Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој е виновен?

Кој е виновен?

Доколку страдањата не се казна од Бог, тогаш зошто има глад, сиромаштија, војни, болести и природни катастрофи? Божјата Реч, Библијата, ни открива три главни причини за човечките страдања:

  1. Себичност, алчност и омраза. „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9). Многумина страдаат бидејќи станале жртви на несовршени, себични или сурови луѓе.

  2. Време и непредвидени настани. Луѓето честопати страдаат поради тоа што „времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проповедник 9:11). Тоа значи дека едноставно се нашле на погрешно место во погрешно време, се случила несреќа, биле невнимателни или направиле некоја грешка.

  3. Злобниот Владетел на овој свет. Библијата јасно ни кажува која е најголемата причина за човечките страдања. Таа вели: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). „Злобниот“ е Сатана Ѓаволот, моќно духовно суштество, кој на почетокот бил Божји ангел но потоа се побунил против Бог (Јован 8:44). И други духовни суштества му се придружиле на Сатана во побуната против Бог за да ги задоволат своите себични желби, и така станале демони (1. Мојсеева 6:1-5). Оттогаш, Сатана и неговите демони на моќен и на суров начин влијаат врз работите во овој свет. Ова особено се гледа во нашево време. Сега, Ѓаволот има голем гнев и „го заведува целиот свет“, и поради тоа луѓето доживуваат ужасни работи (Откровение 12:9, 12). Тој е немилосрден диктатор кој ужива да гледа како луѓето страдаат. Сатана, а не Бог, е тој што ги предизвикува страдањата.

РАЗМИСЛИ: Само едно злобно и бесчувствително суштество би предизвикало невини луѓе да страдаат. Од друга страна, Библијата ни кажува дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Бидејќи љубовта е нераздвоен дел од неговата личност, „не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ (Јов 34:10).

Сепак, можеби се прашуваш: „До кога Семоќниот Бог ќе му дозволува на Сатана да го спроведува своето злобно владеење?“ Како што видовме, на Бог му е одвратна злобата и нашето страдање му предизвикува болка. Освен тоа, неговата Реч нѐ поттикнува: „Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7). Бог нѐ сака и има моќ да ги отстрани сите страдања и неправди, како што ќе видиме во наредната статија. *

^ пас. 7 За да дознаеш нешто повеќе за тоа зошто има толку многу страдања, прочитај ја лекција 26 од книгата Радувај му се на животот засекогаш, која е издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.mt1130.com/mk.