Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Децата и домашните обврски

Децата и домашните обврски

ПРЕДИЗВИК

Во некои семејства, од децата се очекува да помагаат низ дома, и тие спремно го прават тоа. Во други семејства, пак, родителите обично не им даваат домашни задачи на децата, и затоа тие не ни помислуваат да помогнат со нешто.

Истражувачите забележале дека во многу земји децата обично се научени да добиваат, но не и да даваат. „Денес децата се оставени да играат видеоигри, да седат на Интернет и да гледаат телевизија колку што сакаат“, вели еден татко по име Стивен. „Родителите не очекуваат речиси ништо од нив.“

Што мислиш ти? Треба ли децата да помагаат низ дома — и тоа не само за да биде чисто и уредно туку и за да можат правилно да се развиваат?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Некои родители обично не сакаат да им даваат дополнителни обврски на децата, особено кога тие веќе имаат многу за учење и се зафатени со воншколски активности. Но, да видиме зошто е добро децата да помагаат низ дома.

Домашните обврски му помагаат на детето да созрее. Кога децата помагаат низ дома, имаат подобар успех на училиште. Тоа не е за изненадување бидејќи домашните обврски му помагаат на детето да стекне поголема самодоверба, самодисциплина и поцврст карактер. А овие вредности се многу важни.

Домашните обврски го учат детето да им помага на другите. Некои сметаат дека децата кои извршуваат домашни обврски како мали ќе бидат поспремни да им помагаат на другите кога ќе пораснат. Зошто? Затоа што преку домашните обврски детето учи да ги става потребите на другите пред своите. Стивен, кого веќе го цитиравме, вели: „Кога на децата не им се даваат никакви задачи, тие мислат дека сите треба да им служат ним и стекнуваат искривено гледиште за животот. Така, кога ќе пораснат, немаат исправна слика за тоа што се очекува од нив, на пример, дека треба да бидат одговорни и трудољубиви личности“.

Домашните обврски го зближуваат семејството. Кога помагаат низ дома, децата сфаќаат дека, иако се важен дел од семејството, тие имаат и обврска кон него. Но, тоа потешко ќе го сфатат ако родителите ставаат поголем акцент на воншколските активности отколку на домашните обврски. Прашај се: „Вреди ли детето да се зближи со другите деца со кои тренира фудбал, а да се оддалечи од семејството?“

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Почни од рана возраст. Некои сметаат дека на децата треба да им се даваат задачи веќе на тригодишна возраст. Други велат дека е најдобро да се почне кога детето има две години, па дури и помалку. Како и да е, факт е дека малите деца сакаат да работат заедно со своите родители и да ги имитираат. (Библиско начело: Изреки 22:6.)

Земи ја предвид возраста на детето. На пример, едно тригодишно дете би можело да си ги собере играчките, да избрише кога ќе истури нешто или да си ги стави валканите алишта во корпа. Поголемите деца би можеле да чистат со правосмукалка, да ја исперат колата, па дури и да направат јадење. Важно е да му даваш домашни задачи на детето во склад со неговите способности. Можеби ќе се изненадиш кога ќе видиш со колкава радост ќе ги извршува.

Дај им приоритет на домашните обврски. Тоа можеби нема да биде лесно доколку детето веќе има многу за учење. Меѓутоа, ако го ослободиш од домашните обврски со цел да добие повисоки оценки, „тоа е знак на погрешно поставени приоритети“, пишува во една книга (The Price of Privilege). Како што видовме претходно, домашните обврски им помагаат на децата да бидат подобри ученици. А она што ќе го научат додека работат низ дома ќе им користи и во иднина, кога и самите ќе имаат семејство. (Библиско начело: Филипјаните 1:10.)

Мисли на целта наместо на сработеното. Можеби на детето ќе му треба повеќе време за да заврши некоја задача. Освен тоа, можеби нема да ја сработи како што би ја сработил ти. Како и да е, биди стрплив и немој ти да ја преземеш задачата. Не заборавај дека твојата цел не е работата да се заврши најдобро што може, туку да му помогнеш на детето да се научи на одговорност и да види дека работата носи радост. (Библиско начело: Проповедник 3:22.)

Награди го детето на исправен начин. Некои сметаат дека е добро да му се дадат пари на детето кога ќе сработи нешто низ дома бидејќи така се учи на одговорност. Но, други сметаат дека на тој начин детето учи да мисли на она што може да го добие од семејството наместо на она што може да го даде, и дека можеби нема да сака да помага низ дома кога ќе има доволно пари — што би значело дека не научило зошто се важни домашните обврски. Затоа, ако му даваш џепарлак на детето, можеби е најдобро тоа да не биде како „плата“ за нешто што го сработило низ дома.