Дали Јеховините сведоци се протестантска религија?
Читателите прашуваат
Дали Јеховините сведоци се протестантска религија?
Јеховините сведоци не се сметаат себеси за протестантска религија. Зошто?
Протестантизмот се појавил во Европа во 16 век, во обид да се направат реформи во Римокатоличката црква. „Протестанти“ најнапред биле наречени следбениците на Мартин Лутер, на Собирот што се одржал во Шпајер во 1529 год. Оттогаш, со овој збор обично се нарекуваат сите оние што се држат за принципите и целите на реформацијата. Според дефиницијата што е дадена во еден Вебстеров речник, протестант е „член на една од неколкуте вероисповеди што не го признаваат апсолутниот авторитет на папата и се придржуваат за принципите на реформацијата, имено, дека Божјата милост се стекнува само преку верата, дека сите верници го сочинуваат свештенството и дека Библијата е единствениот извор на вистината“ (Merriam-Webster’s Collegiate Dictionary, 11. издание).
Точно е дека Јеховините сведоци не се согласуваат дека папата има апсолутен авторитет и потполно ја признаваат Библијата како најважна книга. Сепак, се разликуваат од протестантските религии во многу битни работи. Всушност, во една енциклопедија на религијата, Јеховините сведоци се опишани како „посебни“. Да разгледаме три работи во кои се разликуваат од протестантите.
Прво, иако протестантските религии отфрлаат одредени обележја на католицизмот, водачите на реформацијата задржале извесни католички догми, како што е верувањето во тројство, во пекол и во бесмртност на човечката душа. Меѓутоа, Јеховините сведоци веруваат дека овие учења не само што се спротивни на Библијата туку пренесуваат и погрешно гледиште за Бог. (Види на страници 4-7 од ова списание.)
Второ, целта на Јеховините сведоци не е да протестираат против некоја црква, туку да ги поучуваат луѓето. Тие сериозно го сфаќаат библискиот совет: „Господовиот слуга не смее да се расправа, туку треба да биде кроток кон сите, способен да поучува и да трпи; да ги воспитува со кротост оние кои се противат“ (2. Тимотеј 2:24, 25, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Точно е дека Јеховините сведоци ги посочуваат спротивностите меѓу она што го вели Библијата и она што го учат многу религии. Сепак, нивната цел не е да ги реформираат другите верски организации. Наместо тоа, нивната цел е да им помогнат на искрените поединци добро да го запознаат Бог и неговата Реч, Библијата (Колошаните 1:9, 10). Кога луѓето со поинакви убедувања категорично не се согласуваат со нив, Јеховините сведоци избегнуваат да се впуштаат во бесцелни дебати (2. Тимотеј 2:23).
Трето, за разлика од протестантското движење, кое се расцепкало на стотици верски заедници, Јеховините сведоци останале обединети во едно светско братство. Кога се работи за библиските науки, Јеховините сведоци во преку 230 земји го следат советот на апостол Павле ‚да зборуваат едно‘. Меѓу нив нема поделби. Наместо тоа, тие се вистински „обединети со ист ум и со ист начин на размислување“ (1. Коринќаните 1:10). Се трудат меѓу себе ‚да го одржат единството на духот, во мирот кој ги поврзува‘ (Ефешаните 4:3).