Мене ми е добро да бидам близу до Бог
КОГА имав девет години, престанав да растам. Сега имам 43 години, а висока сум само еден метар. Кога на моите родители им стана јасно дека имам здравствен проблем, ме поттикнаа напорно да работам за да не мислам постојано на мојот изглед. Затоа пред куќата поставив тезга со овошје и се трудев секогаш да биде уредно наместена. Тоа привлекуваше многу муштерии.
Се разбира, напорната работа не ми ги реши сите проблеми. Затоа што бев многу ниска ми беше тешко да ги вршам и наједноставните работи, на пример, да дофатам нешто од рафтовите во продавница. Ми се чинеше дека сѐ е направено за луѓе кои се двапати повисоки од мене! Ми беше многу тешко, но кога имав 14 години престанав да се самосожалувам. Што се случи?
Еден ден, две жени кои беа Јеховини сведоци купија овошје од мојата тезга, и тогаш почнаа да ја проучуваат Библијата со мене. За кратко време сфатив дека тоа што го запознав Јехова и неговата намера е поважно од мојот физички изглед. Ова многу ми помогна. Псалм 73:28 ми стана омилен стих. Првиот дел од него гласи: „Мене ми е добро да бидам близу до Бог“.
Моето семејство ненадејно одлучи да се пресели од Брегот на Слоновата Коска во Буркина Фасо. Тогаш мојот живот се смени од корен. Во родното место, луѓето беа навикнати да ме гледаат покрај тезгата. Но, сега бев странец и на мнозина им изгледав чудно. Луѓето буквално зјапаа во мене. Поради тоа, понекогаш со недели не излегував од дома. Тогаш се сетив колку ми беше убаво кога се чувствував близу до Јехова. Затоа пишав до подружницата на Јеховините сведоци, и ме посети вистинската личност — Нани, мисионерка која возеше скутер.
Во маалото каде што живеев, улиците беа песокливи и лизгави, а кога врнеше беа и калливи. Иако Нани многупати паѓаше од скутерот кога доаѓаше да проучуваме, не се откажуваше! Потоа ми понуди да ме носи на состаноци. Тоа значеше дека ќе треба да излегувам од дома и да се изложам на зачудените погледи на луѓето. Исто така, на Нани ќе ѝ беше уште потешко да го вози скутерот бидејќи и јас ќе седев на него. И покрај тоа, се согласив да одиме заедно на состаноци, имајќи го на ум вториот дел од мојот
омилен стих: „Севишниот Господар Јехова е моето засолниште“.Јас и Нани понекогаш паѓавме во калта но, бидејќи уживавме на состаноците, тоа не ни беше важно. За разлика од луѓето надвор, кои зачудено гледаа во мене, браќата и сестрите во салата ме пречекуваа со срдечна насмевка. По девет месеци се крстив.
Третиот дел од мојот омилен стих гласи: „Ќе ги објавам сите твои дела“. Бев свесна дека службата ќе ми биде најголем предизвик. Сѐ уште се сеќавам кога првпат проповедав од куќа до куќа. И децата и возрасните зјапаа во мене, ме следеа и ме имитираа како одам. Иако ми беше тешко поради тоа, постојано се потсетував дека и ним им е потребен рајот исто како што ми е потребен и мене. Тоа ми помогна да истраам.
За полесно да ја вршам службата, си купив велосипед со три тркала. Кога се искачувавме по угорнина, објавителот со кого проповедав ме туркаше, а кога се спуштавме надолу брзо седнуваше на велосипедот зад мене. Иако во почетокот службата ми беше предизвик, наскоро ми стана извор на голема радост. Толку многу ја засакав што во 1998 год. почнав да служам како општ пионер.
Ја проучував Библијата со многу луѓе, а четворица од нив се крстија. Освен тоа, и една од моите родени сестри стана Јеховин сведок! Секогаш се охрабрувам кога ќе слушнам колку напредуваат другите во вистината. Понекогаш добивам такво охрабрување токму кога најмногу ми е потребно. На пример, кога еднаш имав маларија, добив писмо од Брегот на Слоновата Коска. Порано проучував на врата со еден студент на факултет во Буркина Фасо. Подоцна еден брат продолжи да проучува со него. По некое време, овој студент се пресели во Брегот на Слоновата Коска. Бев пресреќна кога од писмото дознав дека станал некрстен објавител!
Како се издржувам? Една организација која им помага на инвалидни лица нудеше курсеви за шиење. Додека учев да шијам, една инструкторка ги забележа моите работни навики, и рече: „Треба да те научиме да правиш сапуни“. Благодарение на тоа, сега изработувам домашни сапуни за перење и за миење. На луѓето им се допаѓаат сапуните што ги правам и ги препорачуваат и на други. Им ги доставувам со помош на мојот скутер со три тркала.
За жал, во 2004 год. морав да престанам со пионерската служба бидејќи мојот искривен ’рбетен столб ми причинуваше речиси неподнослива болка. Сепак, сѐ уште редовно учествувам во службата.
Луѓето велат дека имам заразна насмевка. Јас навистина имам силна причина да бидам среќна бидејќи ми е добро кога сум близу до Бог. (Раскажала Сара Мајга)