ЛЕКЦИЈА 4
Како да бидат одговорни личности
ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ ОДГОВОРЕН?
Одговорните личности се достојни за доверба. Тие не ги одложуваат задачите што ги добиваат и секогаш ги завршуваат навреме.
Децата можат да бидат поучени како да ја развиваат оваа особина уште од мали нозе. Во една книга за воспитување на децата пишува: „Кога имаат 15 месеци, децата разбираат и можат да го прават она што ќе им го кажат родителите. А кога имаат околу 18 месеци, веќе и самите сакаат да го прават тоа“ (Parenting Without Borders). „Во многу култури, особено кога децата се на возраст од пет до седум години, родителите им покажуваат како да завршуваат некои работи низ дома. Иако се мали, тие се способни добро да го прават тоа.“
ЗОШТО ОДГОВОРНОСТА Е ВАЖНА ОСОБИНА?
Во некои места, голем број млади луѓе се обидуваат да живеат самостојно, но кога ќе се најдат во тесно, повторно се враќаат кај родителите. Во некои случаи, ова е резултат на тоа што никогаш не биле поучени како да ракуваат со парите, како да водат домаќинство и како одговорно да си ги извршуваат секојдневните обврски.
Затоа, најдобро е да ги научиш децата да бидат одговорни личности уште сега за да можат полесно да се снаоѓаат кога ќе станат возрасни. Во една книга на оваа тема пишува дека не е добро родителите да го држат детето зависно од нив бидејќи ќе му биде многу тешко кога еден ден ќе излезе од дома и ќе почне да живее самостојно (How to Raise an Adult).
КАКО ДА ГИ НАУЧИШ ДЕЦАТА ДА БИДАТ ОДГОВОРНИ
Давај им да прават работи низ дома.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Од секој труд има корист“ (Изреки 14:23).
Обично малите деца сакаат да им помагаат на родителите кога тие прават нешто. Можеш да ја искористиш оваа нивна природна желба така што ќе им доделуваш некои работи низ дома.
Некои родители не сакаат да го прават ова. Бидејќи децата на школска возраст имаат куп домашни задачи секој ден, тие не сакаат дополнително да им го отежнуваат таквиот товар.
Сепак, децата кои се навикнати да работат низ дома имаат поголем успех и на училиште бидејќи научиле да ја прифаќаат и да ја завршуваат секоја работа што им била дадена. Во една книга наменета за родителите се вели: „Ако не им дозволуваме на децата да помагаат кога се мали, тие ќе почнат да си мислат дека воопшто не е важно да им се помага на другите... Освен тоа, ќе очекуваат секогаш
некој друг да ги прави работите за нив“ (Parenting Without Borders).Како што се гледа од оваа изјава, кога им даваат задолженија низ дома, родителите ги учат децата да им помагаат на другите наместо да бидат себични, ги учат да даваат наместо само да земаат. Така децата сфаќаат дека имаат важна улога во семејството, но и дека имаат одговорност да ја извршуваат.
Помогни им на децата да сфатат дека треба да преземаат одговорност за своите грешки.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Слушај совет и прифати укор, за после да бидеш мудар“ (Изреки 19:20).
Кога твоите деца ќе направат грешка — на пример, кога твојот син или ќерка ненамерно ќе оштети нешто што му припаѓа на некој друг — не обидувај се да прикриеш што се случило. Децата треба да се соочат со последиците — во ваков случај треба да се извинат, па дури ако е потребно и да ја надоместат штетата.
Тоа што децата ќе научат да преземаат одговорност за своите грешки ќе им помогне
-
да бидат искрени
-
да не ги обвинуваат другите
-
да не се правдаат и да не си бараат изговори
-
да се извинат кога е потребно