Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Кога си разочаран од бракот

Кога си разочаран од бракот

ПРЕДИЗВИК

Едно време ти се чинеше дека ти и твојот брачен другар си одговарате во сѐ — ама така ти се чинеше пред да се земете. Сега си разочаран од реалноста и имаш чувство дека за сопружникот си врзан со пранги, а не со љубов.

Сепак, ти можеш да направиш нешто за твојот брак. Меѓутоа, најпрво да видиме зошто можеби си разочаран.

ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА

Соочување со реалноста. Секојдневните обврски, работата, воспитувањето на децата и односот со роднините на сопружникот можат малку по малку да ја нагризаат среќата во бракот. Освен тоа, се појавуваат и неочекувани проблеми — финансиски проблеми, грижа за болен член на семејството и слично — кои можат да го стават бракот под притисок.

Разликите изгледаат непремостливи. Кога двајца се во врска, склони се да замижат пред меѓусебните разлики. Но, кога ќе се земат, полека откриваат дека се прилично различни во многу погледи, на пример, во начинот на комуницирање, во ставот кон финансиите и во врска со тоа како да се решаваат проблемите. Разликите преку кои едно време можеле лесно да преминат, сега ги вадат од кожа.

Емоционално оддалечување. Со текот на времето, можеби меѓу вас се натрупале еден куп груби зборови и неразрешени несогласувања, поради што може да се повлечете во себе или, уште полошо, емоционално да се приврзете кон некој друг.

Нереални очекувања. Некои луѓе влегуваат во брак уверени дека го нашле својот совршен партнер. Ова можеби звучи романтично, ама не е реално. Штом ќе се појават проблемите, сликата за совршен партнер одеднаш се разбива, а двајцата сопружници остануваат со мислата дека направиле погрешен избор.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Концентрирај се на убавите особини на твојот сопружник. Пробај го следново: напиши три убави особини што ги има твојот сопружник. Списокот чувај го при рака, можеби на задната страна од некоја слика од вашата свадба или во мобилниот телефон. Препрочитувај си го често за да се потсетиш зошто стапи во брак со твојот сопружник. Кога се концентрираш на неговите убави особини, во вашиот брак ќе има мир и полесно ќе ги поднесуваш разликите што ги имате. (Библиско начело: Римјаните 14:19.)

Одвојте време само за вас двајцата. Пред да се земете, веројатно и двајцата сте одвојувале време за да правите нешто заедно. Кога ја почнавте врската, сѐ беше ново и возбудливо, ама не ги остававте работите на случајноста, туку планиравте каде ќе одите, што ќе правите и сл. Зошто да не си правите вакви планови и сега? Испланирајте си заеднички мигови, исто како и кога бевте во врска. Тоа може да ви помогне уште повеќе да се зближите и подобро да се справите со неочекуваните проблеми што ги носи животот. (Библиско начело: Изреки 5:18.)

Отворено зборувајте за своите чувства. Ако сопружникот те повредил со некој збор или постапка, размисли дали би можел едноставно да преминеш преку тоа. Ако не можеш, немој да го казнуваш со молчење. Смирено разговарај со него што е можно побрзо — ако е можно, уште истиот ден. (Библиско начело: Ефешаните 4:26.)

Ако сопружникот те повредил со некој збор или постапка, размисли дали би можел едноставно да преминеш преку тоа

Имај на ум дека грешките не се секогаш намерни. Веројатно никој од вас не би сакал намерно да го повреди другиот. Покажи му го тоа на твојот сопружник така што искрено ќе му се извиниш за сѐ со што можеби си го повредил. Потоа разговарајте што конкретно би можел да направи секој од вас за да не дојдете во ситуација ненамерно да се повредите. Држи се за овој библиски совет: „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг“ (Ефешаните 4:32).

Имај реални очекувања. Библијата отворено кажува дека оние што стапуваат во брак „имаат телесни неволји“ (1. Коринќаните 7:28). Кога ќе се соочиш со такви неволји, немој веднаш да си помислиш дека твојот брак е чисто промашување. Наместо тоа, решавајте ги несогласувањата и „поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг“ (Колошаните 3:13).