СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Саќето на пчелите
МЕДОНОСНИТЕ пчели (Apis mellifera) го градат своето саќе со восокот што го лачат од жлездите на долниот дел од нивното стомаче. Саќето се смета за инженерско чудо. Зошто?
Размисли: Уште пред многу векови математичарите сметале дека преградите во облик на шестаголници се подобри од рамностраните триаголници или четириаголници — или која и да е друга форма — за да се добие најмногу простор со најмало количество градежен материјал. Но, не можеле точно да објаснат која е причината за тоа. Во 1999 год., професор Томас Хејлс изнел математички доказ во прилог на она што тој го нарекол „математичка претпоставка за саќе-структурата“. Тој докажал дека шестаголниците се најпогодни за да се подели просторот на еднакви делови со најмалку потрошен материјал.
Со тоа што прават шестаголни ќелии, пчелите успеваат да го искористат просторот што го имаат на најекономичен начин, да изработат лесно но цврсто саќе со минимална количина восок, како и да складираат најголемо можно количество мед во даден простор. Воопшто не изненадува тоа што саќето било опишано како „врвно архитектонско дело“.
Денес, научниците ја копираат структурата на саќето за да создадат структури што се издржливи и нудат најдобро искористување на просторот. На пример, авио-конструкторите користат панел плочи изработени по моделот на саќето за да направат поцврсти и полесни авиони кои ќе трошат помалку гориво.
Што мислиш? Дали неверојатната структура на саќето настанала по пат на еволуција или е дело на мудар Творец?