Ако боледуваш од тешка болест
КОГА некој боледува од сериозна болест која може да биде смртоносна, тоа воопшто не е лесно. Освен што мора да се бори со самата болест, и болниот и оние што се грижат за него можат да станат емоционално ранливи. Стравот и загриженоста уште повеќе се зголемуваат кога мора да се направат многу прегледи, кога е тешко да се добие или да се плати соодветно лекување или мора да се поднесат несаканите дејства од третманите. Оние што се соочуваат со сериозна болест минуваат низ вистинска голгота.
Што може да ти помогне ако се наоѓаш во ваква ситуација? Многумина чувствуваат големо олеснување и утеха кога му се молат на Бог и кога читаат охрабрувачки мисли од Библијата.
Освен тоа, од голема помош може да ти бидат љубовта и грижата од семејството и пријателите.ШТО ИМ ПОМОГНАЛО НА НЕКОИ
„Имај цврста вера во Бог, и тој ќе ти помогне да издржиш“, вели Роберт, кој има 58 години. „Моли му се на Јехова. Кажи му како се чувствуваш. Барај да ти помогне да бидеш храбар и позитивен заради семејството. Моли го и да ти даде сила достоинствено да ја поднесеш болеста.
Освен тоа, и емоционалната поддршка од најблиските е многу важна. Многу ми значи тоа што можам да се потпрам на нив. Секој ден ќе ми се јават два-тројца за да прашаат како сум. Добивам охрабрување и од пријатели што живеат во други места. Тоа ми влева сила и ми помага да не се предадам.“
А што ако некој твој пријател е болен и сакаш да одиш да го посетиш? Забележи што рекла Линда: „Болниот сака да води колку што е можно понормален живот, и не сака секогаш да зборува за болеста. Затоа, разговарајте за други работи“.
Силата што ја добиваме од Бог и утехата што ја црпиме од неговата Реч, како и поддршката и грижата кои со љубов ни ги даваат семејството и пријателите, нѐ уверуваат дека има за што да живееме, дури и ако боледуваме од тешка болест.