СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Светлосниот орган на Хавајската лигна
ХАВАЈСКАТА ЛИГНА (Euprymna scolopes), која е ноќен ловец, произведува сопствена светлина, но не за да биде видлива, туку за да биде невидлива. Оваа светлина ѝ помага да се слее со светлината која ја одразуваат месечината и ѕвездите. Во што се крие тајната? Хавајската лигна живее во симбиоза со еден вид бактерии кои создаваат светлина. Ова сознание може да ни користи и нам, но на сосема поинаков начин — може да ни помогне да си го подобриме здравјето.
Размисли: Хавајската лигна живее во чистите крајбрежни води на Хавајските Острови. Светлината од месечината и ѕвездите би требало да направи сенката од ова животно да стане видлива за грабливците кои пливаат под него. Но, Хавајската лигна испушта светлина од своето стомаче која има иста јачина и иста бранова должина како ноќната светлина. Така оваа лигна останува невидлива — не се гледа ниту нејзината силуета ниту нејзината сенка. Светлосниот орган на оваа лигна е „високо-технолошки“ уред во кој се населени биолуминисцентни бактерии кои произведуваат доволно светлина за да му помогнат на својот домаќин да се скрие.
Исто така, овие бактерии можат да ѝ помогнат на лигната во регулирањето на нејзиниот биолошки часовник. Ова им го привлече вниманието на научниците затоа што врската меѓу бактериите и биолошкиот часовник можеби постои и во други организми. На пример, бактериите кои имаат улога во варењето на храната кај цицачите можеби се исто така поврзани со биолошкиот ритам. Нарушувањата на овој ритам обично се поврзуваат со депресија, дијабетес, прекумерна телесна тежина и несоница. Според тоа, истражувањата во врска со симбиозата меѓу бактериите и Хавајската лигна може да откријат нови сознанија за човековото здравје.
Што мислиш? Дали светлосниот орган на Хавајската лигна настанал по пат на еволуција или е дело на мудар Творец?