ОД НАШАТА АРХИВА
„Кога ќе биде следниот конгрес?“
ВО СРЕДИНАТА на ноември 1932 год., Мексико Сити, град во кој во тоа време живееле повеќе од еден милион луѓе, ги добил своите први семафори. Но, само една недела подоцна еден друг настан им го привлекол вниманието на луѓето. На железничката станица имало новинари кои, подготвени со своите камери, чекале да пристигне еден важен гости — Џозеф Ратерфорд, претседателот на Watch Tower Society. Не изостанувале ни локалните Јеховини сведоци кои едвај чекале да му изразат добредојде на брат Ратерфорд, кој дошол за да присуствува на нивниот тридневен конгрес.
Во списанието Златен век пишувало: „Нема никакво сомнение дека овој конгрес ќе влезе во историјата како настан кој е од огромна важност“ за ширење на вистината во Мексико. Но, ова бил мал конгрес на кој присуствувале само околу 150 луѓе. Тогаш, зошто бил толку значаен?
Пред тој конгрес, библиската вистина не била многу раширена во Мексико. Од 1919 год. биле одржани помали конгреси, но по таа година бројот на собранијата, всушност, се намалил. Кога била отворена подружницата во Мексико Сити во 1929 год., изгледало дека ситуацијата ќе се подобри. Но, сѐ уште имало некои пречки. Организацијата им дала упатство на колпортерите, како што се нарекувале пионерите во тоа време, да не вршат световна работа истовремено додека се во служба на проповедање. Еден колпортер толку многу се налутил што ја напуштил вистината и формирал своја група за проучување на Библијата. Исто така, во тој период надгледникот на подружницата почнал да постапува спротивно на библиските мерила, и поради тоа требало да биде сменет. На верните Сведоци од Мексико им требало охрабрување.
Во текот на својата посета, брат Ратерфорд ги охрабрил овие верни Сведоци со двата впечатливи говори што ги изнел на конгресот и петте предавања кои биле пренесувани преку радио. Ова било првпат браќата да користат радио станици за да се шири добрата вест низ Мексико. По конгресот, бил наименуван нов надгледник на подружницата кој требало да го организира делото. Сведоците добиле нови сили и, со благослов од Јехова, продолжиле ревносно да ја вршат службата.
Во 1933 год., во земјата се одржале два конгреси, еден во Веракруз и еден во Мексико Сити. Браќата и сестрите вложувале голем труд за да го обработуваат подрачјето, и тоа донело добри резултати. На пример, во 1931 год. имало 82 објавители. До 1941 год., бројот се зголемил дури десет пати. Околу 1.000 луѓе дошле во Мексико Сити за да присуствуваат на конгресот во 1941 год.
„ИНВАЗИЈА НИЗ УЛИЦИТЕ“
Во 1943 год., Сведоците почнале да го најавуваат конгресот „Слободен народ“ кој требало да се одржи во 12 градови во Мексико. * Тоа го правеле така што носеле два плакати кои биле врзани и кои им биле префрлени преку рамењата. Едниот им висел од предната страна, а другиот од задната страна. Од 1936 год., Сведоците користеле вакви плакати за да ги најавуваат конгресите.
Сведочењето со плакати имало толку голем успех што во врска со Сведоците кои присуствувале на конгресот во едно списание пишувало: „Првиот ден им беше кажано да поканат повеќе луѓе. Следниот ден, местото каде што се одржуваше конгресот беше преполно“ (La Nación). На Католичката црква не ѝ се допаднало ова, и затоа почнала да им се противи на Сведоците. Но, браќата и сестрите не се исплашиле, и продолжиле да го најавуваат конгресот. Во една друга статија во истото списание пишувало: „Целиот град ги виде... мажи и жени кои носеа плакати на себе“. Во статијата имало и фотографија на која биле прикажани браќа на улиците во Мексико Сити. Под неа стоел натписот: „Инвазија низ улиците“.
КРЕВЕТИ КОИ БИЛЕ „ПОМЕКИ И ПОТОПЛИ ОД БЕТОНСКИОТ ПОД“
Во тие години, повеќето Сведоци требало да направат големи жртви за да присуствуваат на неколкуте конгреси што се одржале во Мексико. Многу браќа и сестри доаѓале од далечни села до кои немало железничка линија, па дури ни патишта. Објавителите од едно собрание напишале: „Единствената линија што поминува во близина на нашето место е телеграфската линија“. Затоа, делегатите морале да јаваат на мазги или да пешачат со денови само за да се качат на воз кој можел да ги однесе до конгресниот град.
Поголемиот број Сведоци биле сиромашни и едвај можеле да си дозволат да одат на конгресот. Кога пристигнале таму, многумина биле сместени кај локалните Сведоци кои им покажале љубов и гостопримство. Некои преноќевале во салите за состаноци. Во една друга прилика, околу 90 браќа биле сместени во подружницата, каде што спиеле на картонски кутии полни со книги. Во Годишникот пишувало дека браќата биле благодарни бидејќи овие кревети биле „помеки и потопли од бетонскиот под“.
Овие Сведоци воопшто не жалеле за ниту една жртва што ја направиле за да се соберат заедно со своите браќа и сестри. Денес, Сведоците во Мексико, чиј број изнесува повеќе од 850.000, имаат ист таков став. * Во извештајот на подружницата од Мексико во 1949 год. пишувало дека жртвите кои браќата требало да ги прават не ја намалило нивната ревност за вистината. Секој конгрес што го имале бил „една од главните теми за разговор уште долго време“. Тие одново и одново го поставувале прашањето: „Кога ќе биде следниот конгрес?“ (Од нашата архива во Централна Америка.)