Родители и деца, комуницирајте искрено и со љубов!
„Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (ЈАК. 1:19)
1, 2. Што обично чувствуваат децата и родителите едни кон други, но што им е тешко понекогаш?
НА МНОГУ тинејџери во САД им било поставено следново прашање: „Кога би знаел дека твоите родители ќе умрат утре, што би сакал да им кажеш денес?“ Деведесет и пет отсто рекле дека не би зборувале за проблемите или несогласувањата што ги имале со нив туку би им кажале „Извинете за сѐ“ и „Многу ве сакам“ (Само за родители — For Parents Only, од Шонти Фелдан и Лиза Рајс).
2 Обично децата си ги сакаат родителите и родителите си ги сакаат децата. Ова особено може да се каже за Божјите слуги. Сепак, иако родителите и децата сакаат да бидат блиски, понекогаш им е тешко да комуницираат едни со други. Зошто избегнуваат да зборуваат за некои теми дури и кога меѓу нив обично има отворена и искрена комуникација? Кои се некои пречки за добра комуникација, и како можат да се надминат?
„ОТКУПУВАЈТЕ СИ ВРЕМЕ“ ЗА ДА КОМУНИЦИРАТЕ
3. а) Што им отежнува на многу семејства да комуницираат? б) Зошто на семејствата во древниот Израел им било полесно да најдат време за да бидат заедно?
3 На многу семејства денес не им е лесно да најдат доволно време за да комуницираат. Но, тоа не било отсекогаш така. На пример, Мојсеј им го дал следново упатство на татковците во Израел: „Всадувај ги [Божјите зборови] во своите деца и зборувај им за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш“ (5. Мој. 6:6, 7). Децата го поминувале времето со мајка им дома или, пак, со татко им на полето или онаму каде што работел. На тој начин, имале многу време за да бидат заедно и да разговараат. Како резултат на тоа, родителите можеле добро да ги запознаат своите деца, и да дознаат кои се нивните потреби и желби. А и децата имале доволно време и прилики да ги запознаат своите родители.
4. Зошто на семејствата денес им е уште потешко да комуницираат?
4 Колку поинаков е животот денес! Во некои земји, родителите ги носат децата во претшколски установи уште на многу рана возраст. Многу татковци и мајки не се дома по цел ден бидејќи одат на работа. А кога се сите заедно, гледаат телевизија, седат пред компјутер или користат други електронски уреди. Во многу семејства, родителите и децата се како странци — секој си живее во свој свет и речиси воопшто не разговараат.
5, 6. Како некои родители ‚си откупуваат време‘ за да бидат со своите деца?
5 Можете ли да си ‚откупите време‘ од други работи за да бидете со своето семејство? (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.) Некои семејства се договараат да не минуваат премногу време пред телевизор или на компјутер. Други се трудат барем еднаш во денот да јадат заедно. Освен тоа, Семејната вечер им дава прекрасна можност на родителите и децата уште повеќе да се зближат и опуштено да зборуваат за духовни работи. Сепак, за да може меѓу родителите и децата да има отворена и искрена комуникација, не е доволно да одвојат само околу еден час за семејно проучување — тие мора да се трудат секојдневно да разговараат. Пред вашето дете да појде на училиште, кажете му нешто охрабрувачко, разгледајте го дневниот стих или помолете се заедно. Ова може да му биде од голема помош во текот на денот.
6 Некои родители успеале да направат промени во животот за да поминуваат повеќе време со своите деца. На пример, од таа причина Лора, * која е мајка на две деца, престанала да работи со полно работно време. Таа вели: „Наутро секој од нас гледаше да излезе што побрзо од дома за на работа или на училиште. За децата се грижеше дадилка, и кога се враќав навечер, тие веќе спиеја. Откако дадов отказ, живееме со помалку пари, но сега подобро знам што мислат и што ги мачи моите деца. Ги слушам додека се молат, и можам да ги советувам, да ги охрабрувам и да ги поучувам“.
‚БИДЕТЕ БРЗИ НА СЛУШАЊЕ‘
7. На што најмногу се жалат и родителите и децата?
7 Откако направиле повеќе интервјуа со млади луѓе, авторите на книгата Само за родители напишале: „Децата најмногу се жалат на тоа дека родителите ‚не ги слушаат‘“. Но, и родителите обично го велат истото за децата. За да имаат отворена комуникација, сите во семејството мора внимателно да се слушаат едни со други. (Прочитај Јаков 1:19.)
8. Како можат родителите внимателно да ги слушаат своите деца?
8 Родители, дали внимателно ги слушате своите деца? Ова може да биде тешко ако сте уморни или ви се чини дека ви зборуваат за неважни работи. Но, она што вам ви изгледа неважно, може да биде многу важно за вашето дете. Да ‚бидете брзи на слушање‘ не значи само да слушате што ви кажува детето, туку и да обрнете внимание како ви го кажува тоа. Од тонот на гласот, изразот на лицето и гестите можете да откриете многу за тоа како се чувствува вашето дете. Важно е и да му поставувате прашања. Библијата вели: „Размислувањата во човековото срце се како длабока вода, а разборитиот човек знае како да ги исцрпи“ (Изр. 20:5). Особено треба да покажете увид и разбирање кога сакате да дознаете што мисли вашето дете за некоја осетлива тема.
9. Зошто децата треба да им бидат послушни на родителите?
9 Деца, дали сте им послушни на родителите? Божјата Реч вели: „Слушај ја, сине мој, поуката на татко ти и не оставај ги упатствата на мајка ти“ (Изр. 1:8). Не заборавај дека родителите те сакаат и дека ти го мислат најдоброто, и затоа е мудро да ги слушаш и да им бидеш послушен (Еф. 6:1). Полесно е да им бидеш послушен кога меѓу вас има отворена комуникација и кога знаеш дека те сакаат. Слободно кажи им на родителите како се чувствуваш. Тоа ќе им помогне да те разберат. Но, и ти треба да се потрудиш да ги разбереш нив.
10. Што учиме од библискиот извештај за Ровоам?
10 Мора многу да внимаваш кога твоите врсници ти даваат совет во врска со некоја работа. Можеби ќе ти го кажат она што сакаш да го слушнеш, но веројатно тоа воопшто нема да ти користи. Напротив, би можело дури и да ти наштети. Бидејќи ја немаат мудроста и искуството што го стекнале повозрасните, повеќето млади не можат да ги предвидат долгорочните последици од своите одлуки. Сети се на Ровоам, синот на цар Соломон. Кога Ровоам станал цар на Израел, ќе било мудро да го послуша советот на постарите. Но, тој го послушал неразумниот совет што му го дале младите со кои пораснал. Како резултат на тоа, повеќето негови поданици се побуниле против него (1. Цар. 12:1-17). Немој да ја правиш истата грешка како Ровоам. Труди се да задржиш добра комуникација со родителите, и кажувај им отворено што мислиш и како се чувствуваш. Слушај ги нивните совети, и учи од нивната мудрост (Изр. 13:20).
11. Што може да се случи ако родителите не се пристапливи?
11 Родители, ако не сакате вашите деца да бараат совет од своите
врсници, помогнете им да се чувствуваат слободни да ви пристапат и да разговараат со вас. Една сестра на тинејџерска возраст напишала: „Штом ќе спомнам име на некое момче, моите родители веднаш стануваат напнати. Тогаш ми станува непријатно, и го прекинувам муабетот“. Една друга млада сестра напишала: „На многу тинејџери им треба совет од родителите, но ако родителите не ги сфаќаат сериозно, децата ќе побараат совет од некој друг што можеби не е толку искусен“. Ако си спремен сочувствително да ги слушаш своите деца кога ти зборуваат за каква и да било работа, веројатно ќе увидиш дека полесно ќе ти се отворат и ќе ги прифатат твоите совети.‚БИДЕТЕ БАВНИ НА ЗБОРУВАЊЕ‘
12. Како би можела реакцијата на родителите да им ја попречи комуникацијата со децата?
12 Друга пречка во комуникацијата може да биде тоа што понекогаш родителите реагираат премногу бурно или негативно на она што им го кажуваат децата. Се разбира, христијанските родители сакаат да ги заштитат своите деца бидејќи во овие „последни денови“ има многу опасности (2. Тим. 3:1-5). Но, понекогаш децата гледаат поинаку на работите, и сметаат дека родителите претеруваат и им ја ограничуваат слободата.
13. Зошто родителите треба да внимаваат да не го кажуваат своето мислење пребрзо?
13 Родителите треба да внимаваат да не го кажуваат своето мислење пребрзо. Се разбира, не е лесно да останат стрпливи кога децата ќе им кажат нешто што ќе ги вознемири. Сепак, многу е важно внимателно да слушаат пред да кажат што и да било. Мудриот цар Соломон напишал: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“ (Изр. 18:13). Ако останеш сталожен, твоето дете ќе може да се доискаже и ќе добиеш целосна слика за работите. Така ќе разбереш од која причина можеби зборува ‚непромислено‘ и ќе можеш да му пружиш помош (Јов 6:1-3). Грижливите родители внимателно ги слушаат своите деца и се трудат да ги разберат за да можат да им дадат совет што навистина ќе им помогне.
14. Зошто децата треба да бидат бавни на зборување?
14 Деца, и вие треба да бидете ‚бавни на зборување‘ и да не се буните веднаш кога родителите ќе ви кажат нешто, бидејќи Бог им дал одговорност да ве воспитуваат (Изр. 22:6). Можеби и тие минале низ истото што го минувате вие. Освен тоа, сигурно жалат за грешките што ги направиле кога биле млади, и не сакаат и вие да направите слични грешки. Затоа, сметајте ги своите родители за пријатели, а не за непријатели. Тие сакаат да ви помогнат, а не да ве повредат. (Прочитај Изреки 1:5.) „Почитувај ги татка си и мајка си“, вели Библијата. Покажете им на родителите дека ги сакате како што и тие ве сакаат вас. Така ќе им биде полесно ‚да ве воспитуваат со стега од Јехова и да ви помогнат да го усвоите неговиот начин на размислување‘ (Еф. 6:2, 4).
‚БИДЕТЕ БАВНИ НА ГНЕВ‘
15. Што ќе ни помогне да не избувнеме и да останеме стрпливи со оние што ги сакаме?
15 За жал, не сме секогаш доволно стрпливи со оние што ги сакаме. Апостол Павле им го напишал следново на христијаните во Колоси: „Мажи, сакајте ги своите жени и немојте да се гневите на нив. Татковци, не огорчувајте ги своите деца, за да не станат малодушни“ (Кол. 1:1, 2; 3:19, 21). А на Ефешаните им го напишал следново: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор“ (Еф. 4:31). Ако ги покажуваме плодовите на духот, како што се долготрпеливост, благост и самосовладување, ќе останеме смирени дури и кога сме под стрес (Гал. 5:22, 23).
16. На кој начин Исус ги исправил своите ученици, и зошто тоа е толку впечатливо?
16 Да го разгледаме примерот на Исус. Замисли си под колку силен притисок се наоѓал во текот на последната вечера со апостолите. Тој знаел дека за неколку часа ќе се соочи со бавна и мачна смрт. Знаел дека мора да остане верен до крај за да го посвети името на својот Татко и за да го спаси човечкиот род. Сепак, истата таа вечер, ‚меѓу апостолите настанала препирка околу тоа кој од нив би можел да биде најголем‘. Исус не се огорчил и не им се развикал. Наместо тоа, смирено зборувал со нив. Ги потсетил дека тие останале со него во неговите искушенија. Иако Сатана побарал да ги просее како пченица, Исус покажал доверба дека ќе му останат верни. Дури и склучил сојуз со нив (Лука 22:24-32).
17. Што ќе им помогне на децата да не реагираат бурно?
17 И децата не треба да реагираат бурно. Ако си тинејџер, можеби не ти се допаѓа родителите да ти даваат совети. Можеби мислиш дека тие немаат доволно доверба во тебе. Иако понекогаш изгледа така, мора да сфатиш дека се загрижени за тебе затоа што те сакаат. Ако смирено ги сослушаш и ги прифатиш нивните совети, тие ќе те почитуваат и ќе ја стекнеш нивната доверба. Поради тоа, веројатно ќе ти дадат и поголема слобода за некои работи. Оној што покажува самосовладување и останува смирен е мудар. Библијата вели: „Безумникот го излева сиот свој гнев, а оној што е мудар, останува мирен до крајот“ (Изр. 29:11).
18. Како љубовта им помага на семејствата да имаат добра комуникација?
18 Затоа, драги родители и деца, не се разочарувајте ако комуникацијата во вашето семејство не е толку добра колку што би сакале. Продолжете да работите на тоа, и живејте и понатаму според вистината (3. Јов. 4). Во новиот свет, меѓу совршените луѓе ќе има совршена комуникација, без никакви недоразбирања и расправии. Но, сега сите ние правиме работи за кои подоцна жалиме. Затоа, ако згрешиш некому, извини се. Спремно простувај. ‚Бидете складно поврзани во љубов‘, вели Библијата (Кол. 2:2). Љубовта е многу моќна. Таа е ‚долготрпелива и љубезна. Не се раздразнува и не го памти злото. Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи‘ (1. Кор. 13:4-7). Ако продолжите да покажувате љубов, комуникацијата во вашето семејство ќе биде уште подобра. Тоа ќе ви донесе радост вам, а ќе му донесе и слава на Јехова.
^ пас. 6 Името е сменето.