Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ако се случила некоја катастрофа

Ако се случила некоја катастрофа

„Во почетокот бевме очајни. Сѐ што имавме беше уништено од поплавите, кои беа проследени со лизгање на земјиштето“ (Ендру, Сиера Леоне).

„Откако помина ураганот, се вративме дома. Сѐ беше срамнето со земја. Бевме во шок. Ќерка ми падна на колена и почна да плаче“ (Дејвид, Девствени Острови).

АКО некогаш си преживеал катастрофа, сигурно можеш да разбереш низ што минуваат оние кои доживеале такво нешто — шок, неверување, збунетост, вознемиреност и непроспиени ноќи. Многумина се толку обесхрабрени и очајни што повеќе немаат речиси никаква волја за живот.

Ако си изгубил сѐ во некоја катастрофа, можеби и ти си мислиш дека не можеш да продолжиш понатаму. Можеби ти се чини дека повеќе нема за што да живееш. Но, Библијата објаснува дека има за што да живееш. Освен тоа, таа нуди цврста и вистинска надеж за една подобра иднина.

ВИСТИНАТА ОД БИБЛИЈАТА НИ ДАВА СМИСЛА ВО ЖИВОТОТ

Во Проповедник 7:8 пишува: „Подобар е крајот на една работа отколку нејзиниот почеток“. Во почетокот, веднаш по катастрофата, можеби сѐ ќе ти изгледа безнадежно. Но, додека стрпливо се трудиш повторно да застанеш на нозе, работите најверојатно ќе тргнат на подобро.

Библијата претскажува дека ќе дојде време кога „повеќе нема да се чуе ниту плач ниту тажен лелек“ (Исаија 65:19). Ова пророштво ќе се исполни кога, под власта на Божјето Царство, Земјата ќе биде претворена во рај (Псалм 37:11, 29). Катастрофите ќе бидат минато. Сите болни спомени и трауми засекогаш ќе останат зад нас, бидејќи Семоќниот Бог ветува: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Исаија 65:17).

Замисли! Творецот сака да ти даде „иднина и надеж“, односно сака да водиш мирен и спокоен живот под совршената власт на неговото Царство (Еремија 29:11). Дали тоа што ја знаеш оваа вистина може да му даде смисла на твојот живот? Сели, која беше цитирана во претходната статија, вели: „Тоа што ќе размислуваш за сите прекрасни работи кои Божјето Царство ќе ги направи во иднина ќе ти помогне да го оставиш минатото зад себе и да ги пребродиш сегашните неволји“.

Зарем сето ова не те поттикнува да дознаеш нешто повеќе за она што наскоро Божјето Царство ќе го направи за луѓето? Тоа ќе те увери дека, и покрај катастрофата што си ја доживеал, има за што да живееш додека со нетрпение очекуваш да им дојде крај на сите такви неволји. Но, во Библијата има и практични совети кои уште сега ќе ти помогнат полесно да се справиш со последиците од катастрофата. Да разгледаме некои од нив.