СВЕТ ВО ХАОС
4 | Не губи надеж
ЗОШТО Е ВАЖНО
Загриженоста поради хаосот во светот може да се одрази врз физичкото и емоционалното здравје на луѓето. Мнозина што се погодени од настаните во светот не гледаат светло на крајот од тунелот. Како реагираат?
-
Некои дури воопшто не сакаат да размислуваат за иднината.
-
Други бараат спас во алкохолот и дрогата.
-
Има и такви кои сметаат дека смртта е решение. Тие си мислат: „Животот нема никаква смисла“.
Што треба да знаеш
-
Некои од проблемите што ги имаш може се само привремени и, неочекувано, работите може да се сменат на подобро.
-
Но дури и да не се сменат, можеш да направиш нешто за подобро да се носиш со ситуацијата.
-
Библијата ни дава вистинска надеж — трајно решение за проблемите на луѓето.
Што можеш да преземеш уште сега
Во Библијата пишува: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. На секој ден му е доволно неговото зло“ (Матеј 6:34).
Не се преокупирај со тоа што ќе биде или нема да биде. Ако премногу се секираш што би можело да се случи утре, не ќе можеш да си ги извршуваш секојдневните одговорности.
Со тоа што ќе размислуваш какви лоши работи би можело да ти се случат само ќе си го зголемиш стресот и ќе ја изгубиш надежта за подобра иднина.
Во Библијата наоѓаме вистинска надеж
Уште во древни времиња, еден псалмист во молитва му рекол на Бог: „Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (Псалм 119:105). Еве зошто може да се каже дека Библијата — Божјата Реч — е токму тоа.
Во мрачна ноќ, со една батериска ламба може да видиме каде треба да одиме. Слично на тоа, во Библијата има многу практични совети кои може да ни покажат по кој пат да одиме кога треба да донесеме некоја тешка одлука.
А ако нашата патека е осветлена со појака светлина, можеме да видиме и подалеку што има на патот пред нас. Слично, Библијата може да ни помогне јасно да видиме дека пред нас е светла иднина.