Оној што ја знае нашата вредност
Приближи му се на Бог
Оној што ја знае нашата вредност
‚АКО нашето срце нѐ осудува.‘ Со овие зборови, Библијата потврдува дека понекогаш нашето срце може да нѐ тера да бидеме премногу самокритични. Всушност, тоа може упорно да тврди дека не сме достојни Бог да нѐ сака и да се грижи за нас. Сепак, Библијата нѐ уверува: „Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. Јованово 3:19, 20). Бог нѐ познава подобро отколку што се познаваме самите себе. Она што тој го мисли за нас може многу да се разликува од она што ние го мислиме за себе. Тогаш, колку сме вредни во очите на оној чие мислење навистина е важно — Јехова Бог? Одговорот може да го најдеме во една трогателна споредба што Исус ја кажал двапати.
Првиот пат Исус рекол дека ‚две врапчиња се продаваат за една паричка‘ (Матеј 10:29, 31). Според Лука 12:6, 7, во една друга ситуација Исус рекол: „Зарем не се продаваат пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено пред Бог... Не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“. Од оваа едноставна, но силна споредба, учиме како гледа Јехова на секого што му служи.
Врапчињата биле едни од најевтините птици што се користеле за храна. Исус веројатно ги гледал сиромашните жени — можеби дури и својата мајка — како на пазар ги купуваат овие мали птички за да го прехранат своето семејство. За еден асарион, паричка која вредела околу два денара според денешна вредност, можеле да се купат две врапчиња. Овие птици биле толку евтини што за две парички можеле да се добијат не четири туку пет врапчиња, при што петтото се давало без пари.
Исус објаснил дека ниту едно врапче „не е заборавено пред Бог“, односно „не паѓа на земја“ без да знае Таткото (Матеј 10:29). Јехова забележува секогаш кога некое врапче ќе падне на земјата, сеедно дали затоа што е повредено или, пак, слетува долу за да си најде храна. Навидум безначајните птички, кои не биле премногу малечки за Јехова да ги создаде, не се премногу малечки ни за да се сети на нив. Всушност, за него тие се вредни, бидејќи се скапоцени живи суштества. Дали сега сфаќаш што сакал да каже Исус со оваа споредба?
Кога поучувал, Исус честопати користел спротивности и покажувал како една мала лекција може да се примени и на некоја друга многу поважна ситуација. На пример, Исус исто така рекол: „Гавраните ниту сеат ниту жнеат, немаат складови ниту амбари, а сепак Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие!“ (Лука 12:24). Јасно е што сакал да каже Исус кога зборувал за врапчињата: ако Јехова се грижи за овие мали птички, колку повеќе се грижи за луѓето што го сакаат и му служат!
Врз основа на овие зборови што ги кажал Исус, не треба никогаш да мислиме дека сме толку безначајни што Бог, кој „е поголем од нашето срце“, не нѐ забележува и не се грижи за нас. Зар не е утешна помислата дека нашиот Творец може да го види во нас она што можеби и ние самите не го гледаме кај себе?
[Извор на слика на страница 9]
Врапчиња: © ARCO/D. Usher/age fotostock