Творештвото го открива живиот Бог
„Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата... бидејќи ти создаде сѐ“ (ОТК. 4:11)
1. Што е потребно за да може нашата вера во Јехова да остане цврста?
МНОГУ луѓе велат дека веруваат само во она што можат да го видат. Со оглед на тоа што Библијата вели дека „ниту еден човек никогаш не го видел Бог“, како можеме да им помогнеме на таквите лица да стекнат вера во Него? (Јован 1:18). И што е потребно за да може и нашата вера во Јехова, „невидливиот Бог“, да остане цврста? (Кол. 1:15). Најпрво треба да дознаеме кои учења ја замаглуваат вистината за Јехова. А потоа мора да научиме вешто да ја користиме Библијата за да ги урнеме сите размислувања ‚кои се креваат против познавањето на Бог‘ (2. Кор. 10:4, 5).
2, 3. Кои две учења ги спречуваат луѓето да ја дознаат вистината за Бог?
2 Едно лажно учење кое ги заслепува луѓето и ги спречува да ја разберат вистината за Бог е теоријата на еволуција. Ова учење ѝ противречи на Библијата и ги лишува луѓето од надеж. Еволуцијата учи дека животот е резултат на слепа случајност. Ако навистина е така, тогаш човечкиот живот нема никаква смисла.
3 Од друга страна, некои во христијанскиот свет ја сфаќаат Библијата дословно и поучуваат дека целата вселена, вклучувајќи ја и нашата планета и животот на неа, постојат само неколку илјади години. Тие тврдат дека Бог создал сѐ за само шест дена од по 24 часа. Ова учење е познато како креационизам. Креационистите ги отфрлаат сите научни докази кои не одат во прилог на нивното гледиште. Иако можеби ја ценат Библијата, со ова учење фрлаат лошо светло врз неа оставајќи впечаток дека таа е нелогична и неточна. Оние што шират вакви гледишта се слични на некои во првиот век кои ревносно се труделе да му угодат на Бог, ‚но не знаеле точно што е неговата волја‘ (Рим. 10:2). На кој начин може да ја користиме Божјата Реч за да ги урнеме ‚цврсто утврдените‘ учења, како што се теоријата на еволуција и креационизмот? a Мора самите да вложиме труд за да дознаеме што точно учи Библијата.
ВЕРА ШТО СЕ ТЕМЕЛИ НА ФАКТИ И ЛОГИЧНИ ДОКАЗИ
4. На што треба да се темели нашата вера?
4 Библијата нѐ поттикнува да собираме знаење (Изр. 10:14). Јехова сака нашата вера во него да се темели на факти и логични докази, а не на човечки филозофии или верски традиции. (Прочитај Евреите 11:1.) За да стекнеме цврста вера во Бог, најпрво мора да се увериме дека Јехова постои. (Прочитај Евреите 11:6.) Ние знаеме дека тој постои не затоа што сакаме да веруваме во тоа, туку затоа што сме ги испитале фактите „користејќи го својот разум“ (Рим. 12:1).
5. Зошто може да веруваме дека постои Бог?
5 Апостол Павле ни објаснува зошто може да бидеме уверени дека Бог постои иако не можеме да го видиме. Во врска со Јехова, тој напишал: „Неговите невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Рим. 1:20). Како можеш да му помогнеш на некој што се сомнева дека Бог постои да поверува во она што го кажал Павле? Би можел да користиш докази од творештвото кои ја откриваат Божјата моќ и мудрост. Во оваа статија ќе разгледаме некои од нив.
ДОКАЗИ ЗА БОЖЈАТА МОЌ ВО ТВОРЕШТВОТО
6, 7. Како се гледа Јеховината моќ во двата „штита“ околу Земјата?
6 Доказ за Јеховината моќ се двата „штита“ околу нашата планета — атмосферата и Земјиното магнетно поле. Освен што го содржи воздухот кој го дишеме, атмосферата има и заштитна улога во однос на Земјата. Таа ја штити од многуте метеороиди што се движат со огромна брзина низ вселената. Тие би можеле да предизвикаат голема штета на Земјата, но обично согоруваат кога ќе влезат во атмосферата при што оставаат блескава трага на ноќното небо.
7 И магнетното поле на нашата планета служи како „штит“. Длабоко во центарот на Земјата се наоѓа јадро, чиј надворешен дел главно се состои од растопено железо. Тоа создава силно магнетно поле кое ја обвиткува нашата планета и се шири далеку во вселената. Оваа магнетна обвивка нѐ штити од космичкото зрачење кое е последица на соларните блесоци и на експлозиите во надворешните слоеви на Сонцето. Таа не дозволува ваквото штетно зрачење да го спржи живиот свет на Земјата затоа што го апсорбира или го одбива назад во вселената. Доказ за нашето магнетно поле е прекрасниот танц на разнобојната светлина која се прелева на ноќното небо во близина на Северниот и на Јужниот Пол. Јехова навистина има „огромна сила“! (Прочитај Исаија 40:26.)
ДОКАЗИ ЗА БОЖЈАТА МУДРОСТ ВО ПРИРОДАТА
8, 9. Како се гледа Јеховината мудрост во циклусите што го одржуваат животот?
8 Јеховината мудрост се гледа и во циклусите кои го одржуваат животот на Земјата. Да наведеме една споредба: Замисли си дека живееш во еден густо населен град. Тој е опколен со ѕидови, и не постои начин во него да се внесе чиста вода и да се исфрли отпадот. Таквиот град за кратко време толку ќе се загади што ќе стане непогоден за живот. Во некоја смисла, нашата планета е слична на тој град. На неа има ограничено количество вода, а отпадот не можеме да го исфрлиме во вселената. Сепак, овој „утврден град“, односно Земјата, може засекогаш да им го обезбедува она што им е потребно за живот на сите суштества. Зошто? Затоа што таа има неверојатна способност да го рециклира и да го преработи сето она што е неопходно за одржување на животот.
9 Да го разгледаме кислородниот циклус. Милијарди суштества вдишуваат кислород и издишуваат јаглерод диоксид. И покрај тоа, атмосферата никогаш не останува без кислород и не се презаситува со „отпадниот“ гас, јаглерод диоксид. Зошто? Одговорот лежи во чудесниот процес наречен фотосинтеза. При овој процес, растенијата впиваат јаглерод диоксид, вода, сончева светлина и хранливи материи, а создаваат јаглехидрати и кислород. Кога вдишуваме кислород, овој циклус се затвора. Јехова во дословна смисла на зборот ги користи растенијата што ги создал за да „им дава на сите живот и здив“ (Дела 17:25). Неговата мудрост е навистина неспоредлива!
10, 11. Како се гледа мудроста на Јехова во начинот на кој ги создал пеперутката монарх и вилиното коњче?
10 Јеховината мудрост се гледа и во огромниот број живи суштества кои живеат на нашата прекрасна планета. Се проценува дека на Земјата има од 2 до 100 милиони видови. (Прочитај Псалм 104:24.) Да видиме што учиме за Божјата мудрост од начинот на кој се создадени некои од овие суштества.
11 На пример, иако има мозок кој не е поголем од зрнце афион, пеперутката монарх знае како да стигне од Канада до една шумичка во Мексико, минувајќи растојание од околу 3.000 километри. Оваа пеперутка се ориентира според положбата на сонцето и може да го задржи својот правец и покрај постојаното движење на сонцето на небото. Да размислиме и за окото на вилиното коњче. Овој инсект гледа со помош на две сложени очи во кои има по 30.000 поединечни леќи. И покрај тоа, неговиот микроскопски мозок може да ги дешифрира сигналите што доаѓаат преку сите тие леќи и да забележи и најмало движење во околината.
12, 13. Што ти остава најголем впечаток во врска со начинот на кој Јехова ги создал клетките на нашето тело?
12 Уште повосхитувачки е начинот на кој Јехова ги создал клетките од кои се состојат сите живи суштества. На пример, твоето тело се состои од 100 билиони клетки. Во секоја од нив се наоѓа молекулот на ДНК (дезоксирибонуклеинска киселина). Тој ги содржи информациите за градбата на целото твое тело.
13 Колку информации содржи еден молекул на ДНК? Да направиме споредба меѓу информациите што ги содржи еден грам ДНК и едно CD. На едно CD, кое е тенок диск пластика, може да се складираат податоци од речник со неколку илјади страници. Но, само еден грам ДНК може да содржи информации колку еден билион CD-а! Со други зборови, во само едно лажиче дехидрирана ДНК може да има информации не само за градбата на седумте милијарди луѓе што живеат денес туку и на 350 пати повеќе луѓе!
14. Како влијаат врз тебе откритијата до кои дошле научниците?
14 Библијата вели дека Бог ги запишува информациите потребни за градбата на човечкото тело во една симболична книга. Во врска со ова, во една молитва до Јехова, цар Давид рекол: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани — и деновите кога настануваа — кога уште немаше ниту еден“ (Пс. 139:16). Воопшто не зачудува што тој бил поттикнат да го фали Јехова кога размислувал како е создадено неговото тело. Денес научниците откриле уште многу други работи за човечкото тело кои нѐ исполнуваат со страхопочит. Тие откритија ни помагаат со цело срце да се сложиме со следниве зборови што овој псалмист му ги упатил на Јехова: „Те фалам, полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден. Твоите дела се чудесни, и мојата душа тоа добро го знае“ (Пс. 139:14). Зарем некој со право може да каже дека нема Бог кога сите творби околу нас сведочат за Него?
ПОМАГАЈ ИМ НА ДРУГИТЕ ДА МУ ОДДАВААТ ЧЕСТ НА ЖИВИОТ БОГ
15, 16. а) На кој начин нашите публикации го зголемуваат ценењето за Јеховината творечка моќ? б) Која статија од рубриката „Случајно или создадено?“ ти остави особено силен впечаток?
15 Веќе со децении, списанието Разбудете се! им помага на милиони луѓе да дознаат што открива творештвото за живиот Бог. На пример, во септември 2006 год., излезе специјално издание со наслов „Постои ли Творец?“, чија цел беше да се разоткријат лажните учења за еволуција и креационизам. Во врска со ова издание, една сестра го напиша следново до подружницата во САД: „Акцијата во која го нудевме ова списание беше многу успешна. Една жена побара 20 примероци. Таа е наставничка по биологија, и сакаше секој нејзин ученик да добие по еден примерок“. А еден брат напишал: „Проповедам уште од 1940-те и сега имам скоро 75 години, но никогаш порано не сум уживал толку во службата како овој месец кога го нудевме специјалното издание на Разбудете се!“
16 Во последниве години, во повеќето броеви на Разбудете се! излегува рубриката „Случајно или создадено?“ Во овие кратки статии се разгледани некои извонредни обележја на Божјите творби, како и начинот на кој човекот се обидел да ги копира тие инженерски чуда на Величествениот Творец. Освен тоа, во 2010 год., ја добивме и брошурата со наслов Дали животот е Божје дело? Прекрасните фотографии и поучните цртежи во оваа публикација се наменети уште повеќе да го зголемат нашето ценење за Јеховината творечка моќ. Прашањата на крајот од секој дел му помагаат на читателот да размислува за прочитаните информации. Дали веќе си ја користел оваа брошура кога си сведочел од куќа до куќа, на јавни места или неформално?
17, 18. а) Родители, како можете да им помогнете на децата со уште поголема увереност да ја бранат својата вера? б) Како сте користеле некоја од брошурите во текот на вашата Семејна вечер?
17 Родители, дали сте ја проучувале оваа брошура со своите деца на Семејната вечер посветена на Јехова? Така ќе им помогнете да развијат уште поголемо ценење за нашиот Бог. Можеби вашите деца се тинејџери кои одат во средно училиште. Тие се особена мета на оние што ја застапуваат теоријата на еволуција. Научниците, професорите, документарните емисии, па дури и филмовите ја шират идејата дека еволуцијата е факт. За да им помогнете на вашите тинејџери да се спротивстават на таквата пропаганда, можете да ја користите и брошурата Пет важни прашања за потеклото на животот, која исто така беше објавена во 2010 год. b Слично на брошурата Дали животот е Божје дело?, и оваа публикација им помага на младите да ја развиваат својата „способност за расудување“ (Изр. 2:10, 11). Таа ги поттикнува да размислуваат дали она што го учат на училиште е разумно и логично.
18 Понекогаш во некои списанија излегуваат сензационални извештаи дека научниците пронашле фосили кои докажуваат дека теоријата на еволуција е точна. Брошурата Потеклото на животот им помага на младите кои одат на училиште сами да проценат дали таквите извештаи навистина се доказ дека човекот настанал со еволуција. Освен тоа, ги поучува што да кажат кога некој тврди дека научниците веќе успеале да создадат живот во лабораториски услови. Родители, со овие брошури можете да им помогнете на своите деца со уште поголема увереност да им објаснат на другите зошто веруваат во Творец. (Прочитај 1. Петрово 3:15.)
19. Каква чест има секој од нас?
19 Можеме многу да научиме за прекрасните особини што ги има Јехова кога читаме за неговите творби во публикациите кои ги издава нашата организација. Цврстите докази кои се изнесени во нив нѐ поттикнуваат од срце да го фалиме нашиот Бог (Пс. 19:1, 2). Јехова навистина е Творец на сѐ што постои, а ние имаме огромна чест да му ги оддаваме славата и фалбата кои тој со право ги заслужува! (1. Тим. 1:17).
a Повеќе информации за тоа како да им се помогне на оние што го застапуваат креационизмот може да најдеш во брошурата Дали животот е Божје дело?, страници 24-28.
b Оваа брошура ја нема на македонски јазик, но достапна е на српски и на хрватски јазик.