Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Предрасуди — дали ги носиш во себе?

Предрасуди — дали ги носиш во себе?

Предрасудите се како еден вирус кој ги напаѓа луѓето, а тие може и да не се свесни за тоа.

Луѓето може да имаат предрасуди не само кон оние што се од друга националност, раса, племе или јазик туку и кон оние што имаат поинаква верска, полова или социјална припадност. Некои имаат негативно мислење за другите судејќи ги според нивната возраст, образование, физички изглед или само затоа што имаат хендикеп. И покрај сето ова, тие сметаат дека немаат предрасуди.

Можно ли е и ти да си заразен со овој вирус — со предрасуди? Повеќето од нас лесно ќе забележиме ако некој друг има предрасуди. Но, малку потешко ги гледаме кај себеси. А факт е дека сите имаме некакви предрасуди. Професорот по социологија, Дејвид Вилијамс, вели дека, кога некој има лошо мислење за одредена група луѓе и кога ќе сретне некого од таа група, се однесува поинаку со него, а не и ни свесен дека го прави тоа.

На пример, Јовица живее во една балканска земја во која има и луѓе од друга етничка припадност кои другите не ги сакаат многу. Јовица вели: „Мислев дека нема ниту еден добар човек во тој народ. А сепак сметав дека немам предрасуди. Си велев: ’На крајот на краиштата, тоа е општопознат факт‘“.

Во многу земји има закони против расизам и други облици на предрасуди. Сепак, и понатаму има предрасуди. Зошто? Затоа што тие закони можат да ограничат само нечии постапки, но не можат да ги контролираат неговите мисли и чувства. А предрасудите извираат од умот и срцето. Дали тоа значи дека залудно се бориме против нив? Има ли лек за предрасудите?

Во следните статии ќе разгледаме пет начела кои им помогнале на мнозина да ги искоренат предрасудите од својот ум и срце.