СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ
Што ако ќерка ти е под голем стрес
ПРЕДИЗВИК
Ќерка ти ти вели дека е под голем стрес. ‚На 13 години?!‘, се прашуваш. ‚Па, таа е уште дете, од каде знае што е стрес!‘ Но, немој избрзано да реагираш. Има причини поради кои една тинејџерка на тие години може да биде под стрес. Да разгледаме некои од нив.
ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА
Физички промени. Поради наглите промени што се случуваат во пубертетот некои девојчиња може да бидат вознемирени, особено ако тие промени настапуваат порано или подоцна од нивните врснички. Ана * (20) вели: „Бев меѓу првите девојчиња што почнаа да носат градник. Ми беше многу непријатно поради тоа. Си мислев дека сум чудна и се чувствував како изрод“.
Емоционални промени. Керин (17) вели: „Не можев да сфатам како може цел ден да бидам среќна, а потоа, без причина цела ноќ да плачам. Мислев дека нешто не е во ред со мене. Како да немав контрола над моите чувства“.
Прва менструација. „Иако мајка ми зборуваше со мене за првата менструација, кога тоа се случи, не бев спремна“, вели Кетлин. „Неколку пати на ден се туширав бидејќи цело време се чувствував валкано. Исто така, моите тројца постари браќа постојано ме задеваа. За нив сето тоа беше смешно.“
Желба да се биде прифатен. Марија (18) вели: „Од 12 до 14 години имав многу силен притисок од врсниците. Децата во школо се однесуваа лошо со секој што беше поразличен од нив“. Анита (14) вели: „Кога си млад, многу ти е важно да бидеш прифатен во друштвото, а многу е болно да те сметаат за црна овца“.
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Поттикни ја ќерка ти да ти се отвори. На почеток, можеби нема да сака да зборува за своите чувства со тебе. Но, биди стрплив, и како што вели Библијата, биди „брз на слушање, а бавен на зборување“ (Јаков 1:19).
Сфати го сериозно она што ѝ се случува. Не заборавај дека ќерка ти го нема искуството што ти го имаш и затоа за неа стресот што го доживува е најстрашната работа на светот. Освен тоа, таа сѐ уште не знае како да се носи со стресни ситуации. (Библиско начело: Римјаните 15:1.)
Не ја оптоварувај со премногу воншколски активности. Според книгата Teach Your Children Well, кај младите што се преплавени со обврски „лесно се гледа дека се под стрес, кој најчесто се манифестира со главоболки и стомачни болки“. (Библиско начело: Филипјаните 1:9, 10.)
Погрижи се доволно да се одмора. Кога се под притисок, првото нешто што тинејџерите најчесто го запоставуваат е сонот. Но, ако не е наспана, ќерка ти нема да биде доволно способна да размислува и ќе ѝ биде потешко да се справи со стресот. (Библиско начело: Проповедник 4:6.)
Помогни ѝ на ќерка ти да се ослободи од стресот. На некои девојчиња вежбањето им помага да го намалат стресот. Во Библијата пишува: „Од телесните вежби има одредена полза“ (1. Тимотеј 4:8, Радосна Вест). На други, тоа што си водат дневник им помага да го држат стресот под контрола. „Кога бев помала, си ги запишував проблемите кои не можев да ги решам. Тоа ми помагаше да сфатам што навистина чувствувам и потоа ми беше многу полесно да најдам решение за проблемот или да го заборавам“, вели Британи (22).
Биди добар пример. Како ти се справуваш со стресот? Дали прифаќаш толку многу задачи што, кога треба да ги завршиш, те фаќа паника? Дали се отепуваш од работа, па немаш време за она што е поважно во животот? Во Филипјаните 4:5 пишува: „Вашата разумност нека им биде позната на сите“. Не заборавај дека ќерка ти учи од твојот пример.
^ пас. 6 Имињата во оваа статија се сменети.