Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Зошто еден човек кому најважни му биле моторите, дрогата и спортот, решил да му служи на Бог полновремено? Што поттикнало еден коцкар да расчисти со својот порок и да си го издржува семејството со чесна работа? Што натерало една млада жена која пораснала како Јеховин сведок, но не се држела за библиските мерила, да размисли што прави со својот живот? Прочитај што има да каже секој од нив.

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

ИМЕ: ТЕРЕНС Џ. О’БРАЈАН

ВОЗРАСТ: 57

ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА

НЕКОГАШ: КОРИСТЕЛ ДРОГА, БИЛ ВЉУБЕНИК ВО МОТОРИ

МОЕТО МИНАТО: Детството го поминав во прометниот Бризбен, главниот град на Квинсленд. Моето семејство беше католичко, но кога наполнив 8 години, престанавме да одиме в црква и повеќе не зборувавме за религијата. Кога имав 10 години, се преселивме на Златниот брег на Австралија. Живеевме во близина на плажата, и во раните тинејџерски години многу пливав и сурфав.

Сепак, немав среќно детство. Татко ми нѐ напушти кога имав 8 години. Мајка ми се премажи, и во нашето семејство алкохолот и расправиите беа секојдневие. Една ноќ, по една особено жестока расправија помеѓу моите родители, седнав на креветот и се заколнав дека, ако некогаш се оженам, никогаш нема да се карам со жена ми. И покрај проблемите, нашето семејство — кое се состоеше од шест деца, мајка ми и мојот очув — остана заедно.

Кога навлегов во тинејџерските години, многу мои врсници се бунеа против секаков авторитет. Пушеа марихуана и тутун, користеа разни дроги и многу пиеја. И јас почнав да живеам неодговорно како нив. Освен тоа, многу сакав да возам мотори. Иако имав неколку тешки сообраќајки, не престанав да ги сакам моторите и одлучив да ја прошетам цела Австралија со мотор.

И покрај тоа што имав голема слобода, честопати се чувствував потиштен кога ќе помислев во каква состојба е светот и колку се бесчувствителни повеќето луѓе за проблемите што го мачат човештвото. Копнеев по вистината за Бог, за религијата и за состојбата во светот. Но, кога им ги изнесов моите прашања на двајца католички свештеници, се разочарав од нивните одговори. За истите теми разговарав и со различни протестантски проповедници, но бев подеднакво разочаран и од нивните одговори. Тогаш, еден пријател ме запозна со Еди, кој беше Јеховин сведок. Четири пати разговарав со него, и тој секогаш ја користеше Библијата за да ми одговори на прашањата. Уште од првиот разговор, знаев дека најдов нешто посебно. Но, во тоа време не гледав никаква потреба да променам нешто во животот.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Додека патував низ Австралија, разговарав со уште еден Сведок, кого го запознав по пат. Но, кога се вратив во Квинсленд, шест месеци немав никаков контакт со Сведоците.

Еден ден, додека се враќав од работа, на улица видов двајца убаво облечени мажи со актовки. Претпоставив дека се Јеховини сведоци. Кога им пристапив, ми се потврди претпоставката и ги замолив да ја проучуваат Библијата со мене. Веднаш почнав да одам на состаноците што ги одржуваат Сведоците, а бев дури и на еден голем конгрес во Сиднеј во 1973 год. Меѓутоа, кога другите во моето семејство — особено мајка ми — дознаа што правам, многу се лутеа. Од таа и од други причини, престанав да контактирам со Сведоците. Една година бев обземен од мојата втора голема љубов, крикетот.

Но, со текот на времето сфатив дека бев вистински среќен само кога ја проучував Библијата со Јеховините сведоци. Повторно стапив во контакт со нив и почнав да одам на состаноците. Исто така, престанав да се дружам со пријателите што користеа дрога.

Вистинскиот мотив за да ги направам тие промени беше она што го научив за Јов, личност што се спомнува во Библијата. Еден љубезен, но отворен постар Сведок по име Бил редовно разговараше за Библијата со мене. Откако го проучивме извештајот за Јов, Бил ме праша кого друг Сатана го обвинува дека му служи на Бог само со половина срце (Јов 2:3-5). Ги спомнував сите библиски личности што ги знаев, а Бил стрпливо ми одговараше „да, да, и нив“. Потоа ме погледна в очи и ми рече: „Сатана го вели истото и за тебе!“ Тоа ме допре многу длабоко. Пред тој разговор, знаев дека она што го учам е вистина. Но, сега сфатив дека треба и да го применувам она што го учам. Четири месеци по тој разговор, се крстив како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Страв ми е и да помислам каков ќе ми беше животот сега ако не научев да живеам според библиските мерила. Најверојатно ќе бев мртов. Многу од моите поранешни пријатели умреа како последица од злоупотребата на дрога или алкохол. Исто така, имаа несреќни бракови. Најверојатно и мојот живот ќе беше ист.

Сега сум оженет, и жена ми, Маргарет, и јас, радосно служиме во подружницата на Јеховините сведоци во Австралија. Никој друг од моето семејство не му служи на Јехова. Сепак, низ годините, Маргарет и јас ја проучувавме Библијата со многу поединци и брачни парови што ги променија своите животи како мене. Така стекнавме многу добри пријатели. Освен тоа, Маргарет, која од дете е воспитувана како Сведок, ми помогна да се држам за заветот што го дадов пред речиси 40 години. Повеќе од 25 години сме во среќен брак. Немаме секогаш исто мислење за сѐ, но досега не сме се карале. Сметаме дека за тоа треба да ѝ бидеме благодарни на Библијата.

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

ИМЕ: МАСАХИРО ОКАБАЈАШИ

ВОЗРАСТ: 39

ЗЕМЈА: ЈАПОНИЈА

НЕКОГАШ: КОЦКАР

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во Ивакура, релативно мало место на околу половина час патување со воз од Нагоја. Татко ми и мајка ми ги памтам како многу добри луѓе. Но, подоцна дознав дека татко ми бил јакуза, или гангстер, кој извесно време го издржувал нашето петчлено семејство вршејќи проневери. Секој ден многу пиеше, а кога имав 20 години, умре од цироза на црниот дроб.

Татко ми беше Кореец, па затоа нашето семејство честопати беше жртва на предрасуди. Од таа причина, како и поради други проблеми, тинејџерските години ми беа многу тешки. Се запишав во средно училиште, но одев на школо само понекогаш и по една година го напуштив училиштето. Веќе имав криминално досие, па кога на тоа ќе се додаде фактот дека бев половина Кореец, тешко можев да најдам работа. На крајот успеав да се вработам, но си ги повредив колената и не можев да вршам физичка работа.

Почнав да заработувам играјќи пачинко, една коцкарска игра слична на флипери. Тогаш живеев со една девојка што ме тераше да си најдам сериозна работа и да се венчаме. Но, јас многу заработував со коцкањето, и не сакав да променам ништо во животот.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Еден ден, еден Јеховин сведок ни дојде на врата и ми ја остави книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање? Никогаш порано не сум размислувал за тоа прашање. Меѓутоа, откако ја прочитав книгата, се согласив да дознаам нешто повеќе за Библијата. Отсекогаш се прашував што се случува кога некој ќе умре. Кога добив јасни библиски одговори во врска со оваа и со други теми, се чувствував како да ми се отворија очите.

Сфатив дека треба и да го применувам она што го учам од Библијата. Затоа, го регистрирав мојот брак, престанав да пушам, си ја потстрижав русо бојосаната долга коса и изгледав пристојно. Исто така, престанав да се коцкам.

Не беше лесно да се направи ниедна од овие промени. На пример, не можев да се откажам од тутунот со сопствени сили. Но, успеав со горливи молитви и потпирање на Јехова Бог. Исто така, првото работно место што го најдов откако престанав да играм пачинко беше вистински предизвик за мене. Заработував само половина од парите што ги добивав со коцкање, а работата беше тешка и напорна. Во тој тежок период многу ми помогна библискиот стих од Филипјаните 4:6, 7. Таму пишува: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“. Во многу ситуации, ова ветување се исполни на мене.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Кога првпат почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, жена ми не беше многу среќна поради тоа. Но, кога виде колкави промени правам во животот, почна да присуствува кога проучував и да доаѓа со мене на состаноците на Јеховините сведоци. Сега двајцата сме Јеховини сведоци. Голем благослов е што заедно му служиме на Бог!

Пред да ја проучувам Библијата, си мислев дека сум среќен. Но, дури сега знам што е вистинска среќа. Секако дека не е лесно да се живее според библиските мерила, но сигурен сум дека тоа е најдобриот начин на живот.

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

ИМЕ: ЕЛИЗАБЕТ ЏЕЈН СКОФИЛД

ВОЗРАСТ: 35

ЗЕМЈА: ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО

НЕКОГАШ: ЖИВЕЕЛА ЗА ВИКЕНДИТЕ

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во Хардгејт, гратче во близина на Глазгов (Шкотска). Кога имав 7 години, мајка ми, која стана Јеховин сведок, почна да ме поучува за Библијата. Но, кога имав 17 години, повеќе сакав да бидам со школските другари — одевме во ноќни клубови, слушавме хеви метал музика и пиевме. Воопшто не помислував на духовни работи. Живеев за добар помин на викендите. Меѓутоа, сето тоа се промени кога имав 21 година.

Отидов на гости кај некои мои роднини во Северна Ирска. Додека бев таму, ја видов протестантската парада позната како Маршот на портокаловите. Бев шокирана од отворената омраза и верската нетрпеливост помеѓу протестантите и католиците. Всушност, тоа ме освести. Се сетив што ме учеше мајка ми за Библијата и знаев дека Бог никогаш не би ги одобрил оние што ги погазуваат неговите мерила дадени од љубов. Одеднаш сфатив дека сѐ што правев во животот беше за да си угодам само себеси, воопшто не размислувајќи како сака Бог да живеам. Решив сериозно да ги проучам библиските учења кога ќе се вратам во Шкотска.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Првиот пат кога повторно отидов на состанок на Јеховините сведоци во мојот град, ми беше незгодно и бев напната. Меѓутоа, сите беа љубезни со мене. Кога почнав да го применувам она што го учев од Библијата, една многу фина жена од собранието посебно се заинтересира за мене. Таа многу ми помогна повторно да се почувствувам како дел од собранието. Моите поранешни пријатели продолжија да ме викаат да излегуваме во ноќни клубови, но јас им реков дека сериозно мислам да живеам според библиските мерила. Со текот на времето, престанаа да ми се јавуваат.

Во минатото ја сметав Библијата само за книга со правила. Сега не мислам така. Библиските ликови ми станаа реални луѓе со чувства и слабости, исто како мене. И тие правеле грешки, па сепак, Јехова Бог им простувал кога искрено се каеле. Стекнав доверба дека, иако му го свртев грбот на Бог кога бев млада, тој ќе ми прости и ќе ги заборави моите минати грешки ако правам сѐ за да ја вршам неговата волја.

Длабоко ме трогнаа и постапките на мајка ми. Иако јас го напуштив Бог, таа никогаш не ме напушти мене. Нејзината цврста лојалност ми помогна да сфатам дека вреди да му се служи на Јехова. Кога бев помлада и проповедав од куќа до куќа со неа, не уживав во тоа и не можев да си замислам со часови да им проповедам на луѓето. Но, сега одлучив да го ставам на испит ветувањето на Исус запишано во Матеј 6:31-33. Тој рекол: „Немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘... Вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“. Кратко откако се крстив како Јеховин сведок, дадов отказ од работа, си најдов работа со скратено работно време и станав полновремен проповедник.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Кога бев помлада и живеев само за да се забавувам на викендите, не чувствував никакво задоволство. Животот ми беше празен. Сега сум целосно посветена на службата за Јехова и чувствувам вистинска исполнетост. Мојот живот има смисла. Сега сум мажена, и секоја седмица со мојот сопруг патуваме во различни собранија на Јеховините сведоци и ги охрабруваме. Тоа дело го сметам за најголема чест во мојот живот. Многу сум му благодарна на Јехова што ми даде уште една шанса!

[Истакната мисла на страница 27]

„Уште од првиот разговор, знаев дека најдов нешто посебно. Но, во тоа време не гледав никаква потреба да променам нешто во животот“

[Истакната мисла на страница 29]

„Не можев да се откажам од тутунот со сопствени сили. Но, успеав со горливи молитви и потпирање на Јехова Бог“

[Истакната мисла на страница 30]

„Во минатото ја сметав Библијата само за книга со правила. Сега не мислам така. Библиските ликови ми станаа реални луѓе со чувства и слабости, исто како мене“