Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Односи со семејството и пријателите

Односи со семејството и пријателите

На многу луѓе не им е лесно да ги зачуваат добрите односи со семејството и пријателите. Следниве библиски начела можат да ти помогнат во тоа.

БИДИ НЕСЕБИЧЕН

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4).

ШТО ЗНАЧИ ОВА: Ќе бидеме во добри односи со другите ако мислиме на она што ние можеме да го направиме за нив, а не на она што тие треба да го прават за нас. Ако си себичен, можеш да си ги нарушиш односите со другите. На пример, ако некој од сопружниците е себичен, би можел да го изневери својот брачен другар. Освен тоа, никој не сака да се дружи со некој што постојано се фали за она што го има или за она што го знае. Во една книга се вели дека „себичноста води и до други непожелни особини и проблеми“ (The Road to Character).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Помагај им на другите. Вистинските пријателства се темелат на меѓусебна доверба и приврзаност. Некои истражувања покажале дека луѓето што им помагаат на другите не се толку депресивни и имаат поголема самодоверба.

  • Покажувај сочувство. Оној што е сочувствителен ја чувствува болката на другиот во своето срце. Ако си сочувствителна личност, веројатно нема да користиш сарказам, односно зајадливи и иронични забелешки со кои ќе ги повредуваш чувствата на другите.

    Ако си сочувствителен, ќе имаш поголемо разбирање за другите и ќе бидеш потолерантен. Сочувството ќе ти помогне да немаш предрасуди, и да стекнеш пријатели од различни култури и со различно потекло.

  • Одвојувај време за другите. Колку повеќе време поминуваш со другите, толку подобро ќе ги запознаеш. Ако сакаш да стекнеш добри пријатели, треба да разговараш за подлабоки работи. Затоа, научи внимателно да ги слушаш другите. Покажи им дека ти е важно она што нив ги загрижува. Според едно неодамнешно истражување, „длабоките разговори нѐ прават посреќни“.

МУДРО ИЗБИРАЈ ГИ СВОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33).

ШТО ЗНАЧИ ОВА: Луѓето со кои често се дружиш силно влијаат врз тебе — или на добро или на лошо. Социолозите се согласуваат дека таквото влијание може да се одрази на многу полиња од животот. На пример, тие велат дека, ако често си во друштво на луѓе кои пушат или се разведуваат, има големи шанси и самиот да почнеш да пушиш или да почнеш да размислуваш за развод.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Избирај за пријатели луѓе што имаат особини и вредности кои ги цениш или би сакал и ти да ги имаш. На пример, дружи се со оние што се обѕирни, великодушни, гостољубиви и кои покажуваат почит кон другите.

ДРУГИ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА

Можеш да гледаш видеоклипови кои се темелат на Библијата и се наменети да им помогнат на брачните парови, тинејџерите и децата да имаат посреќен семеен живот

ВНИМАВАЈ ДА НЕ ГИ ПОВРЕДУВАШ ДРУГИТЕ СО СВОИТЕ ЗБОРОВИ.

„Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч“ (ИЗРЕКИ 12:18).

БИДИ ВЕЛИКОДУШЕН.

„Душата која великодушно дава, и самата ќе биде добро нахранета“ (ИЗРЕКИ 11:25).

ПОСТАПУВАЈ СО ДРУГИТЕ КАКО ШТО САКАШ ТИЕ ДА ПОСТАПУВААТ СО ТЕБЕ.

„Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (МАТЕЈ 7:12).