Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Раширено верување

Раширено верување

Раширено верување

„Ноќе имав кошмари дека горам во пеколот. Сонував дека сум фрлена во оган, и се будев со писок. Се разбира, многу се трудев да не направам никаков грев“ (Арлин)

ВЕРУВАШ ЛИ дека пеколот е место каде што се мачат грешниците? Многу луѓе веруваат во тоа. На пример, во 2005 год., еден предавач на Универзитетот Св. Ендруз во Шкотска утврдил дека третина од тамошните свештеници веруваат дека оние што ќе бидат одвоени од Бог ќе трпат „вечни душевни маки во пеколот“. Една петтина од нив веруваат дека оние што се во пеколот ќе бидат физички мачени.

Во многу земји е општо прифатено верувањето во пекол. На пример, во Соединетите Држави, една Галупова анкета спроведена во 2007 год. обелодени дека околу 70 отсто од испитаниците веруваат во пекол. Дури и во земјите каде што повеќето луѓе не се религиозни, верувањето во пекол не е сосема искоренето. Според друга Галупова анкета, спроведена во 2004 год., 42 отсто од Канаѓаните веруваат во пекол, а во Велика Британија 32 отсто од луѓето се уверени дека тој постои.

Какви се учењата на свештениците

Многу свештеници престанале да ги учат другите дека пеколот е место каде што луѓето дословно се мачат во оган. Наместо тоа, го застапуваат она што е речено во Катехизмот на Католичката црква, издаден во 1994 год. Таму стои: „Најголемата мака во пеколот е вечната одвоеност од Бог“.

Па сепак, многу луѓе сѐ уште веруваат дека пеколот е место на душевни или физички страдања. Оние што го шират ова учење тврдат дека се темели на Библијата. Алберт Молер, претседател на Јужната баптистичка теолошка школа, тврди: „Тоа едноставно е библиски факт“.

Дали е важно во што веруваш?

Ако пеколот е навистина место каде што луѓето трпат маки, тогаш е разбирливо дека треба да се плашиш од него. Меѓутоа, ако тоа не е точно, верските водачи што ја шират таа доктрина предизвикуваат збунетост и непотребни стравови кај оние што им веруваат. Освен тоа, го оцрнуваат Бог.

Што вели за ова Божјата реч, Библијата? Во следните статии ќе разгледаме на кој начин различни библиски преводи даваат одговор на следниве три прашања: 1) Што се случува кога некој ќе умре? 2) Што поучувал Исус за пеколот? 3) Како влијае врз тебе вистината за пеколот?