Летечките градинари во тропските дождовни шуми
СЕКОЈ градинар знае дека добриот род зависи од тоа дали семето ќе биде посадено на исправно место во исправно време. Но, колку и да звучи чудно, во дождовните шуми, сеидбата што дава најдобар род се врши ноќе — и тоа од воздух. Тоа го прават летечките градинари — овошните лилјаци од фамилијата Pteropodidae. * Некои од нив се познати и како летечки лисици.
Како се „сее“ семето
Повеќето овошни лилјаци летаат ноќе барајќи низ шумата дрвја со вкусни плодови или цветови богати со нектар. Притоа, ги искористуваат хранливите состојки од плодовите, а несварената срцевина и семките ги исфрлаат преку изметот. Тие се градинари и во друг поглед — ги опрашуваат цветовите додека со сласт го пијат нивниот нектар.
Бидејќи овошните лилјаци можат да прелетаат големи растојанија во текот на ноќта, можат да го разнесат семето на голема површина. А бидејќи исфлаат семки преку изметот, во исто време обезбедуваат и „ѓубриво“ кое помага семето да расте. Затоа, не изненадува тоа што опстанокот на голем број растенија во дождовните шуми зависи од лилјаците кои ги опрашуваат нивните цветови или го расфрлаат нивното семе.
Бидејќи летаат на големи растојанија, овошните лилјаци мора да бидат вешти навигатори и да имаат исклучително остар вид. Во темнина, тие гледаат подобро од луѓето. Можат дури да разликуваат и некои бои. И воопшто не им смета да летаат ни дење ни ноќе.
Семеен живот
Лилјаците од видот самоанска летечка лисица (Pteropus samoensis) цел живот го минуваат со само еден партнер. Како што е забележано кај некои видови, женката многу добро се грижи за своите младенчиња — ги носи со себе неколку седмици и ги дои речиси до возрасни лилјаци. Кај два вида овошни лилјаци, при пораѓањето, мајката може дури и да добие помош од друга женка во улога на „бабица“.
За жал, на многу овошни лилјаци им се заканува истребување, делумно поради уништувањето на нивната животна средина. За островите во јужниот дел на Тихиот Океан, исчезнувањето на овошните лилјаци би имало катастрофални последици затоа што се чини дека некои видови растенија на овие острови не можат да се опрашат без лилјаците. Очигледно, треба многу да го цениме она што го прават овие летечки градинари.
^ пас. 2 Овие лилјаци ги има во Австралија, Азија, Африка и на некои острови во Тихиот Океан.