Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ѓаволска пеперутка — тајната е откриена

Ѓаволска пеперутка — тајната е откриена

ЛУЃЕТО низ Европа веќе долго време им се восхитуваат на шарените пеперутки наречени ѓаволски пеперутки (Vanessa cardui) и се чудат што се случува со нив кога завршува летото. Дали едноставно умираат кога ќе залади? Едно поново истражување ја разреши загатката. Секоја година овие пеперутки тргнуваат на пат од северна Европа до Африка и назад.

До своите сознанија истражувачите дојдоа на темел на резултатите добиени со помош на современ радар и изјавите на илјадници доброволци низ цела Европа кои ги забележале овие пеперутки. Беше утврдено дека на крајот од летото, милиони ѓаволски пеперутки се селат на југ главно летајќи на висина од над 500 метри, поради што луѓето многу ретко може да ги видат. Овие пеперутки чекаат поволни ветрови, кои на долгиот пат до Африка ги носат со просечна брзина од 45 километри на час. Своето патување го почнуваат од далечниот север — од рабовите на Арктикот — и летаат сѐ до тропските делови на Западна Африка, поминувајќи околу 15.000 километри. Тие поминуваат речиси двојно подолг пат од северноамериканската пеперутка монарх. Кога ѓаволските пеперутки ќе се вратат назад, тоа е веќе шеста генерација од оние што тргнале во почетокот.

Професор Џејн Хил од Универзитетот во Јорк (Англија), објаснува: „Ѓаволската пеперутка едноставно продолжува да лета, да се размножува и да се сели додека не стигне до својата цел“. Секоја година комплетно сите ѓаволски пеперутки се селат од северна Европа до Африка и пак назад.

„Ова ситно животинче не тежи ни грам, има мозок колку глава од шпенадла и нема можност да учи од постарите и поискусни пеперутки, а сепак прави неверојатен подвиг селејќи се од еден на друг континент“, вели Ричард Фокс, одговорен за истражувањата во Butterfly Conservation, организација за заштита на пеперутките. Тој понатаму вели дека за овие инсекти „порано се мислело дека се препуштени на милоста и немилоста на ветрот додека на крај не изумрат поради студените британски зими“. Меѓутоа, новото истражување „покажа дека ѓаволските пеперутки се врвни навигатори“.