ИНТЕРВЈУ | ЏИН ХВАНГ
Математичар зборува за својата вера
Џин Хванг е роден во 1950 год., во Тајнан (Тајван). Тој е пензиониран професор по математика на државниот универзитет Чунг Ченг во Тајван. Тој е и почесен професор на универзитетот Корнел во САД каде што предавал и вршел истражувања на полето на статистиката и веројатноста. Џин Хванг со години бил еден од најреномираните авторитети на полето на статистиката, дејност во која сѐ уште е активен. Кога бил млад, тој верувал дека животот настанал по пат на еволуција. Но, подоцна си го сменил гледиштето. Разбудете се! разговараше со него за неговата вера и професија.
За што си бил поучуван во младоста?
На училиште учевме за теоријата на еволуција, но никој не ни објасни како започнал животот. Кога моите родители станаа таоисти, ги слушав нивните верски учители и им поставував многу прашања, но не добив задоволувачки одговори.
Зошто реши да станеш математичар?
Уште кога бев во основно училиште, бев воодушевен од математиката. Кога се запишав на факултет таа воодушевеност сѐ уште траеше. Особено уживав на предавањата по математика и веројатност. За мене нема ништо поубаво од краток и јасен математички доказ.
Зошто почна да се интересираш за Библијата?
Во 1978 год., жена ми, Џингхвеј, почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, а понекогаш и јас им се придружував во разговорите. Тогаш живеевме во САД. Џингхвеј штотуку го доби својот докторат по физика, а јас студирав статистика на Универзитетот Пердју во Индијана.
Каков впечаток имаше за Библијата?
Бев воодушевен од библискиот извештај за тоа како Земјата била подготвена за луѓето. Шесте периоди на создавање, кои на едноставен начин се опишани во 1. Мојсеева, се совпаѓаат со фактите — нешто што не е случај со древните митологии. * Сепак, со години потоа не верував дека постои Творец.
Зошто ти беше тешко да веруваш во Творец?
Ако почнев да верувам во Творец, ќе требаше да ја отфрлам мојата религија
Во прашање беа моите чувства. Ако почнев да верувам во Творец, ќе требаше да ја отфрлам мојата религија затоа што идејата дека постои Бог е во спротивност со учењата на таоизмот.
Подоцна, твоето гледиште сепак се промени. Зошто?
Колку повеќе размислував за потеклото на животот толку поуверен станував дека првиот жив организам на Земјата мора да бил многу сложен. На пример, тој требало да има способност да се размножува, а за тоа било неопходно да има генетски информации и механизам кој ќе овозможи точно дуплирање на тие информации. Освен тоа, дури и на наједноставната жива клетка ѝ се потребни молекуларни механизми за да изгради нова клетка, како и за целосно да ја искористи и пренасочи енергијата. Како е можно еден толку сложен механизам да настане случајно од нежива материја? Како математичар, не можам да ја прифатам таа идеја. За тоа се потребни еден куп случајни процеси.
Што те поттикна да ги испиташ учењата на Јеховините сведоци?
Ја проучував Библијата со Сведоците, но имаше периоди кога прекинував. Во 1995 год., додека бев во посета на Тајван, се разболев и ми беше потребна помош. Жена ми, која беше во САД, стапи во контакт со Јеховините сведоци во Тајван. Двајца Сведоци ме најдоа додека чекав пред една болница во која немаше слободни кревети. Бидејќи бев исцрпен, еден од нив ме однесе во хотел за да се одморам. Постојано ме посетуваше и, по некое време, ме одведе во една болница.
Искрената грижа што ми ја покажаа овие луѓе длабоко ме трогна. Се сетив дека Сведоците покажаа грижа за моето семејство и во многу други прилики. Тогаш сфатив дека тие се поразлични од другите поради нивните верувања. Затоа, продолжив да ја проучувам Библијата. Следната година станав Јеховин сведок.
Дали твоите верувања се во судир со резултатите од истражувањата кои ги правиш?
Во никој случај! Неодамна, им обезбедив математичка поткрепа на научниците кои вршат истражувања за функцијата на гените. Истражувањата на полето на генетиката ни даваат увид во животните процеси — нешто што ме исполнува со страхопочит за мудроста на Творецот.
Може ли да ни кажеш еден пример за мудроста на Творецот?
Да го земеме за пример размножувањето. Некои организми, како што се амебите, немаат машки или женски пол. Овие едноклеточни организми едноставно ги копираат своите генетски информации и се делат — процес кој се нарекува бесполово размножување. Сепак, повеќето животни и растенија се размножуваат полово, односно со комбинирање на генетски информации од машкото и од женското. Половото размножување е навистина чудесно.
Зошто системот за размножување кај еден организам кој едноставно се дели на две — и тоа го прави многу добро кој знае колку долго — би се развил во систем во кој две работи се соединуваат во една? Механизмите кои земаат и комбинираат по пола генетски информации од машкото и од женското се неверојатно сложени. Тие се непремостлива пречка за биолозите кои ја застапуваат еволуцијата. Според мене, половото размножување е непобитен доказ за Божјата мудрост.
^ пас. 11 Нешто повеќе за шесте периоди на создавање можеш да прочиташ во брошурата Дали животот е Божје дело?, издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.mt1130.com/mk.