ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | СТАВИ КРАЈ НА КАВГИТЕ ДОМА
Како да запрат кавгите дома
ШТО ако ти се чини дека им нема крај на вашите кавги? Можеби се карате сѐ почесто и сѐ повеќе. Веројатно веќе ни самите не знаете како доаѓа до нив. Од друга страна, си го сакаш семејството и жал ти е што се повредувате еден со друг.
Многу е важно да бидеш свесен дека, ако некој во семејството има поинакво мислење за нешто, тоа не значи дека семејството оди во пропаст. Она што може да ви го уништи мирот дома не се самите несогласувања, туку начинот на кој ги решавате. Следните шест совети ќе ви помогнат да ги спречите расправиите меѓу вас.
1. НЕ ВОЗВРАЌАЈ
За кавга се потребни двајца. Затоа, ако едниот почне да слуша наместо да зборува, можеби караницата ќе стивне. Спротивстави се на притисокот да возвратиш кога другиот ќе те испровоцира. Задржи самопочит и достоинство така што ќе се контролираш. Не заборавај дека мирот во семејството е многу поважен отколку да победиш во расправијата.
„Кога снемува дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, караницата престанува“ (Изреки 26:20).
2. ПОКАЖИ РАЗБИРАЊЕ ЗА ЧУВСТВАТА НА ДРУГИОТ
Ако слушаш внимателно и со интерес, без да го прекинуваш или осудуваш оној што се лути, може многу да придонесеш да не дојде до караница. Наместо да му припишуваш погрешни мотиви, пробај да сфатиш што го налутило. Многу работи правиме поради тоа што сме несовршени, па затоа немој брзо да помислиш дека е злонамерен. Острите зборови почесто се резултат на непромисленост или повредени чувства отколку на злонамерност или желба за одмазда.
„Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост“ (Колошаните 3:12).
3. ПОЧЕКАЈ ДА СЕ СМИРИШ
Ако си премногу вознемирен, можеби ќе биде најпаметно да се извиниш и да се повлечеш. Можеш да отидеш во друга соба или да прошеташ некаде додека да се смириш. Тоа не значи дека го оставаш проблемот нерешен — дека не сакаш да соработуваш и дека бегаш или, пак дека намерно избегнуваш да зборуваш. Така добиваш време да му се помолиш на Бог за мир и разумност.
„Пред да избие караницата, оддалечи се“ (Изреки 17:14).
4. ДОБРО РАЗМИСЛИ ШТО И КАКО ЌЕ КАЖЕШ
Ништо нема да постигнеш ако смислиш одговор што ќе го повреди и понижи другиот. Наместо тоа, обиди се да кажеш нешто што знаеш дека ќе го смири. И наместо да му кажуваш како треба или не треба да се чувствува, замоли го да ти објасни самиот и заблагодари му се што ти помогнал да го разбереш.
„Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е лек“ (Изреки 12:18).
5. НЕ ГО ПОВИШУВАЈ ТОНОТ И ЗБОРУВАЈ СМИРЕНО
Доволно е еден во семејството да биде нестрплив за друг да се налути. Колку и да си изнервиран, немој да бидеш ироничен, да навредуваш или да го повишуваш тонот. Не кажувај тешки обвиненија како, на пример, „Не ти е гајле за мене“ или „Никогаш не ме слушаш“. Наместо тоа, смирено кажи му на брачниот другар како влијае врз тебе она што го направил („Тешко ми е кога...“). Не постои никакво оправдување да го турнеш другиот, да го удриш, или да употребиш сила на кој и да е друг начин. Истото важи и за погрдните имиња, потценувачките коментари и заканите.
„Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба“ (Ефешаните 4:31).
6. БРЗО ИЗВИНИ СЕ И ОБЈАСНИ ШТО ЌЕ НАПРАВИШ ЗА ДА СЕ ПОПРАВАТ РАБОТИТЕ
Не дозволувај поради негативните чувства да заборавиш дека најважно е да имате мир во семејството. Ако се скараш со некого, и двајцата губите. Ако се смирите, и двајцата сте победници. Затоа, признај го својот дел од вината. Дури и ако си убеден дека ти воопшто не си виновен, сепак можеш да се извиниш за нешто, на пример, за тоа што си се изнервирал, за начинот на кој си реагирал или за тоа што несакајќи си придонел другиот да се вознемири. Мирот е поважен од гордоста и победата. А кога некој ќе ти се извини тебе, спремно прости му.
„Оди, понижи се и опсипувај го со молби својот ближен“ (Изреки 6:3).
Откако недоразбирањето ќе се расчисти, што можеш да направиш за да го зачуваш мирот во семејството? Следната статија зборува за тоа.