага. Ќе почнев да плачам и да си мислам дека полудувам“ (Ана, a 50).
„Наутро се будиш и куќата е хаос. Не можеш ништо да најдеш. Она што со години ти било толку лесно, сега одеднаш ти изгледа толку тешко, а не знаеш зошто“ (Хуанита, 55).
ОВИЕ жени не биле болни. Тие минувале низ менопауза, односно климактериум — природна промена во животот на една жена и крај на нејзината способност за репродукција. Дали и ти наближуваш до овој период во животот? Дали можеби моментално си во менопауза? Како и да е, колку повеќе ти и твоите блиски сте информирани за овој период од животот на жената, толку полесно ќе се справите со предизвиците што ги носи.
Период на менопауза
Според лекарите, една жена е во менопауза ако немала менструален циклус 12 месеци по ред. Меѓутоа, при секојдневната употреба, зборот „менопауза“ обично укажува на самата менопауза, но и на периодот што води до неа (познат и како перименопауза).
Кај повеќето жени менопаузата започнува некаде по 40-тата година, но кај некои може да почне дури и по 60-тата. Најчесто, менструацијата престанува постепено. Поради нередовното лачење на хормони, жената може да има нередовна менструација, да почне да крвави неочекувано или да има обилни менструации. Само кај мал број жени се случува менструацијата да престане одеднаш.
„Секоја жена различно поминува низ климактериумот“, пишува во книгата Menopause Guidebook. Во неа понатаму се вели: „Највообичаен непријатен симптом на менопаузата се брановите на жештина“ по кои понекогаш се случува жената да почувствува студ. Тие симптоми може да ѝ го нарушат сонот и да ѝ ја одземат силата. Колку долго траат овие непријатности? Според книгата The Menopause Book, „во текот на менопаузата b
некои жени доживуваат неколку жешки бранови во период од една или две години. Други ги чувствуваат со години, а многу мал процент велат дека одвреме-навреме имаат такви бранови до крајот на животот“.Поради промените во нивото на хормони, жената може да има проблеми со концентрацијата и памтењето, а може да страда и од депресија и промени во расположението поради што лесно може да се расплаче. Сепак, „многу слаба е веројатноста една жена да ги доживее сите симптоми“, стои во книгата The Menopause Book. Всушност, некои може да си поминат многу лесно, па дури и воопшто да немаат никакви проблеми и непријатности.
Што ќе ти помогне
Некои едноставни промени во секојдневието може да ублажат одредени симптоми. На пример, жените што пушат може да ги намалат брановите на жештина ако ги остават цигарите. Освен тоа, на многу жени може да им помогне ако направат некои промени во исхраната, на пример, да избегнуваат алкохол, кофеин, зачинети јадења или храна богата со шеќери, зашто сите овие работи можат да предизвикаат бранови на жештина. Се разбира, важно е исхраната да биде добра, односно избалансирана и разновидна.
И вежбањето може многу да ги ублажи симптомите во менопаузата. На пример, може да помогне при несоница и значително да го подобри расположението, како и да ги зајакне коските и позитивно да влијае врз целокупната здравствена состојба. c
Отворено разговарај со најблиските
„Нема потреба да држиш сѐ во себе“, вели Ана, која беше цитирана претходно. „Ако отворено разговараш со најблиските, тие нема премногу да се вознемират кога ќе видат промени кај тебе.“ Всушност, тоа може да им помогне да бидат пострпливи и да имаат поголемо разбирање. Во 1. Коринќаните 13:4 стои: „Да имаш љубов, значи: да имаш голема стрпливост и да бидеш љубезен“ (Радосна Вест).
Молитвата е уште една работа што им помага на многу жени, вклучувајќи ги и оние на кои им е тешко што ја изгубиле способноста да имаат деца. Библијата нѐ уверува: „[Бог] нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:4). Утешува и тоа што менопаузата е само привремена. Откако ќе помине овој период, на многу жени кои добро се грижат за своето здравје им се враќа силата и уште долги години можат да му се радуваат на животот.
a Имињата се сменети.
b Бранови на жештина можат да предизвикаат и одредени лекови, како и некои заболувања, на пример проблеми со тироидата и инфекции. Добро е да се утврди дали брановите на жештина се должат на вакви фактори наместо веднаш да се претпостави дека се поврзани со менопауза.
c За да им помогнат на пациентите полесно да се справат со симптомите на менопаузата, лекарите им препишуваат хормони, додатоци во исхраната, антидепресиви и слично. Разбудете се! не се залага за некој конкретен производ или терапија.