Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Бев огорчен и насилен

Бев огорчен и насилен
  • РОДЕН: 1974

  • ЗЕМЈА: МЕКСИКО

  • НЕКОГАШ: НАСИЛЕН ТИНЕЈЏЕР И УЛИЧЕН ТЕПАЧ

МОЕТО МИНАТО

Роден сум во Сиудад Манте, едно убаво место во државата Тамаулипас (Мексико). Општо земено, жителите на овој град се дарежливи и љубезни. Но, за жал, поради организираниот криминал местото беше опасно за живеење.

Јас бев второто од четири машки деца. Како мал моите родители ме крстиле во католичката црква, а подоцна пеев во црковниот хор. Не сакав да му згрешам на Бог бидејќи многу се плашев да не бидам осуден на вечни маки во пеколот.

Кога имав пет години, татко ми нѐ напушти. Тоа многу ме погоди и ми остави голема празнина. Не можев да разберам зошто нѐ остави кога ние толку многу го сакавме. Мајка ми мораше да работи со часови за да нѐ издржува нас четворица.

Бидејќи поголемиот дел од денот мајка ми не беше дома, го користев тоа за да бегам од часови и да се дружам со поголеми деца. Тие ме научија да пцујам, да пушам, да крадам и да се тепам. Бидејќи сакав да доминирам над другите, почнав да боксувам, да учам боречки вештини и да користам оружје. Бев насилен тинејџер. Често учествував во вооружени престрелки и неколкупати останав да лежам на улица раскрварен и скоро мртов. Можам да си замислам како ѝ било на мајка ми кога ќе ме најдеше таков и ќе мораше брзо да ме однесе во болница.

Кога имав 16 години, на гости ни дојде Хорхе, еден пријател од детството. Ни кажа дека станал Јеховин сведок и дека сака да сподели нешто важно со нас. Со помош на Библијата, почна да ни објаснува во што верува. Бидејќи никогаш ја немав прочитано, многу се изненадив кога го дознав Божјето име и Божјата намера. Хорхе ни понуди да ја проучуваме Библијата со него и ние прифативме.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Почувствував големо олеснување кога дознав дека пеколот не е библиско учење (Псалм 146:4; Проповедник 9:5). Оттогаш веќе немам морбиден страв од Бог. Наместо тоа, за мене тој стана еден грижлив Татко кој на своите деца им го мисли најдоброто.

Колку повеќе дознавав од Библијата толку повеќе сфаќав дека треба да се менувам како личност. Морав да развијам понизност и да престанам со насилството. Една работа што ми помогна беше советот од 1. Коринќаните 15:33, каде што пишува дека „лошото друштво ги расипува добрите навики“. Сфатив дека, ако сакам да се сменам, ќе мора да престанам да се дружам со оние што имаат негативно влијание врз мене. Затоа, го оставив старото друштво и почнав да се дружам со вистински христијани, со луѓе кои меѓусебните разлики не ги решаваат со тупаници ниту со какво било насилство, туку со помош на библиските начела.

Други библиски стихови што имаа големо влијание врз мене беа оние запишани во Римјаните 12:17-19. Таму пишува: „Никому не враќајте зло за зло... Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се... зашто е напишано: ,Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“. Се уверив дека Јехова ќе се погрижи за неправдите на свој начин и во свое време. Постепено, успеав да се сменам и да го оставам насилството.

Никогаш нема да заборавам што се случи една вечер додека се враќав дома. Една група млади кои беа од една поранешна противничка банда ме нападнаа, а тој што им беше главен ме удри по грбот и извика: „Ајде, брани се!“ Во тој момент кратко му се помолив на Јехова да ми помогне да го издржам притисокот. Иако ми доаѓаше да возвратам, успеав веднаш да си заминам. Следниот ден повторно го сретнав водачот на бандата, овојпат сам. Нешто во мене зовре, но веднаш во себе почнав да го преколнувам Јехова да ми помогне да се исконтролирам. Бев изненаден кога младичот ми пријде и ми рече: „Извини за вчера. Искрено, би сакал да бидам како тебе. Сакам и јас да ја проучувам Библијата“. Колку сум среќен што успеав да го совладам гневот! Благодарение на тоа, почнав да ја проучувам Библијата со него.

За жал, другите од моето семејство во тоа време прекинаа да ја проучуваат Библијата. Сепак, јас бев цврсто решен да продолжам со проучувањето и да не дозволам никој и ништо да ме спречи во тоа. Знаев дека редовното дружење со луѓе што го сакаат Бог ќе ги излечи моите емоционални рани и ќе ми ја задоволи потребата од семејство. Продолжив духовно да напредувам, и во 1991 год. се крстив како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

Порано бев огорчен, арогантен и насилен. Но, Божјата Реч ми даде нов правец во животот. Сега, на секој што сака да слуша му ја пренесувам библиската порака за мир. Изминативе 23 години имав чест да го посветам поголемиот дел од своето време во служба за Бог.

Некое време работев како доброволец во подружницата на Јеховините сведоци во Мексико. Таму ја запознав Клаудија, енергична млада христијанка со која се венчавме во 1999 год. Многу сум му благодарен на Јехова што ме благослови со таква верна сопруга.

Заедно со неа служевме во собрание на мексикански знаковен јазик и им помагавме на глувите лица да дознаат за Јехова Бог. Подоцна, бевме замолени да се преселиме во Белисе за таму да ги поучуваме луѓето за Библијата. Иако овде живееме многу поедноставно, имаме сѐ што ни треба за да бидеме среќни. Нема ништо што би смениле.

Во меѓувреме, мајка ми повторно почна да ја проучува Библијата и се крсти. И мојот постар брат заедно со жена му и децата станаа Јеховини сведоци. Исто така, и некои од моите поранешни пријатели на кои им ја пренесов веста за Божјето Царство сега му служат на Јехова.

Многу ми е жал што некои од моето семејство починаа бидејќи не го сменија своето насилно однесување. Ако продолжев по истиот пат, најверојатно и јас ќе завршев слично. Благодарен сум му на Јехова што ме привлече кон себе, како и на оние што му служат бидејќи стрпливо и љубезно ми помогнаа да живеам според библиските начела.